ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Ново време

Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс.

Човештвото е пред големо искушение и сериозна борба за соoчувување на досегашниот начин на опстојување. Се наоѓаме пред ново време кое наложи ново поимање на нештата и поразлично соочување со стварноста. Заканата од коронавирус создаде општа несигурност, страв, паника и чувство на загрозеност. Тоа предизвика ограничување на желбите и намалување на потребите,ставајќи го во преден план прашањето за сопственото и туѓото здравје.

Во периодите на загрозувачки животни ситуации се согледува од што е направен човекот – дали од кршливоста на неговиот дух, алчноста и себичноста или од силниот карактер, моралот и емпатијата? Кога се надвиснати опасности, тогаш на површина излегуваат хероите, хуманистите и позитивците, но и бедниците, искористувачите и негативците. Едните со своето пожртвувано работење се борат за доброто на сите, даваат личен пример и поттикнуваат како позитивно да се организираме и да ја победиме заканата. Другите со својот паразитски менталитет бараат шанса да искористат, заработат и да ги уништат можностите за заеднички излез од кризата.

Затоа не треба да се изненадиме што постојат индивидуи кои опсесивно се „обезбедуваат“купувајќи енормни количества прехранбени продукти, маски, ракавици и дезинфекциски средства, без притоа да размислат дека и некои други лица заслужуваат да бидат заштитени и снабдени со одредени стоки. Акумулацијата на непристојни резерви на производи и трупање тоалетна хартија само зборува до каде е отидена човековата свест и совест и за немањето капацитет за согледба на приоритетите за заштита од ковид-19. Игнорирањето на безбедносните правила, прекршувањето на наредбите и прописите го отслика непримерниот и неодговорен однос на одредени поединци – целосно рамнодушни кон јавниот интерес и заедничкиот напредок.

Во периодот на општата несигурност и загрозеност најмалку што ни е потребно е манифестација на егоизам, страв, паника и негативна енергија. Соочувањето со потенцијалната опасност треба да нè сврти кон мирот со себе, кон поврзаноста со блиските и кон хуманата димензија на постоењето. Тоа подразбира да станеме поразумни, посвесни, поодговорни и многу повеќе заинтересирани за колективното добро, отколку за сопствените себични интереси.

Хуманоста, одговорноста и мирот се вредности што ѝ се потребни на нашата душа, а не разните наслади на телото и егоистички ориентации. Ова е време на преиспитување и согледување на досегашниот стил на живот и соочување со вистината за нашиот однос кон природата, здравјето и етичките начела на постоењето.

Борбата е составен дел од животот – таа е насекаде околу нас и длабоко во нас. За да излеземе како победници, треба да ги запазиме другите и да се заштитиме себеси од ризиците и опасностите надвиснати во ова невреме исполнето со загуби, тешкотии и неизвесности.

Откако човештвото ќе ја победи заканата, повеќе ништо нема да биде исто. Со промена на нештата околу нас, неопходно е да следи афирмативна трансформација на битието длабоко во нас. Иако е рано за заклучоци, да се надеваме дека човекот ќе извлече поука и ќе престане бескрупулозно да експлоатира, загадува, манипулира и да го уништува сепостоечкото. Тоа подразбира дека е време да станеме многу посвесни за вредностите на здравјето, семејството, мирот, слободата, природата и позитивните вибрации на постоењето.

Заканата од коронавирус предизвика големи промени. Темпото на животот максимално се забавува, а оддаденоста на материјализмот и површните нешта е сведена на минимум. Таквата околност бара реорганизација на начинот на живот и нов однос кон самите себеси и кон воспоставените практики на однесување. Во едни такви услови на живеење здравјето, мирот со себе и поврзаноста со најблиските го добија приматот пред парите, кариерата, статусот и страстите.

Разумното постапување, среќата и позитивниот фокус се вредностите што и се потребни на нашата личност. Брзите автомобили, брендираната гардероба, материјалните добра и високиот статус нема да го спасат нашето тело и избават од коронавирус туку силниот имунитет, дисциплинираноста, одговорноста, позитивниот дух и уверувањето дека сé ќе биде добро. Ова е време кога треба да сфатиме каква скапоценост поседуваме и што ќе се случи ако таа скапоценост ја загубиме. Не постои поголема скапоценост од мирот со себе, здравјето и животот. Трагично е да ги загубиме овие вредности поради неодговорност, лош однос кон сопственото тело и не водење сметка за опасностите со кои се соочува целото човештво.

Не препознавањето на позитивните нешта, оддаденоста на потрошувачкото општество, негативизмот, алчноста и себичноста нè соочија со апокалиптичната објава – да се биде или не. Доколку не успееме да извлечеме поука од настанатата ситуација, прашање е дали ќе добиеме втора шанса.

СИЛАТА НА ВИРУСОТ ПРОИЗЛЕГУВА ОД СЛАБОСТА НА ЧОВЕКОТ И НАШАТА НЕЗАИНТЕРЕСИРАНОСТ ЗА МОРАЛОТ, ДОЛЖНОСТА, ОДГОВОРНОСТА И ДУХОВНОСТА. КОВИД-19 ПРЕДИЗВИКА ГОЛЕМ СТРАВ И НЕИЗВЕСНОСТ, НО НОСИ И ПОУКА ЗА ВАЖНОСТА НА ДОМОТ И СЕМЕЈСТВОТО. МОЖЕБИ КОНЕЧНО СИТЕ НИЕ ЌЕ СФАТИМЕ ДЕКА МНОГУ ПОВАЖНИ СЕ СЕМЕЈНИТЕ ВРЕДНОСТИ И ПОВРЗАНОСТА СО БЛИСКИТЕ, ОТКОЛКУ РАЗНИТЕ АВАНТУРИСТИЧКИ ПОБУДИ, БЕСНЕЕЊА И ПРЕДАВАЊА НА НИСКИТЕ СТРАСТИ.

Пандемијата на коронавирус целосно го наруши животот на луѓето низ целиот свет со ограничување на движењето и со строги безбедносни мерки. Во екот на опасноста од ширење на пандемија фокусот е да ставен Јас да бидам добро; најблиските да бидат добро; нашето општество и човештвото во целина да бидат добро. Не постои поголем приоритет од стремежот сите ние да се извлечеме од надвиснатата опасност за уништување и деградирање на човековото постоење. Токму во овие моменти најзначајна е поврзаноста помеѓу луѓето, дадената и примената поддршка и чувството дека не сме сами во борбата со заканата. Сплотеноста, работењето на заедничкиот интерес,оптимизмот и позитивната енергија се клуч на успехот за излез од кризата.

Општ впечаток е дека на нашата планета и недостасуваше мир, љубов и поврзаност помеѓу луѓето, а на човекот сознание за кршливоста и вредноста на животот. Ова е време во кое ќе станеме свесни за силата или слабоста на нашиот дух; за експанзијата на љубовта или за пројавата на алчноста; за високите дострели на верноста на должноста, пожртвуваноста и хуманоста, но и за поривот на неодговорно, неразумно и себично однесување. Некои „мали човечиња“ќе продолжат да плашат, манипулираат, профитираат и експлоатираат, додека други уште повеќе ќе ја пројават својата одговорност, посветеност, хуманост и позитивност – тие низ своето директно или индиректно дејствување ќе бидат светилка на надежта и поттик за успешно справување со опасната закана.

Со денешното влегување на планетата Сатурн во знакот на Водолија (првпат по 7 февруари 1991 година) треба да се подготвиме за новото време кое да се надеваме ќе биде подобро, похумано и исполнето со повеќе љубов, разбирање и меѓучовечка соработка. За „времето“да биде поубаво и посреќно, треба сите ние да станеме попозитивни, подобри, поодговорни и помудри. Шанса за такво нешто постои, бидејќи во многу религиозни текстови е наведено дека после секое големо страдање следи уште поголемо откровение.

Колку и да сме далеку од лекот за коронавирус, време е сите заедно да поверуваме во моќта на медицината и да ги отвориме своите срца за верата, тишината, благодарноста и молитвата.

Пред некој ден пристигна и пролетта, овозможувајќи го постепеното будење на природата. Време е и ние луѓето да се пробудиме и да ги иницираме позитивноста и надежта во нашите души. Колку и да е тешко, неопходно е да се облагородиме со помислата дека на крајот сé ќе биде добро и дека ќе се извлечеме од овие големи премрежија.

Заклучокот е дека божјата милост е сеприсутна и таа нема да дозволи злото да победи и да ја угаси радоста, виталноста и светлината на нашето постоење.

фото: Архива

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *