Кафетерија во Капали-чаршија во Истанбул веќе 111 години служи автентичен турски чај и кафе

Кафетерија во познатата Капали-чаршија во Истанбул веќе 111 години придонесува кон големото историско богатство на чаршијата, пишува Агенција Анадолија (АА), а пренесе .aa.com.tr/

Кафетеријата „Етем Тезчакар Кахвеџи“ служи илјадници чаши автентичен турски чај и кафе секој ден.

Посетителите го пијат топлиот пијалак седнати на малите столчиња наредени пред дуќанот.

Бекир Тезчакар, по професија градежен инженер, се труди да ја продолжи семејната традиција.

„Живеев имајќи ја таа цел, се обидов да го одржам до денес, а мојата единствена цел денес е да го пренесам овој културен имот, да го претставам семејството и општеството на вистинскиот начин, и да направам еден чекор понапред во одржувањето на овие традиции“, рече Тезчакар, говорејќи за кафетеријата која ја води неговото семејство веќе пет генерации.

Тој истакна дека тие муштериите отсекогаш ги сметале како свои гости.

„Никогаш не го гледам ова место како кафетерија или место од каде што купувате нешто, или пак бизнис. За нас луѓето што нѐ посетуваат никогаш не биле муштерии, туку секогаш биле гости. Јас тежнеев само кон тоа да го претставам моето семејство и себеси како мал дел од Капали-чаршијата на правилниот начин, без да барам никакви придобивки од професијата, титули и кариери од [муштериите]“.

Нивната кафетерија започнала со работа во 1909 година, датумот е напишан на нивната визит-карта. Имаат и потврда која датира од Османлискиот период.

Го отворил неговиот прапрапрадедо кој пристигнал во Истанбул од североисточната турска област Ерзинџан кон крајот на 19 век.

„Мојот прапрадедо, особено дедо ми, а подоцна и татко ми, секој од нив има вложено огромен труд [во водењето на кафетеријата], но всушност татко ми Етем Тезчакар вложи огромен труд во еден најпроблематичен период, издигнувајќи го ова место до неговата денешна слава“, изјави Тезчакар за АА.

„Капали-чаршијата е културен и историски споменик и трговско средиште. Никогаш не чувствувавме дека ова место ни припаѓа нам, секогаш го земавме тоа со резерва“, додаде тој.

Извор: www.aa.com.tr/

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *