ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Симнување на маските

Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс.

Живееме во време на општа несигурност и егзистенцијална неизвесност. Стравот од болест, сиромаштија и здодевност го окупираа човековиот дух наметнувајќи му стрес, немир и притисок. Во периодот кога постои сериозна закана за нашето здравје на површина излегоа сите слабости и вредности карактеристични за современиот начин на живеење. Нештата почнаа да се менуваат надвор од нас, но и длабоко во нас. Природата почна да се прочистува и да ја обновува својата убавина. Човекот се соочи со нови моменти на егзистирање исполнети со карантинско функционирање и лимит за слободно движење. Таквите околности наметнаа предуслови да имаме повеќе време за самите себе, да се посветиме на тоа што го сакаме и да уживаме во тоа што го имаме.

Современите луѓе добија шанса да ги смират мислите, да им се порадуваат на малите убави нешта и да ги ценат најголемите скапоцености на постоењето – мирот со себе, семејството и здравјето.

Од другата страна, наездата на пандемијата го затвори човекот и соочи со реалните околности на своето постоење. Материјалното, пробивот во кариерата, славата и страстите станаа помалку важни, отстапувајќи им го местото на потребата за сигурност, безбедност и дисциплинираност. Социјално прифатливото однесување се наметна како мерка без која е невозможно да се создаде индивидуална и колективна заштита. Раскалашеното и неморално постапување исполнето со прељубништва, лаги и измами ставено е на маргините, бидејќи стравот од болеста е посилен од бесрамното препуштање на задоволствата на телото.

Секој го живее тоа што го има и го прави тоа што го знае. Поединците навикнати на брзото темпо на живеење и на константните надворешни активности се најдоа во небрано. Пасивноста, соочувањето со самите себеси и со партнерот со кој/а божем заедно опстојуваат им создаде стрес, неснаодливост и притисок за преиспитување на односот во кој се наоѓаат. Како што маските станаа нужна потреба, така некои други маски конечно ќе паднат изнесувајќи ги на површина сите заблуди, слабости и состојби на неразумно суштествување.

Многумина ќе станат свесни за фактичките околности и со инвестирање во личниот развој ќе го започнат процесот на ослободување од илузиите и на емоционалното хармонизирање. Некои други, пак, ќе мора да се соочат со последиците од своето површно, празно и отуѓено опстојување.

КОРОНАВИРУСОТ КОЛКУ И ДА ПРЕТСТАВУВА ЗАКАНА, НЕИЗВЕСНОСТ И ТЕНЗИЧНОСТ, ТОЈ Е И ФАКТОР ШТО ВНЕСУВА РЕД И ДИСЦИПЛИНА, БУДЕЈЌИ ЈАСНОСТ ЗА НАЧИНОТ НА КОЈ ГО УПРАВУВАМЕ СВОЕТО ЖИВЕЕЊЕ. НЕОДГОВОРНИОТ ОДНОС КОН СОПСТВЕНОТО ЗДРАВЈЕ, СТРЕСОТ, ЛОШИТЕ СОЦИЈАЛНИ ВРСКИ, НИСКИТЕ СТРАСТИ И ПОРОЦИ ГО СЛАБЕАТ ОРГАНИЗМОТ И НÈ ПРАВАТ ПОДЛОЖНИ НА РАЗНИ БОЛЕСТИ.УВИДОТ ЗА СОСТОЈБАТА НА НАШИОТ ДУХ И ТЕЛО ТРЕБА ДА НИ ПОМОГНЕ ДА ПРЕСТАНЕМЕ ДА СЕ ДВИЖИМЕ ПО ПАТОТ НА ЛАЖНИТЕ ВРЕДНОСТИ, САМОУНИШТУВАЊЕТО И ПОТСВЕСНАТА АГРЕСИВНОСТ.

Болеста пристигнува кога нé водиме сметка за начелата на доброто и непромислено се оддаваме на разни аномалии и зависности. Емоционалниот отров, незадоволството и немирот поради грешките од минатото се дел од причинителите на психофизичката криза, апатијата и акумулираниот гнев во животот.

Време е да преиспитаме кон какви вредности се насочуваме и да се ослободиме од лицата и ситуациите кои го дисхармонизираат нашето живеење. Прво што треба да направиме е да престанеме да се отуѓуваме од самите себе и да манифестираме страв, малодушност и фрустрација. Подложноста на стресогени влијанија, критицизмот, негативната енергија и нервозата не можат да донесат мир, среќа и хармонија. Предност секогаш треба да им даваме на позитивните нешта и да се определиме за афирмативниот начин на размислување.

Кој колку вложил во себеси, како ментално се усовршувал и врз кои принципи го градел своето однесување, такви ќе бидат и неговите решенија за животните проблеми и искушенија. Лошиот избор секогаш носи лоши последици, а добрата постапка создава предуслови за позитивно поврзување и добро живеење. Мудро ќе постапиме ако фокусот го насочиме кон развојот на личноста, барањето мир во духовните вредности и градењето однос со лица кои чесно, искрено и добронамерно дејствуваат.

Секој сака да му биде добро и да има среќа и напредок во животот. Внатрешната исполнетост зависи од личните иницијативи и вредности, но и од релациите со другите. Денес стана исклучително тешко да пронајдеме поединци на кои можеме целосно да им веруваме и да развиваме врска втемелена врз доверба, блискост и посветеност.

Разните разочарувања, неисполнети очекувања, емоционални повреди и фрустрации предизвикаа голем број од луѓето да се затворат во себеси и да не веруваат во сродна и искрена љубовна поврзаност. Можеби затоа во експанзија се слободните љубовни врски, неверствата или односите конципирани врз површни задоволства, материјални интереси и ниски страсти. Емоционалната припадност и духовната поврзаност станаа реткост и се привилегија на малкумина кои имаат среќа да бидат со личност која внимава на честа,моралот и достоинството. Последиците од лошите ориентации се доминација на психички болести, незадоволства, отуѓеност и осаменост. Најстрашното е што многумина и покрај тоа што физички не се сами, всушност се најосамени.

Чувството на осаменост и отуѓеност не случајно станаа болест на 21 век. Тие се плод на неискрениот и себичен однос помеѓу луѓето креиран од тесни интереси, површност, манипулативност и користољубивост. Во името на парите, кариерата, страста и славата мнозина се подготвени „да газат преку други“ само да ги реализираат своите ниски цели и побуди.  Алтруизмот и емпатијата го отстапија местото на егоизмот и негативноста.

Невротичноста и психопатолошкото однесување се насекаде околу нас. Ненормалното и неморалното се сметаат за нормални и морални, а етичкото и духовното за старомодни и занесени од светот на фантазијата. Владее отсуство на срам, рамнодушност кон духовните вредности и незаинтересираност за хуманите аспекти на постоењето. Материјалното стана алфа и омега и сè почна да се врти околу парите. Придонесот за здравјето на луѓето е неважно ако болеста носи профит. Поединци кои имаат преголем капитал, моќ и привилегии посакуваат да имаат уште повеќе капитал, моќ и привилегии. Нивната цел е да станат креатори на новиот светски поредок и да бидат вечни управувачи на туѓите животи.

Сите овие аспекти полни со лажни вредности, зло, неодговорност, неморал и деструкција се во зенитот на својата моќ, зашто според агендата на нечестивите „силата е таму каде што се стравот, несигурноста и манипулацијата“.

Сè додека „маските“ не паднат целосно, ќе продолжи да владее стравот од вируси; од губење на работното место; од сиромаштија; од создавање нездрави семејни односи и од разни непревидливи удари на „судбината“.

Каде е излезот и што треба да направиме за да се заштитиме од изопачените поединци и групации кои можат да наметнат одредени болести, да предизвикаат економска рецесија и да ја загрозат слободата, безбедноста и сигурноста на луѓето?

ИЗЛЕЗОТ Е ДОБРОТО ДА СТАНЕ ЦЕЛ И СМИСЛА НА НАШЕТО ПОСТОЕЊЕ. ЗАТОА ТРЕБА ДА ЈА ПОДИГНЕМЕ СВОЈАТА СВЕСТ И ДА РАЗБЕРЕМЕ ДЕКА СМЕ ВО ЕКОТ НА АПОКАЛИПТИЧНИТЕ НАВЕСТУВАЊА ЗА НАЕЗДАТА НА ТЕМНИНАТА КОЈА СЕ ЗАКАНУВА ДА ЈА НАДВЛАДЕЕ БЛАГОРОДНОСТА НА СВЕТЛИНАТА. СЕКОЈ ИНДИВИДУАЛНО ОДЛУЧУВА КОН КОЈА СТРАНА ЌЕ СЕ НАСОЧИ И ДАЛИ ЌЕ ДОЗВОЛИ КНЕЗОТ НА ТЕМНИНАТА ДА ЈА ЗАРОБИ НЕГОВАТА ДУША И ДА ЈА ЗАМАТИ НЕГОВАТА СВЕСТ СО ЦЕЛ ДА СТАНЕ ЗАМОРЧЕ НЕСПОСОБНО ДА ЈА СОГЛЕДА РАЗЛИКАТА ПОМЕЃУ ДОБРОТО И ЗЛОТО.

Негативните сили ќе бидат победени кога луѓето ќе престанат да го игнорираат доброто и ќе почнат многу повеќе да се интересираат за мирот во душата  – опфатена со присуството на Бог во срцето, љубовта, верата и човечноста.

фото: Архива

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *