„Како мал добивав ќотек со ремен и денес сум добар човек“

„Родителите ме тепаа додека бев дете и поради тоа немам никаква траума,“ рече човекот кој бившата партнерка го пријавила за насилство.

kako-mal-dobivav-kjotek-so-remen-i-denes-sum-dobar-covek-001.jpg

„Ме казнуваа кога бев дете и добро ми е, ништо не ми фали,“ рече човекот кој секојпат кога ќе направи грешка, за себе го мисли и вели најлошото како облик на самоказнување.

„Кога ќе станев хировита како мала, тогаш татко ми ме заклучуваше во соба да учам сама. Затоа сум тоа што сум денес,“ рече жената која пати од анксиозност и не разбира зошто толку многу се плаши да биде во мали простории.

„Кога имав напади на бес, родителите ми велеа дека ќе ме остават и дека ќе ме дадат на непознат човек. Сега тоа ми е смешно, па сигурно немам последици,“ рече жената која постојано моли за љубов и простува неверства и непочитување, само за да не се чувствува напуштено.

„Доволно беше да ме погледнат родителите и да знам колку е часот. Затоа сега сум човек!“ рече жената која не може да воспостави контакт со очите со лица со авторитет, без да се почувствува посрамотено.

„Како мал добивав ќотек со ремен и денес сум добар човек, успешен и вреден,“ вели човекот кој комшиите го пријавиле во полиција поради пијанство и физичко насилство врз сопругата.

„Моите родители ме тераа да го учам она што може да ми донесе добра заработка и благодарен сум им за тоа,“ рече човекот кој сонува за викенд во текот на цела недела, бидејќи е очаен што секој ден прави нешто што не го сака.

„Кога бев мала, ме тераа да седам мирна додека не ја изедам целата храна во чинијата, а некогаш дури и насилно ме хранеа – не беа вака попустливи како денешните родители, имаа став,“ рече жената која не разбира зошто храната ја користи како утеха и има пореметување во исхраната.

„Благодарен сум им на мама и тато за секој удар и секоја казна, бидејќи да не го правеа тоа порано, којзнае што ќе беше со мене денес,“ рече човекот кој никогаш во животот немал здрави меѓучовечки односи и неговиот син го лаже бидејќи му се плаши.

И така… одиме низ животот, слушајќи ги луѓето кои тврдат дека се добри луѓе без трауми, а парадоксално, живееме во свет полн насилни и ранети луѓе.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *