ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Страв

Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс.

Стравот и негативното размислување се најголемите непријатели на мирот и хармонијата. Опсесивното стравување и умислување разни опасности создава голем емоционален набој, уништувајќи ги можностите за успешно справување со проблемите.

За многу нешта што ни се случуваат во животот неретко и самите сме виновни, бидејќи некритички пристапуваме и веруваме во сè што слушаме, овозможувајќи им на другите „да нè пренесат жедни преку вода“. За да не се соочуваме со постојани разочарувања неопходно е да преиспитаме кој нè полни со страв и негативна енергија и дали вреди да продолжиме емоционално да се оптоваруваме и психофизички разнебитуваме за лица и ситуации кои нè заслужуваат внимание.

Најопасно е кога се бориме со „невидлив“ непријател и не знаеме од каде може да следи нападот. Понекогаш најголемата опасност не доаѓа однадвор, туку однатре – од малодушноста, незрелоста, себичноста и отпорот за преиспитување на односот кон животот.

СЕКОЈ ИНДИВИДУАЛНО ОДЛУЧУВА КОМУ ЌЕ ВЕРУВА, КОН ШТО ЌЕ СЕ НАСОЧИ И КАКВИ ВРЕДНОСНИ НОРМИ ЌЕ ЗАСТАПУВА. ГУБЕЊЕТО НА ИНТЕГРИТЕТОТ НА ЛИЧНОСТА, ЗАВИСНОСТА ОД НАДВОРЕШНИТЕ ВЛИЈАНИЈА И НÈ ПРЕЗЕМАЊЕТО ОДГОВОРНОСТ ЗА СОПСТВЕНИТЕ ПОСТАПКИ СЕ ПОКАЗАТЕЛИ ДЕКА ЌЕ СТАНЕМЕ ЛЕСЕН ПЛЕН НА РАЗНИ НЕРАНИМАЈКОВЦИ, МАНИПУЛАНТИ И ИЗМАМНИЦИ. КОЛКУ ПОВЕЌЕ СЕ ЧУВСТВУВАМЕ ИСКОРИСТЕНИ, ИЗМАНИПУЛИРАНИ И ИЗНЕВЕРЕНИ, ТОЛКУ ПОСЛАБО ЌЕ ГИ КОНТРОЛИРАМЕ ЕМОЦИИТЕ И НЕМА ДА СЕ СНАЈДЕМЕ ВО КРИТИЧНИТЕ СИТУАЦИИ.

Стравот е најсилната емоција која ако не е правилно водена може да ни создаде ниско ниво на самодоверба, пасивност, анксиозност и преокупираност со неубавите околности на животот. Колку подолго искусуваме негативни емоции, толку полоша станува нашата општа здравствена состојба.

Хроничниот страв предизвикува психофизичка исцрпеност и губење на силата, ослабнувајќи ги механизмите за самоисцелување и заштита од болести. Напнатоста во телото алармира дека имаме афектирани емоции како вознемиреност, гнев и страв наместо хармонични емоции кои создаваат чувство на мир, љубов и опуштеност.

Една од најопасните карактеристики на стравот е да наметне убедување дека нема да се справиме со проблемите и ограничувањата. Многумина стравуваат дека нема да се справат со болеста; други со губење на работата и финансиската сигурност; трети со стареењето; четврти со осаменоста, одбивањето или напуштањето на партнерот итн.

Научните истражувања утврдиле дека стравот од јавен настап е прв на листата најчести стравови. Покрај стравот од говорење пред публика мошне силен е и стравот од воведување радикални промени во животот. Стравот од неуспех ги парализира опциите за напредување, оневозможувајќи го поместувањето од точката на која се наоѓаме. Како што напишала Сузан Џеферс: „Изгледа дека стравот станал епидемија на целото човештво. Се плашиме од почетокот; се плашиме од крајот.Се плашиме од промени; се плашиме кога сме заглавени. Се плашиме од успехот; се плашиме од неуспехот. Се плашиме од животот; се плашиме од умирањето“.

Живеењето во страв, анксиозност и неизвесност предизвикува стресот да стане наше секојдневие и предуслов за целосно исцрпување на имунолошкиот систем.„Тоа е причината поради која луѓето кои живеат во страв се постојано болни и страдаат од широк спектар исцрпувачки болести“, смета Алан Пиз. Според него, „стравот не е ништо повеќе од физичка реакција на размислувањето за непосакуваните последици. Тоа создава електрична енергија во мозокот што се пренесува во физичкото тело“.Клучниот аспект за надминување на последиците од стресот и стравот е да развиеме победнички начин на размислување и да нè дозволиме напнатоста и загриженоста да го доминираат нашето битие.

Соочувањето со непознатото и пробивањето низ стравот е подобро решение отколку да живееме во константен страв произлезен од чувството на беспомошност. Народната мудрост кажува дека „стравот лозје чува“, но животната мудрост кажува нешто друго: стравот не ја спречува смртта –  го спречува уживањето во убавините на животот.

Не треба да му дозволиме на стравот да нè совлада и да ги блокира шансите за излез од кризата. Опстојувањето во трепет, страв и несигурност е подлога за доживување разни разочарувања, болести и несреќи. Во периодот кога доминираат здравствените опасности основно е како ќе размислуваме, со што ќе се окупираме и кому ќе веруваме. Едно е храбро и достоинствено да ги пречекаме искушенијата, а сосема друго е постојано да стравуваме во мигот на сегашноста и да подлегнуваме пред црните сценарија за иднината.

За да ги неутрализираме вибрациите на стравот и вознемиреноста треба да го подигнеме нивото на самопочит и да се ослободиме од негативното програмирање. Поголемиот број стравови се производ на внатрешната состојба на умот отколку на надворешните ситуации.

Честопати непотребно ги преувеличуваме опасностите и се оптоваруваме со грижи кои нема да се остварат. Научно е докажано дека животот е изграден само 10% од она што навистина ни се случува, а останатите 90% зависат од нашиот поглед на свет и од индивидуалното креирање на вредностите или слабостите на сопственото постоење. Студиите утврдиле дека најголем дел од работите за кои се грижиме нема да ни се случат и дека имаме малку, или воопшто немаме контрола врз оние што ќе се случат.

Позитивната перцепција, визуализација и проекција се импулсите што ѝ се потребни на нашата личност во справувањето со стравот и негативните вибрации на околината. Кога размислуваме дека сè ќе излезе на добро и иницираме волја, решителност и храброст во борбата со тешкотиите, тогаш шансите за постигнување успех максимално се зголемуваат,

Какви начела треба да практикуваме за да постигнеме мир и хармонија?

Да престанеме да се окупираме со лошото; да се олабавиме и да ги прифатиме нештата врз кои нè можеме да влијаеме; да дозволиме позитивната енергија да влезе во нашиот живот; почесто да се смееме – смеата привлекува радост, нè ослободува од неубавото чувство и ја исцелува психофизичката состојба на личноста. Најглавно од сè е да не се грижиме за она што ќе се случи, туку да почнеме да уживаме во секој миг што го имаме. Најдобрите лекови за стресот, стравот и тензијата честопати се добриот сон; креативната активност; прошетката во природа; читањето интересна книга; молитвата; гледањето или слушањето инспиративни и позитивни нешта кои облагородувачки влијаат врз нашиот дух.

ДАЛИ МОЖЕ ДА ПОСТИГНЕМЕ СМИРЕНОСТ И ХАРМОНИЗИРАНОСТ АКО ПОСТОЈАНО КОНСУМИРАМЕ ЛОШИ ВЕСТИ И ОСТВАРУВАМЕ КОМУНИКАЦИЈА СО ЛИЦА КОИ ЗЛОНАМЕРНО КРИТИКУВААТ, СЕ ЖАЛАТ И ШИРАТ НЕГАТИВНА ЕНЕРГИЈА?КОН КАКВА ПЕРСПЕКТИВА ЌЕ НЕ ОДНЕСЕ ИЗБОРОТ НА ДЕСТРУКТИВНОТО Е ПРАШАЊЕ КОЕ СЕКОЈ САМОСВЕСЕН ПОЕДИНЕЦ Е ДОЛЖЕН САМИОТ НА СЕБЕСИ ДА СИ ГО ПОСТАВИ.

Треба да знаеме дека постојат единки, структури и компании кои профитираат од пласирање страв и создавање тензија кај потенцијалните потрошувачи, клиенти или сограѓани. Нивната цел е да го направат човекот подложен на надворешни влијанија, зависен и егзистенцијално несигурен. Интегритетот и особеноста на личноста најбрзо пропаѓаат кога преовладува борбата за опстанок и кога сè е подредено на потребата за преживување. Тогаш многу лесно може да се спроведат мерки кои ја загрозуваат слободата, демократијата и автономијата. Еден ден можеби токму во името на безбедноста и заштитата луѓето ќе бидат колективно подложени на инјектирање чип, масовно вакцинирање, следење и контролирање сè со цел да им се помогне во борбата со разните закани и непријателски влијанија. Целта ќе биде спас на човештвото или можеби подјармување на луѓето и ставање под власт на нечестивите креатори на новиот светски поредок?

Како и да е, наше е да ја преиспитаме причината за стравот и да се соочиме со него. Позитивно ќе постапиме ако ги освестиме своите стравови, ако работиме на подигнување на личноста и сфатиме дека од нас зависи дали ќе се определиме за позитивниот или за негативниот пристап кон околностите на животот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *