КОКИНО – природна опсерваторија и светилиште, тврдина на сонцето и месечината

Покрај многуте убавини што ја красат Македонија со почит можеме да ја додадеме древната мегалитска опсерваторија Кокино, создадена под влијание на природните сили. Сместена е на неовулкански рид, на надморска височина од 1030 м, со должина од околу 90 м и ширина од 50 м, под планинскиот врв Татиќев камен, во атарот на село Кокино, Кумановско. Како културно наследство од исклучително значење, што е единствен таков статус на локалитет во Македонија, откриена е случајно дури во 2001 г. Датира од 1800 г. п.н.е, односно од раното бронзено време и е стара најмалку 3800 години. Американската вселенска агенција НАСА во 2005 г. ја рангираше на високото 4. место по старост во светот.

Мегалитската опсерваторија Кокино се наоѓа на неовулкански рид. Карпите се создадени со стврднувањето на лавата, која истекла од вулкански кратер. Времето и ерозијата направиле процепи и дел од тие процепи биле главните маркери низ кои се следеле циклусите на Сонцето и Месечината и се мерело времето. Седумте камени маркери во минатото ги означувале местата за изгревање на Сонцето и Месечината. И тоа во периодите на кусодневица, рамнодневица и долгодневица, како и нивните отклони. Сонцето, всушност, само на рамнодневиците – на 21 март и на 21 септември – изгрева точно на исток и заоѓа точно на запад. Потоа, постепено има отклонување кое изнесува до 45 степени.

Местата на изгревање се опфаќаат со природните маркери на мегалитните стени во Кокино. Тие укажуваат дека изгревањата на исто место на Сонцето се повторуваат на 18,6 години. Веројатно некои членови на племенската заедница имале задача секојдневно да ги следат движењата на небесните тела и да прават календари. Истите потоа ги користеле за одредување на деновите за ритуалните обреди, како и за започнување на сезонските работи во земјоделството и сточарството. Опсерваторијата Кокино е сместена на две скалести платформи од кои се следеле планетите. На горната платформа се пронајдени траги од неколку објекти и делови на керамика.

Археолошки наоди во Кокино

Според наодите на археолозите на локалитетот Кокино немало живеалишта туку дека опсерваторијата Кокино воедно била и светилиште. Во процепите на карпите се ставале предмети наменети за нивните божества. На локалитетот има и еден вид престол, каде што, најверојатно, седеле старешините и водачите на племето. При откривањето на локалитетот пронајдени се бројни артефакти (керамички чинии, амфороидни садови, камени секири итн.).

Голем број на артефакти се откриени во посебни археолошки целини. Кокино е со доминантна позиција на ридот над непосредната околина. Зафаќа голем радиус на видливост од неговиот врв. До врвот може да се стигне по блага падина осветлена од сонцето на неговата југоисточна страна. Археолошките целини и топграфските карактеристики ја потврдуваат неговата употреба како планинаско светилиште, на кое бронзенодопските жители од околниот простор изведувале некои „планински“ обреди.

Речиси сите археолошки артефакти беа пронајдени на највисокиот дел на локалитетот и малку подолу, на северната падина на ридот. За време на археолошките истражувања беа идентификувани два типа на обредни конструкции: обредни јами и кружни камени конструкции. Наодот на сад со облик на инка укажува дека била применувана и либација (истурање на течности). Многу од археолошките наоди од Кокино датираат од раното бронзено време (21- 17 в. пред н. е.), како и од доцното бронзено време (14- 11 в. пред н. е.). Наодите кои датираат од средното бронзено време се многу поретки.

Понови археолошки истражувања

Истражувања во археологија во последните неколку години открија траги од населба од железното време (7в. пред н. е.), подигната на јужната падина на ридот. Ова е клучен доказ дека после тоа локалитетот не бил употрбуван како светилиште иако, можеби, продолжила неговата употреба како опсерваторија. Археолошките наоди најдени во обредните јами и кружните камени конструкции се керамички садови и нивни фрагменти. Пронајдени се и рачни мелници за житарки, пирамидални тегови, прешлени за вретена, калапи за лиење на бронзени предмети, камени секири и др.

Во обредните конструкции се ставани и мали вотивни керамички фигурини, со претстави на делови од човечко тело и на домашни животни. На локалитетот се пронајдени околу 100 обредни јами, формирани околу природни пукнатини во стените, со заградување на отворот на процепот со поситен камен измешан со земја, а понекогаш и со глина. Археолошките артефакти се нaоѓани на дното на јамите, покриени со земја и поситен камен. Отворот на вака пополнетите јами бил оградуван со камени плочи кои не потекнуваат од локалитетот.

Кружни камени конструкции на Кокино

Кружните камени конструкции сe состојат од кружно наредени поголеми природно кршени камења со дијаметар на кругот од 1-2 м. По поставање на даровите во централниот дел на кругот депозитот е покриван со земја и поситен камен. Древната опсерваторија Кокино (или Мегалитската опсерваторија Кокино) е една од најинтересните содржини на овој локалитет. Просторот користен за оваа намена е ориентиран во правец запад – исток. Се состои од пониска, западна и повисока, источна платформа (A и B), со висинска разлика од околу 19 м. меѓу нив, како и западната и северната астрономска платформа ( C и D). Платформите A и B биле користени за обредни дејствија.

Астрономските истражувања покажаа дека астрономската платформа C и маркерите се изработени во втората половина на 19 в. пред н. е. На основа на бележењето на изгревите на полната месечина праисториските набљудувачи на небото над Кокино изработиле календар со циклус од 19 години. Создавањето на календар е големо достигнување на праисториските жители. Тоа е доказ за добрата организација на животот и нивната духовна култура.

фото: Atlas Obscura

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *