ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Силен имунитет

Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс.

Зрелоста на личноста, стабилниот карактер и преземањето одговорност за сопствените постапки се клучни во борбата со тешкотиите на животот. Свесноста за надвиснатата опасност, мирното прифаќање на ситуацијата, трпеливоста и приспособувањето на новонастанатата криза е еден од начините за борба против искушенијата. Секое пребрзо реагирање, негативно однесување, неоправдано критикување и игнорирање на проблемите уште повеќе ќе ги зголеми ризиците и уништи шансите за ослободување од кризата.

Во периодот кога човештвото се соочува со сериозна здравствена опасност, голем предизвик е да постигнеме сталоженост, смиреност и внатрешна хармонизираност. Тоа воопшто не е лесна задача, но што друго ни преостанува освен да се бориме и храбро да се справиме со заканата. Малодушноста, немирот, плашливоста и менталната конфузност никогаш нè носат позитивни резултати и решенија за проблемите.

Излезот нема да го пронајдеме ако постојано се оптоваруваме со негативни мисли; подлегнуваме на црни сценарија што лошите луѓе ги пласираат; манифестираме неодговорност кон сопственото здравје и дозволиме стресот и паниката целосно да го зафатат нашето битие.

Наместо да се окупираме со самодеструктивни мисли и се убедиме себеси дека најлошото само што не пристигнало, многу покорисно е да го олабавиме умот од претерани грижи и барем за миг да пронајдеме занимација или активност што ќе нè опушти, смири и дефокусира од следењето вести поврзани со смрт, болести и закани.

Менталното здравје е предуслов за создавање хармонична психофизичка стабилност и за успешно справување со потенцијалните проблеми и тешкотии. За да си помогнеме на самите себеси неопходно е позитивно да им пристапуваме на нештата и да иницираме доверба, верба и надеж дека сé ќе биде добро. Стресогените фактори и песимистичките изблици можат да го намалат интересот за активности во кои обично уживаме, да го нарушат нашиот имунитет и да создадат страв од соочување со мигот на сегашноста и перспективите на иднината.

Што треба да направиме за да ги придвижиме позитивните сили кон излезот од кризата?

Да го зајакнеме имуниот систем; да се придржуваме на препораките пропишани од надлежните; да имаме доверба во моќта на медицината; да станеме општествено одговорни и заинтересирани за напредокот на заедницата; да не им подлегнуваме на стресогените фактори и шириме страв и паника; да не се изложуваме на преголем психички и физички напор; да водиме сметка за последиците од своето неразумно однесување и да ги намалиме ризиците што може да ни доведат во опасна здравствена ситуација.

За да постигнеме здрав, витален и продуктивен живот неопходно е да имаме јак организам и избалансиран начин на живеење исполнет со смеа, радост и хармонија. Здравиот дух е гаранција дека и телото ќе ни биде здраво и способно за справување со разни болести. Силниот имунитет е фактор кој овозможува добро здравје и моќна заштита од штетните бактерии, вируси, паразити и инфекции. Недостигот на енергија, чувството на замор, безволност, исцрпеност и слабост се показатели дека организмот  е сериозно загрозен. Константниот стрес и постојаниот страв го ослабнуваат нашиот имунолошки систем и создаваат подлога за изложување на разни инфективни болести. Научно е докажано дека луѓето кои се подложени на психичка напнатост многу повеќе се склони на настинки и грипови.

На кој начин може да го зајакнеме имунитетот и да постигнеме внатрешна хармонизираност?

Редовно да одмораме и доволно да спиеме; да внимаваме на исхраната; да пиеме доволно течности и здрави напивки; да престојуваме во природа на чист воздух; да одржуваме хигиена на просторот и лична хигиена; позитивно да мислиме и да се ослободиме од чувството на вина; да избегнуваме лица и активности кои ни создаваат стрес и нервози и да најдеме време за мир, релаксација и опуштање.

НИШТО НЕ Е ПОВАЖНО ОД МИРОТ СО СЕБЕ, ПОВРЗАНОСТА СО БЛИСКИТЕ, ЉУБОВТА И ЗДРАВЈЕТО. НАМЕСТО АГРЕСИВНО ДА ТРЧАМЕ ПО ГОЛЕМИ УСПЕСИ, ДА СЕ СТРЕМИМЕ КОН МОЌ, ДА ИМ СЕ ПРЕДАВАМЕ НА НИСКИТЕ СТРАСТИ И ДА МУ РОБУВАМЕ НА МАТЕРИЈАЛНОТО, МНОГУ ПОДОБРО Е ДА РАЗМИСЛИМЕ ЗА СОСТОЈБАТА ВО КОЈА СЕ НАОЃА НАШАТА ДУША, ДА ГО ХАРМОНИЗИРАМЕ ДУХОТ, ДА ГО ЗАЈАКНЕМЕ ТЕЛОТО И ДА ПОКАЖЕМЕ ЕМПАТИЈА ВО ОДНОСОТ СО ДРУГИТЕ ЛУЃЕ. КОГА ЌЕ ПРИСТИГНАТ БОЛЕСТИТЕ И НАДВЛАДЕАТ ПРОБЛЕМИТЕ, ТОГАШ СПАСОТ НЕМА ДА ПРОИЗЛЕЗЕ ОД МОЌТА, ПАРИТЕ, СЛАВАТА ИЛИ СТРАСТИТЕ, ТУКУ ИЗЛЕЗОТ ЌЕ ЗАВИСИ ОД ПОДДРШКАТА НА БЛИСКИТЕ, СИЛНИОТ ДУХ, МЕНТАЛНАТА БУДНОСТ И СМИСЛАТА НА СОПСТВЕНОТО ПОСТОЕЊЕ.

Некои луѓе започнуваат постепено да умираат, откако ќе престанат да се надеваат дека ќе можат вистински да го уживаат тоа што го имаат – животот. Кога душата е повредена, духот е заболен, а смислата загубена, тогаш телото се разнебитува, ведрината исчезнува, болеста пристигнува и животот се угаснува. За да не дојде до тоа мора да имаме љубов, цел и смисла поради кои ќе се одржуваме, ќе се бориме и вистински ќе постоиме.

Борбите, тешкотиите и неизвесностите се карактеристика на човековото живеење, но ниедна закана не е толку голема колку што е заканата од губење на стабилноста, сигурноста и квалитетот на сопственото постоење. Буда сметал дека не се раѓаме поради задоволства и уживања, туку за да се соочиме со болките и страдањата кои се насекаде околу нас. Тој укажал дека тие се производ на незнаењето, копнежот, љубомората, заслепеноста, гневот, алчноста и дистанцирањето од духовните аспекти на животот. За да ги неутрализираме болките и страдањата треба да го негуваме своето тело, да го воздигнеме својот дух и пред сè да ја исцелиме својата душа. Вложувањето во самите себеси е позитивна инвестиција чии благодати ги согледуваме токму во тешките животни ситуации. Тогаш некои попуштаат пред стресот, стравот и негативната енергија, додека други храбро се борат не дозволувајќи проблемите да им ги скршат духот и соочат со пропаста на личноста.

Најголемата мудрост не произлегува од уживањето во безгрижните периоди на животот, туку од способноста да се справиме со најголемите тешкотии и да останеме сталожени во екот на најсилните опасности. Правилната стратегија на живеење подразбира практикување на следната вистина: „Зајакни ја личноста и ќе бидеш добро, препушти ѝ се на слабоста и ќе бидеш лошо“. Многумина со иницирање неморал и негативни мисли и со препуштање на телесни страсти и пороци (коцка, блуд, алкохолизам, дрога итн.) го уништиле сопствениот огранизам и ги деградирале позитивните вредности на постоењето.

За да се дистанцираме од самоуништувачкиот порив и потсвесната агресивност неопходно е да ја пробудиме свеста и да престанеме своето битие да го храниме со страв, негативизам и ниски вибрации. Се наоѓаме во период во кој сме принудени да размислуваме за односот кон животот и за силата или слабоста на сопствениот карактер. Од нас самите зависи дали успешно ќе се справиме со стресот, нервозата и негативното чувство или ќе дозволиме стравот и паниката да ја дисхармонизираат психофизичката состојба на нашето битие.

Со зацврстување на духот го зајакнуваме и имунолошкиот систем и создаваме силна брана пред налетот на разните болести и загрозувачки надворешни ситуации. Свртеноста кон самите себе, позитивниот пристап и фокусот кон здравјето се вредностите што и се потребни на нашата личност.

Како заклучок ќе наведеме дека сме должни да направиме сè што е во нашата моќ за да се заштитиме од заканата, меѓусебно да се сплотиме и да веруваме дека наскоро ќе дојдат подобри денови исполнети со слободно движење, ведрина, опуштеност, здравје и хармонија. Со ослободувањето од нештата кои го загрозуваат нашето постоење ќе можеме енергијата да ја искористиме за конструктивни цели, за напредок и за уживање во убавините на животот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *