Зоран Крстевски: ПРОСТУВАЊЕ

Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс. 

Колку позитивно да мислиме и да придонесуваме за доброто, неретко принудени сме да се соочиме со лошото и да вкусиме горчлива тага. Долготрајното опстојување со чувство на тага, самообвинување или лутина за тоа што ни се случило значи дека сме под силно влијание на стресот и навреденоста. Потиснатите емоции за трауматичните животни искуства или јасно манифестираната омраза, нетрпеливост и незадоволство поради односите во минатото, никогаш нема да ни донесат мир и хармонија во животот.

Да се живее со константен гнев, незадоволство, фрустрација и навреденост е знак дека сме претрпеле големо разочарување кое длабоко ја разнебитува и оневозможува внатрешната исполнетост на личноста. Постојат многу причини за разочарување, но ниедно не е толку големо какво што е разочарувањето во лицето за кое сме верувале дека е олицетворение на моралност, чесност, верност и посветеност. Кога се случува да бидеме повредени, искористени или изманипулирани од другите луѓе, тогаш неизбежно во себеси акумулираме емоционален отров и потсвесна агресивност.

Нечесните постапки, лагите и неправдите станаа составен дел од човековото живеење, така што колку и да сакаме да ги избегнеме тие многу лесно можат да го дисхармонизираат нашето битие. Опстојувањето во стрес и постојаното размислување за претрпените неправди и разочарувања ги уништува нашите шанси за постигнување мир со самите себеси и за остварување позитивни резултати. Не постои човек кој може да се врати во минатото и да го промени процесот на случувањата кои му предизвикале емоционални болки и психофизички страдања. Единствено што е во нашата моќ е да се фокусираме на мигот на сегашноста и да се обидеме да ги прифатиме нештата произлезени од минатото. Тоа што не можеме да го промениме должни сме да го осознаеме, прифатиме и согледаме како животно искуство од кое може многу да научиме. Нашата главна животна цел треба да биде постигнување мир и хармонија со самите себе. Но, дали е возможно да постигнеме внатрешна хармонизираност, доколку сè уште живееме со тага, разочараност, навреденост и потсвесна агресивност поради случките од минатото?

Што треба да направиме за да се ослободиме од емоционалниот отров и негативните рефлексии на животот?

Најскапоцената вредност што можеме да си ја подариме на самите себе е да ги иницираме главните начела на богољубивото постапување: да се покаеме;да простиме и да почнеме духовно да се трансформираме. Никој не е безгрешен, така што секој човек свесно или несвесно погрешил создавајќи го„доброто“ или продуцирајќи го злото. Кога длабоко и искрено ќе се покаеме за сè што сме направиле или не сме направиле, спонтано ја отвораме портата за прочистување на духот и за исцелување на душата.

Ослободувањето од емоционалниот отров и наталожениот гнев следи и откако ќе им простиме на другите за сето лошо кое ни го предизвикале. Но, пред да го направиме тоа, должни сме да си простиме самите себеси за невнимателноста, наивноста и вербата во лицата кои нè соочиле со страдањата, болките и неправдите. Во некои духовни текстови е запишано: „Прости им на оние кои те напаѓаат, навредуваат и понижуваат. Но, најмногу од сè, прости си себеси што им дозволуваш да те повредуваат“. Тоа значи дека секој е должен да се заштити од лошите и неморални поединци и да се избори за сопственото достоинство и самовредност.

Не може да одиме напред во животот ако продолжиме да внесуваме негативни мисли и омраза во своето битие. За каков духовен мир може да зборуваме ако постојано се разјадуваме со минатото, обвинувајќи ги другите за повредите што ни ги предизвикале и самите себеси за допуштањето тоа да се случи. Простувањето значи дека конечно сме завршиле со лошите состојби од минатото и дека сме подготвени да одиме напред кон перспективите на иднината. Грижата за својата душа и менталното здравје треба да бидат наш приоритет, а не окупираноста со лицата кои се определиле лошо и неморално да постапуваат. Ако веруваме во задгробен живот и бесмртност на душата, тогаш сè треба да оставиме на Божјиот суд кој врз основа на моралната одговорност, правилно ќе пресуди кој колку грешел и какви добрини направил – соочувајќи го со заслужената казна или благословената награда. Наше е да ја ослободиме душата од јаремот на омразата, негативните мисли и навреденоста и иницирајќи го простувањето да ја исцелиме својата болка. „Простувањето не е секогаш лесно. Понекогаш да се прости на оној што ни предизвикал болка е многу поболно од раната која притоа ни ја нанел. Меѓутоа, не постои мир без простување“, напишала Мериен Вилијамсон.

Честопати не сме подготвени да простиме или можеби вербално простуваме, но сè уште го носиме немирот во душата. Ако не сме подготвени да простиме, треба да почекаме лутината да помине и да се создадат предуслови за поголемо разбирање, сочувство и целосно простување.

Многу луѓе носат во себеси длабок гнев на непростување, бидејќи сметаат дека некој им го загорчил и уништил животот. Понекогаш е исклучително тешко да им простиме на одредени поединци кои многу ни згрешиле, нè разочарале и го атакувале нашето достоинство. Во такви ситуации треба да ги имаме на ум зборовите на св. Серафим Саровски: „Смири се ти – и илјада околу тебе ќе се спасат“. Недостигот на смирение може да нè соочи со голем јад во душата, да ни создаде болести и да ни предизвика да се казнуваме самите себеси со лутина, горчина и напнатост. Причини за појава на разни болести какви што се: чир во стомак, инфаркт, камен во жолчка, рак, помеѓу останатото се производ на потиснат гнев, тага, емоционален отров, непростување и ментално разјадување поради настани од минатото.

Покајувањето, простувањето и духовното трансформирање мошне позитивно влијаат врз психофизичката состојба на личноста. Со ослободување од навреденоста и со фокусирање кон позитивните вредности, човековиот дух станува многу покреативен, повесел и посреќен, а телото поздраво и повитално. Чистењето на лошите емоции ќе овозможи единката која предизвикала болка да биде сеќавање како и кое било друго сеќавање. Ништо специјално, а уште помалку значајно сеќавање кое треба да го окупира нашиот дух и да ги парализира можностите за напредување и отворање нови поубави перспективи во животот.

Кога изразуваме желба за простување, со тоа правиме значаен чекор кон ослободувањето од „емоционалните пранги“. „Да простиш значи да го ослободиш затвореникот, а притоа да откриеш дека тој затвореник си бил ти“, потенцирал Луис Б. Смедс. Асоцијацијата е дека најголемата зандана за човековиот дух е неспособноста да се простува. Некои велат: „Да простиш некому е лесно, но повторно да му веруваш е тешко“. Како и да е, главната суштина на простувањето е во себеослободувањето од болка. Тоа значи дека чинот на простување е најсилен доколку низ молитва и позитивни мисли го „пуштиме“ лицето кое нè повредило да си врви по својот пат, посакувајќи му се најдобро во животот. Притоа треба да знаеме дека простувањето не е оправдување нечии лоши дела; игнорирање туѓи неморални постапки; прифаќање навреди и омаловажувања, туку ослободување од болните искуства и дистанцирање од тоа што е лошо.

Простувањето е најефективно ако единката која негативно се однесувала искрено се покае и побара прошка за своите неморални постапки насочени кон другата единка. Искреното покајување и добиената прошка треба да бидат залог за постигнување духовна трансформација и за подигнување на моралниот дигнитет на личноста.

Заклучокот е дека треба да им простиме на другите не затоа што некои од нив заслужуваат простување, туку бидејќи ние заслужуваме мир и слобода.

фото: Архива

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *