Гоце Бумбароски: Домашните задачи ги заменуваат другите забавни работи што се важни за развојот на децата, да промениме нешто …

Замислете…

По неколку часа поминати на училиште во седење и активности насочени претежно кон возрасните, на детските умови и тела им следуваат нови такви, па дури и потешки активности кога ќе се вратат дома, а тоа се домашните работи, објави деца.мк.

Домашните задачи ги заменуваат другите забавни работи што се важни за развојот на децата како и активностите што им помагаат да прераснат во здрави и среќни возрасни личности.

Пребарувајќи низ достапните истражувачки студии наидов на една од Харис Купер, водечки истражувач кој со децении го проучувал ефектот на домашните задачи, па на крајот заклучил: „Нема докази дека домашната задача ги подобрува перформансите на учениците од нижите одделенија во основното образование“.

Не само што не успева да ги подобри перформансите на учениците, туку всушност може да биде и штетна за ставовите на децата кон училиштето и врз нивното физичко здравје, пишува деца.мк.

Гоце Бумбароски со учениците

Јас ги играм двете улоги – наставник и родител речиси една деценија.

Тоа ме поттикна да направам една листа со активности кои би можеле децата да ги имаат во часовите помеѓу крајот на училишниот ден и времето за в кревет.

Сметам дека со овие активности (за ученици до 8-9-годишна возраст) децата ќе постигнат далеку подобри резултати на училиште и во животот понатаму отколку да имаат класична домашна работа.

Па да почнеме:

1. Скокање со јаже – спонтаните замислени активности водат кон посреќни, поздрави деца.

Преку играта се стекнуваат искуства кои им овозможуваат на децата да стекнат социјални, емоционални и интелектуални вештини што не би можеле да ги стекнат на друг начин.

2. Разговор меѓу родителите и децата – семејствата голем дел од времето треба да го поминуваат зборувајќи за тоа како им поминал нивниот ден и денот на детето.

Всушност, разговорот е најдобриот начин за сите нас, особено малите деца, да научиме за нашиот свет и да негуваме емпатија.

3. Спиење (сон) – недостиг на сон може да предизвика секаков вид проблеми кај децата, вклучително и слабо внимание, проблеми со однесувањето, тешкотии на училиште, раздразливост и зголемување на телесната тежина.

4. Наместо читање во себе, читање наглас – евидентно е дека децата што читаат наглас се подобри во училиште и имаат подобар вокабулар.

Љубовта кон читањето, т.е. развивањето здрави читачки навики може да се постигне на училиште, но, сепак, домашните задачи можат да им го одземаат времето што децата можат да го поминат во читање.

Оваа активност може многу да им помогне на учениците што имаат проблем со изразувањето.

5. Играње во ораница (земја или кал) – поинаков вид игра, сензорна игра, која исто така е клучна за развојот на децата.

Кога децата мачкаат глина или боја со прсти, тие ги стимулираат нивните сетила.

Начинот на кој децата користат материјали е многу поважен од она што го прават со нив.

6. Играње во песок со другарче – игра во која децата играат едни до други, почнува од мали нозе.

Таквата игра може да помогне да се развијат критични социјални вештини.

7. Помош при подготовка на јадење (ручек/вечера) – децата што учат како да ја подготват храната во иднина може да изберат поздрава храна.

8. Шетање на куче – децата кои помагаат и се грижат за домашни миленици помалку се вознемирени, помала е веројатноста да развијат алергии и астма и се поактивни.

9. Одгледување зеленчукова градина – децата што работат во градините може да имаат поголеми резултати во науката отколку оние што не работат.

Тоа е затоа што тие активно се вклучуваат во научните концепти и практикуваат математички вештини, но и учат за растенијата.

10. Свирење на музички инструмент – децата што учествуваат во музички активности, особено оние што редовно практикуваат инструмент и активно учествуваат во музички групи, имаат поактивни мозоци.

11. Опуштете се и дружете се со баба и дедо – меѓугенерациските односи може да имаат позитивно влијание врз децата.

Тие можат на поинаков начин да ги научат како да се справат со конфликти, а со тоа и да ги прифаќаат семејните традиции.

12. Цртање слика – за децата што имаат проблем да се изразат вербално, цртањето може да биде начин за тие да се релаксираат и да комуницираат на поинаков начин.

13. Средување на детската соба или друга просторија од домот – преку ваквото учество родителите ги учат децата на одговорност, како да придонесат во семејниот живот, чувството на емпатија и како да се грижат за себе.

14. Пишување приказна – со пишување приказни, децата можат да ги искажат своите чувства, да ги истакнат своите фантазии и да ги практикуваат своите убави моторни вештини.

15. Медитација/мечтаење – децата имаат потреба да мечтаат/медитираат.

Таа може да го подобри однесувањето, фокусирањето и да ја намали импулсивноста.

16. Слушање класичната музика – класичната музика на децата може да им ги подобри нивните вештини за слушање и концентрација, како и самодисциплината.

17. Плетење – плетењето, па дури и шиењето копчиња се хобија што може да помогнат во зајакнувањето на фините моторни вештини, да ја подобрат координацијата и да се развие подолготрајно внимание.

18. Возење велосипед – деца што се физички активни имаат посилни срца, бели дробови и коски.

Тие се со помала веројатност да развијат сериозна болест или да имаат прекумерна телесна тежина и со поголема веројатност да бидат поздрави.

Нашите деца заслужуваат шанса да ги поминат сите останати часови надвор од училиште, извршувајќи ја најважната работа од сите: да се биде дете.

Автор: М-р Гоце Бумбароски, наставник по одделенска настава во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп

текстот е превземен од : деца.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *