15 годишниот Селдин Салиу, кој е шампион во уметничко лизгање на Италија, вечерва за прв пат ќе лизга под Македонско знаме

Дете од Дебарско стана виртуоз на мраз во Италија.

Селдин Салиу има 15 години. Тој е роден во Македонија, но од земјава тој и неговите заминале кога имал само шест месеци.  Роден е во  Ростуше. Сега Селдин е шампион во уметничко лизгање на Италија и Европски шампион во категорија кадети, а вечерва ќе го има првиот натпревар под знамето на Македонија!

Тој можеби е единственото дете од Македонија што професионално се натпреварува во уметничко лизгање.

За разлика од своите врсници во селото Требиште, кои се лизгаат на мразот само за забава, младиот Селдин Салиу лизга како вистински професионалец. Неговото лизгање е повеќе од забава, тоа е уметност. Селдин, досега освоил неколку награди во натпреварувањата во уметничко лизгање во Италија. Неговите родители се гордеат што тој е виртуоз на лизгалиштата во Италија.

– Започна кога имаше пет и пол години со учество на еден мал курс организиран од градинката и од актуелната спортска екипа во уметничко лизгање. Веднаш го засака овој спорт и од тогаш не престана да лизга – вели таткото Алисан.

Тој вели дека уметничкото лизгање е спорт што е најмногу застапен во северна Италија, но на шега вели дека повеќе го сакаат девојчињата отколку момчињата. Селдин е еден од ретките. Тој ги откри своите амбиции и соништа:

– Мојот сон е еден ден да станам светски шампион. Секој ден нестрпливо чекам да си дојдам од училиште и да одам на тренинг каде што секојдневно учам некој нов скок – вели малиот Селдо.

Во Македонија, освен блиските роднини и пријателите, безмалку никој не знае дека Селдо е вистински шампион. Неколкупати се качил на шампионскиот пиедестал освојувајќи прво место на натпреварувањата, но најдрага му е една неодамнешна победа.

– Посебно драг ми е последниот натпревар во местото Kлаут во близина на Венеција. Успеав да го надминам мојот ривал, кој го чуваше првото место подолг период и наместо него, јас се качив највисоко на подиумот – вели Селдо.

Непознат за македонските медиуми тој во Италија досега неколкупати се нашол на страниците во тамошните весници. Дека е вистински талент потврдува и Иларија Давере, некогашен национален шампион на Италија, а сега актуелен тренер во уметничко лизгање.

– Селдин е дете со голем интерес за овој спорт. Секојдневно вложува голем труд, а тоа го потврдуваат и неговите добри резултати. Се надевам дека ќе продолжи со овој ритам, упорност и посветеност со цел да влезе во националната екипа на Италија и да се натпреварува на највисоки нивоа во целиот свет – вели Давере.

Со поените што ги постигнал сезонава се квалификува за Kупот на Италија, закажан за крајот на март, а таму се натпреваруваат оние со најдобри резултати. И додека другите му предвидуваат светла иднина, Селдин секојдневно докажува дека е вистински шампион на мразот и дека лизгалиштето е негов втор дом. Со неговите лизгалки тој на мразот веќе ги исцртува своите соништа.

извор: Агенција за иселеништво

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *