ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Управување со промени

Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс. 

Сите ние посакуваме нештата во нашиот живот да се одвиваат на позитивен и хармоничен начин, но дали е тоа возможно во ова денешно време опфатено со многу борби, неизвесности и промени. Неподготвеноста за соочување со разните промени кои станаа белег на современото живеење, може да создаде големи тешкотии за воспоставување мир и стабилност во животот. Себеприфаќањето, позитивниот однос кон мигот на сегашноста, внатрешната хармонија и силниот дух се основни вредности за надминување на проблемите и соочување со промените. Колку подобро управуваме со промените толку похармонично ќе ни биде во животот. Стабилноста на карактерот, непоколебливоста, жилавоста и решителноста во бранењето на сопствените права и вредности се силна брана пред налетот на разните негативни влијанија на околината.

Промените најчесто се тесно поврзани со проблемите. Кога се чувствуваме сигурни и стабилни со самите себе, тогаш најмалку сакаме да ни се случуваат промени и искушенија кои би можеле да го нарушат комодитетот на личноста. Античкиот филозоф Хераклит има кажано: „Сè тече, сè се менува“. Тоа значи дека ништо не е статично, туку сè е подложно на промена. Ако промената е вечна, што е исто така вечно – проблеми. Промената е дел од животот, а животот е исполнет со проблеми. Луѓето не ги сакаат промените, бидејќи се плашат од проблеми и потенцијални конфликти.

„Колку повеќе има промени толку повеќе ќе се соочуваме со проблеми“, смета светски познатиот деловен консултант Исак Адижес (роден во Скопје). Индустриската револуција и информатичката технологија предизвикаа промените се побрзо да се случуваат и да создаваат нови начини на функционирање на општествен, економски и социјален план. Социјалните мрежи во голема мера ја олеснија можноста за пронаоѓање партнери, но предизвикаа и растурање на многу љубовни и брачни врски. Односот кон семејните вредности почна да се менува, моралот сè поретко се пропагира и почитува, како и чувството за општо добро, духовноста и мудроста. Сите ние се повеќе сме под удар на лошите егзистенцијални околности, манифестирани низ опасност од болести, материјална немаштија, губење на работно место, негативни меѓучовечки односи, нарушување на приватноста и закана за безбедноста.

Денес стана исклучително тешко однапред да се планираат активности и да се носат стратегиски одлуки кои ќе гарантираат сигурност и стабилност во подолг временски период. Нештата се менуваат со вртоглава брзина, така што современиот човек не знае што може да очекува и со какви искушенија, борби и тешкотии ќе мора да се соочува.

КОЛКУ ПРОБЛЕМИТЕ СЕ ПОГОЛЕМИ, ТОЛКУ ПОСИЛНО СМЕ ПОД УДАР НА СТРЕСОТ И ПОДЛОЖНИ НА КОНФЛИКТИ. СООЧУВАЊЕТО СО ПРОБЛЕМИТЕ СОЗДАВА КОНФЛИКТ, А СЕКОЈ КОНФЛИКТ ПРЕДИЗВИКУВА СТРАДАЊЕ. КОНФЛИКТОТ ТРОШИ ЕНЕРГИЈА. БОЛЕН Е ЗА СИТЕ, ТАКА ШТО ЛУЃЕТО ТРАГААТ ПО РЕШЕНИЈА СО ШТО БИ СЕ СПРЕЧИЛА ПОЈАВАТА НА КОНФЛИКТИ.

Егзистенцијалната неизвесност предизвика животот постојано да биде исполнет со стрес, нервоза и конфликти. Брзото темпо на живеење создаде притисок да се стигне, да се постигне, да се има и да се биде што побогат, поуспешен, статусно воздигнат, предметно определен и телесно задоволен. Моќта, парите и телото станаа сè, наметнувајќи ја тезата дека „ако немаш пари и моќ, ништо не си“. Но, дали парите, моќта и статусот можат да ни го купат мирот во душата и да нé извлечат од празнотијата на духот, фрустрацијата и површноста?

Копнежот за што повеќе и повеќе материјални добра човекот го претвори во роб на предметното и телесното.Опсесивната насоченост кон материјалното и тоталната предаденост на работата создадоа предуслови луѓето се поретко да наоѓаат време за уживање, смеење и споделување на позитивните емоции со најблиските. Борбата за повисок стандард, создаде понизок квалитет на животот низ гледна точка на недостиг на емпатија, време за себе, топли меѓучовечки односи, внатрешна хармонија, искрена љубов и посветеност на блиските.

Едно од главните прашања стана: Како да ги избегнеме притисоците и опасностите присутни во современото живеење и да останеме смирени, опуштени и насочени кон духовните вредности на животот?

Опасноста за психофизичката состојба на нашата личност се појавува ако не ги контролираме своите желби, односно се прејадуваме;станеме подложни на разни пороци и ниски страсти;постојано работиме и не наоѓаме време за одмор; дозволиме да бидеме искористувани и експлоатирани од другите; се разјадуваме со негативни мисли; долг период трпиме надворешни притисоци и живееме на граница на силите со нагон на самоодржување. Сите овие ситуации покажуваат дека е нужно да направиме коренити промени во својот живот и да престанеме да се самоуништуваме со практикување на негативната матрица на однесување. Промената е чин на мигот, така што не се потребни преголеми мудрости, тактики и логики, туку потребни се одлуки и имплементирање на тие одлуки во правецот на афирмативната решеност за создавање позитивни промени во сопствениот живот.

НЕ Е ДОВОЛНО ДА РАЗМИСЛУВАМЕ ЗА ПРОМЕНИТЕ, ТУКУ ТРЕБА ДА ДЕЈСТВУВАМЕ И ПРАКТИЧНО ДА ГИ РЕАЛИЗИРАМЕ ЦЕЛИТЕ. ЕДНА ОД ГЛАВНИТЕ ЦЕЛИ НА ЧОВЕКОТ Е ДА УМЕЕ ДА УПРАВУВА СО ПРОМЕНИТЕ, ДА УСПЕЕ ДА СЕ ИЗВЛЕЧЕ ОД ПРОБЛЕМИТЕ И ДА ВОСПОСТАВИ ВНАТРЕШНА ХАРМОНИЈА.

Промената може да дојде однадвор или однатре. Патот кон внатрешната промена секогаш е поврзан со будење на свеста, себеприфаќањето, ослободувањето од чувството на вина, позитивниот начин на размислување, личниот развој и препознавањето на сопствените вредности. Покрај промените, вечни се и проблемите, но и можностите за подобрување на состојбата во која се наоѓаме. Само кога нема да нè има на овој свет ќе престанеме да се сретнуваме со промени, проблеми и можности. Да се живее значи да се решаваат проблеми, а духовно да се порасне значи да се биде способен да се решаваат поголеми проблеми. „Помал број на проблеми не е знак за развој, туку за умирање“, напишал Исак Адижес. Според него: „Малото дете има многу проблеми, старата личност која е на умирање има само еден проблем – како да остане жива“.

СЕКОЈ ПРОБЛЕМ Е ПРИКРИЕНА ШАНСА И СЕКОЈА ШАНСА МОЖЕ ДА БИДЕ ПРИКРИЕН ПРОБЛЕМ. ПРОБЛЕМОТ Е МОЖНОСТ НЕШТО ДА НАУЧИМЕ И ДА СТАНЕМЕ ПОДОБРИ ВО ТОА ШТО ГО РАБОТИМЕ. ОДНОСОТ КОН ПРОБЛЕМИТЕ ЗБОРУВА ЗА ЈАЧИНАТА НА НАШИОТ ДУХ И ЗА СПОСОБНОСТА ДА УПРАВУВАМЕ СО ПРОМЕНИТЕ. КОГА НЕ БИ ПОСТОЕЛЕ ПРОБЛЕМИ, НЕ БИ МОЖЕЛЕ ДА ЈА ТЕСТИРАМЕ ДУХОВНАТА СИЛА И ДА ПРЕИСПИТАМЕ КОЛКУ ВРЕДИМЕ.

Ако сакаме проблемите да ги претвориме во прилики, неопходно е да ги спроведеме следните чекори: да ја преиспитаме ситуацијата во која се наоѓаме; да одлучиме што да работиме; да веруваме во сопствените способности и ефикасно да ги спроведеме своите одлуки. Многумина донеле одлуки во однос на пушење, јадење, неостанување до доцна во ноќта и други лоши навики, но сепак немале волја да ги спроведат тие одлуки на дело. За да ги решиме проблемите мора да бидеме настојчиви, доследни и одлучни во реализација на промените.

Одредени лица не можат да ги ефектуираат одлуките, бидејќи сметаат дека немаат доволно информации или се плашат да ризикуваат. Тие не сфаќаат дека најлошата варијанта е да донесат одлука дека не треба да се донесува одлука. Поентата не е да ја избегнуваме промената, туку конфликтот што го предизвикала промената да биде конструктивен, а не деструктивен. Сите промени не создаваат проблеми, посебно ако правилно управуваме со промените и точно знаеме што сакаме и што треба да постигнеме.

Многу од промените се шанса за нешто ново и подобро  така што не треба да бегаме од промените, посебно ако тие промени може да нé извлечат од лошите и неубави нешта во животот.

фото: Архива

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *