„Денешниве деца се многу неблагодарни, а имаат многу повеќе од нас“ – дали е навистина така?

„Денешниве деца“ е фраза која ја слушаме честопати во негативен контекст.

imaat-li-denesnite-deca-navistina-podobro-detstvo-od-nas-01.jpg

 „Денешниве деца немаат никаква почит кон повозрасните“.

„Денешниве деца сакаат да имаат сѐ на тацна без никаков труд“.

„Денешниве деца се многу неблагодарни, а имаат многу повеќе од што имавме ние во наше време“.

Дали е навистина така? Дали навистина имаат повеќе од „нас во наше време“?

Имаат ли фамилијарен ручек во недела кој го држи целото семејство на купче? Имаат ли родители кои си доаѓаат од работа на време, а не во 18 часот?

Имаат ли слободно време после училиште или се затрупани со обврски – спорт, англиски, музичко? (во нормални услови)

Имаат ли со кого да поразговараат без да ги прекине итен повик на Viber или групна порака на Messenger?

Имаат ли на кого да се угледаат кога станува збор за „зјапање“ во екрани, квалитетни меѓучовечки односи, комуникација и почит?

Сѐ уште не сум сретнала невоспитано дете со посветени родители. Кога кажувам посветени не мислам на оние кои купуваат најскапи патики и го носат двапати во годината во скапи хотели на одмор.

Мислам на оние кои секоја вечер одвојуваат барем половина час за разговор со детето – очи во очи без осуда. Мислам на оние кои повеќепати помислуваат на детето додека се на работа.

Ако сте успевале да го сослушате детето додека растело, ако не сте го прекинувале додека зборува само за да чуете нешто „поважно“, ако сте го третирале како личност вредна за почит, не постои ниту една причина да не ви врати на истиот начин.

Поставете правила уште од првите денови со детето и почитувајте ги. Да, и вие. Нема телефони на маса додека се јаде? Нема и за вас! Ручекот за викенд е секогаш во 14 часот? Тогаш нема да одите во шопинг или на фудбал и вие.

Додека му зборувате на детето сакате да гледа во вас, а не во телевизорот или телефонот? Немојте и вие да го правите тоа тогаш. Ни кога детето ќе има две или дваесет години.

Родителството е тежок пат. Особено ако не допуштите да ве води срцето и љубовта кон детето, туку очекувањата на другите луѓе, наметнати вредности и желбата да се докажете себеси. Тогаш станува ѓаволски тешко.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *