Денеска е Прочка, празник за меѓусебно простување помеѓу верниците 

Денеска е Прочка. Овој ден претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Прочка е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Господ Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето. Прошка бара помладиот од постариот со зборовите „Прости ми “, а постариот одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“.

Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца. Варено јајце се врзува на конец и над трпезата се завртува над главите на децата.

Амкањето е интересен обичај кој особено на децата им причинувал голема радост. Се изведувал на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла, потоа низ него се провирал конец кој се врзувал за урката, за таванот или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, најчесто домаќинката го држела конецот и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го лапнат јајцето, но без при тоа да се послужат со рацете.  Ако некој го лапнел јајцето, му го давале да го изеде, а амкањето продолжувало со друго. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

Со Прочка  завршуваат зимските и почнуваат пролетните празници.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *