ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Животни лекции

Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс. 

Животот е едно големо училиште во кое учиме значајни животни лекции исполнети со радост, убавина и хармонија, но надополнети и со многу разочарувања, немир и дисхармонија. Учиме од самите себеси, учиме од постапките на другите, учиме и од судбината која неретко нè соочува со тешки животни ситуации, поставувајќи нè пред клучното прашање: „Да се биде или не”.

Да се стане човек, да се биде среќен, да се креира позитивна животна цел и да се придонесе за напредокот на другите е суштинската мисија на секој духовно осознаен и душевно облагороден поединец. Овие нешта им биле познати и на старите Египќани – нивната животна филозофија била тесно поврзана со верувањето во задгробен живот и со потребата за бесмртност. Преку одговорот на прашањето: „Дали ја пронајде радоста во својот живот; дали во текот на животот ги направи другите луѓе среќни”, старите Египќани утврдувале дали по смртта човековата душа ќе отиде кај бога, а неговите дела ќе станат бесмртни.

Животот е непрекината низа на настани кои во себеси ја кријат смислата на нашето постоење и тајната на нашата животна мисија. Колку подлабоко продираме во самите себеси и ги осознаваме причините за нештата кои ни предизвикале болки и страдања, толку полесно ќе се справиме со последиците и ќе најдеме решение за проблемите. Себеосознавањето е клучен аспект на мирот и хармонијата и основа за воспоставување квалитетен и исполнет начин на живеење. Иако не постои општа дефиниција за квалитетен и исполнет начин на живеење, сепак без постигнување мир со себе и внатрешна хармонија, илузорно е да се надеваме дека ќе може среќно и исполнето да живееме.

НЕКОИ ВЕЛАТ ДЕКА КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТОТ СЕ МЕРИ СПОРЕД ЛУЃЕТО КОИ ГИ ИМАМЕ ПОКРАЈ СЕБЕ; ЗА ДРУГИ ВЕРАТА Е НАЈВАЖНА; ТРЕТИ ЈА ФАВОРИЗИРААТ СТРАСТА; ЧЕТВРТИ ВО ПРЕДЕН ПЛАН ГИ ИСТАКНУВААТ ПАРИТЕ, МОЌТА И СТАТУСОТ; НЕКОИ СМЕТААТ ДЕКА ЖИВОТОТ НЕМА СМИСЛА БИДЕЈЌИ Е ПОЛН СО БОЛКИ И СТРАДАЊА. НО, МОЖЕБИ НАЈГОЛЕМАТА ВИСТИНА Е ДЕКА СМИСЛАТА, КВАЛИТЕТОТ И ВРЕДНОСТА НА ЖИВОТОТ СЕ МЕРАТ СООБРАЗНО ДЕЛАТА ШТО ГИ ОСТАВАМЕ ЗАД СЕБЕ И КОЛКУ ТИЕ ДЕЛА ПРЕТСТАВУВААТ ИНСПИРАЦИЈА ЗА МИРОТ, НАПРЕДОКОТ И СРЕЌАТА НА ДРУГИТЕ. ВО ТОЈ ПОГЛЕД, ВО БИБЛИЈАТА Е ЗАПИШАНО: „БЛАЖЕНИ СЕ МИРОТВОРЦИТЕ, ЗАШТО ТИЕ ЌЕ СЕ НАРЕЧАТ СИНОВИ БОЖЈИ”.

Да се придонесе за напредокот на другите и да се биде ориентиран кон позитивните вредности е голем предизвик кој бара цврст карактер, моќна самосвест, афирмативна волја и решеност да се издржи кога е најтешко. Неретко токму духовно најосвестените и најблагородните трпат најголеми удари од духовно неосвестените, завидливците и негативците. Овој свет како да не е креиран да го препознае светлото, туку се повеќе пропаѓа со својата оддаденост кон мрачното и деструктивното. Најголемите светители да се појават и да им бидат конкуренти на најмоќните политички лидери, прашање е дали со својата животна мисија на добрина, благородност и хармонија ќе можат да го придобијат мнозинството и да бидат меѓу „избраните”. Такво е нивото на свест на толпата која своевремено не успеа да ја препознае духовната големина, етичкото реформаторство и ореолот на љубовта на спасителот Исус Христос, туку на дадената можност да бираат, се одлучија да го спасат разбојникот (милитантниот националист) Варава.  Меѓутоа, дали со таквиот„избор” ја спасија својата душа, го постигнаа мирот и се извлекоа од празнотијата, површноста и бесмислата на своето постоење е прашање кое и денес е актуелно и карактеристично за начинот на живеење на современите „избирачи”.

За жал, постојат поединци кои во името на профитот, политичките интереси и привилегии способни се својот народ духовно да го затрујат со пропагирање разни невистини; физички да го загрозат со горење разни токсични материи; емоционално да го вознемират со убивање на надежта дека може да биде подобро; материјално да го осиромашат со константно и константно крадење; ментално да го обеспокојат со ширење на стравот и повикување да продолжат да гласаат, зашто „од лошо, има и полошо”. Најпоразително е што искуствата (историјата) потврдуваат дека од лошото навистина може да има и полошо. И се така во недоглед, додека човековата волја, емоција, мисла и здравје целосно нè попуштат и тогаш можеби за сè ќе биде доцна. За да не се случи тоа, неопходно е да ја научиме животната лекција дека не треба да се потпираме на надворешниот фактор, да не веруваме во празни зборови и својата доверба да им ја даваме на лица кои не водат сметка за општото добро, одговорноста, должноста и чесноста. Кога ќе сфатиме дека сите ние сме дел од една целина и дека не треба да дозволиме лошите, духовно неосвестените и алчните единки да ја креираат, уништуваат и деградираат целината (нашата заедничка иднина), можеби тогаш ќе постои шанса за општеството во кое живееме и за човештвото на кое му припаѓаме.

Мајка Тереза има кажано: „Ако не можеш да направиш големи нешта, направи мали, но со голема љубов”. Првото нешто кое треба да го направиме е да размислиме за состојбата на својата душа, потоа да преиспитаме кон какви вредности ја насочуваме својата личност и дали придонесуваме општеството во кое опстојуваме да стане поубаво место за живеење. Со ориентација кон позитивното и со пронаоѓање на смислата во хуманото дејствување се приближуваме кон Бога и ја внесуваме радоста во сопственото постоење.

Правејќи ги другите луѓе среќни, воедно придонесуваме среќата да стане дел и од нашето живеење. Само така може да ја умножиме позитивната енергија и да ја пронајдеме радоста. Замислете го животот во кој клучна цел е да ги експлоатираме, лажеме, крадеме и изневеруваме другите. За каква животна мисија може да зборуваме ако сме водени од егоизмот, алчноста, ниските страсти, површноста и потребата да  манипулираме, искористуваме, повредуваме, загадуваме и уништуваме. Дали на тој начин својата душа му ја ветуваме на нечестивиот и придонесуваме мрачните сили и темните енергии да загосподарат со сепостоечкото?

Во религиозните книги е запишано дека определбата кон злото и негативната енергија никогаш не може да донесе мир во душата и среќа во животот. Ако нашата главна цел е да живееме во љубов и да бидеме во мир со себе, тогаш неопходно е да размислиме за состојбата во која се наоѓаме, да ја подигнеме свеста, да внимаваме на совеста и да разбереме дека секоја наша постапка, предизвикува последица.

Резултатите од нашите дела или недела можеби ќе бидат невидливи за пошироката јавност, меѓутоа ќе продолжат да опстојуваат во потсвеста, предочувајќи ја состојбата во која се наоѓа нашата душа. Колку и да ги потиснуваме неубавите, неморални и гревовни постапки, тие ќе испливаат на површината низ јасно видливиот или прикриен гнев, фрустрација, несигурност, немир и чувство на вина.

Излез постои, но само ако искрено се покаеме, побараме прошка и почнеме духовно да се трансформираме. Од друга страна, поединецот кој се ослободил од чувството на вина, ги надминал лошите влијанија, тргнал по патот на духовноста и осознал дека среќата доаѓа со мирот во душата, тој неизбежно зрачи со смиреност, радост, ведрина и душевна убавина. Дали постои поскапоцено задоволство од впечатокот дека со своето хумано, етичко и позитивно дејствување придонесуваме за среќата на другите, овозможувајќи и на душата да ужива во своето еволутивно (духовно) патување се до конечното просветлување.

Секој треба да се запраша самиот себеси: какви дела оставам зад себе и колку придонесувам позитивните вредности, етиката и добродетелта да станат патокази на среќното, хармонично и квалитетно живеење? Афирмативниот пристап и изборот на позитивното треба да бидат наша цел, затоа време е да престанеме да учиме лоши животни лекции и да зависиме од лицата кои нé покажуваат интерес за општото добро, правдата,моралот и чесноста.

фото: Архива

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *