ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Победа на доброто

Се наоѓаме пред нов космички циклус и пред можност за иницирање промени кои ќе имаат траен ефект. Работата на себе и препознавањето на долгорочните цели треба да бидат наш клучен приоритет. Планетарното поклопување (конјукција) помеѓу Јупитер и Плутон ќе создаде нови состојби на живеење исполнети со многу искушенија и премрежија.

Јупитер асоцира на височина, а Плутон на длабочина – кога се поврзани помеѓу себе донесуваат високо ниво на саморазвој и продирање во длабоките потсвесни димензии на личноста. Лицата со високо развиена свест својата спиритуална енергија ќе ја искористат за осознавање на смислата и целта на животот. Ова е период кога фокусот кон верата, Бога и духовноста ќе донесат исцелување на душата. Молитвата, визуализацијата на убавото и концентрацијата кон доброто можат да создадат чуда за сите кои вистински веруваат во моќта на умот и моќта на срцето. Духовно воздигнатите поединци нема од што да стравуваат, зашто нивните потенцијали уште повеќе ќе се развиваат. Проблемите ќе се појават кај лицата кои не вложуваат во личниот развој, се оддаваат на ниски страсти и манифестираат критицизам, гнев и негативни емоции. Ова е време (трае до 19. 12. 2020, кога Јупитер ќе влезе во знакот на Водолија) да се платат сметките и секој да го добие тоа што го заслужува.

Функцијата на Јупитер е да создаде подобрување и проучување на самите себе и да овозможи проширување на свеста. Поттикнува збогатување на сопственото живеење и зголемување на интелектуалните капацитети. Владее со спортот, патувањата, животот во странство, високото образование, напредокот во кариерата и високиот статус. Јупитеровите деца имаат склоност кон филозофски начин на размислување и развиваат заштитнички став кон другите. Во негативна смисла создава расипништво, непостојаност, неодговорност, нерешителност, мегаломанија, снобизам и дволичност. Јупитер е поврзан со религијата, филозофијата, учењето, правото, етиката, богатството, добрата среќа, почестите, лекарите и здравјето. Во наталната карта е најзначаен показател за потенцијалните способности на личноста за експанзија, среќа и за подлабок пристап кон животот. Од поставеноста на Јупитер зависи човековата потреба за вера, оптимизам и духовен развој. Неговото влијание е најпозитивно во 1 поле (ја претставува личноста), 5 (поле на децата, љубовта и среќата), 9 (поле на мудроста, божјата заштита, високото образование и странство) и 10 поле (на кариерата, статусот и почестите).

Плутон (под негово влијание е знакот Скорпија) владее со енергијата (опасноста) која никогаш не се знае кога ќе еруптира и од каде ќе произлезе. Тој има магиска моќ и мистични вибрации кои тешко можат да се потиснат или да се контролираат. Потиснувањето на болките и страдања не се препорачливи за лицата кои се под моќно влијание на Плутон, туку им се препорачува да ги осветлат состојбите што им создаваат дисхармонија, непријатност и инхибиција. Доколку не го направат тоа, тогаш интензитетот на емоционалниот отров, себеразјадувањето или негативноста ќе им предизвикаат големи проблеми.

Позитивните аспекти (тригон, секстил и конјукција) на Јупитер секогаш даваат развој, заштита и реализација, така што кога е во сооднос со Венера донесува среќа во љубовта и многу задоволства; со Меркур успех во образованието, проширување на знаењето, напредок на децата и многу патувања; со Марс чувство за правда, истражувачки дух, борбеност и талент за спорт; со Месечината семејна хармонија, успех со недвижности, добродушност и хуманост; со Сонцето голем напредок, моќ, богатство и силна заштита; со Уран неочекувана среќа, оригиналност, високи дострели и патувања во странство; со Нептун ориентираност кон верата, талент за уметност, спиритуалност и можност за живот покрај море; со Сатурн успех на материјален план, упорност, силна волја, интелектуални напредувања, научен дух и добра карма.

Планетарниот сооднос помеѓу Јупитер и Плутон  треба да нè поттикне да направиме нешто добро за самите себеси и за другите. Аспектот ги поставува темелите за градење посреќна и похармонична иднина, односно за повторно „раѓање“ или за нов почеток. Овозможува разрешување тежок проблем и поттикнува вистина која открива и објаснува многу работи (некои нешта околу корона вирусот ќе станат појасни). Потенцијалите за откривање на стари и добро сочувани тајни ќе бидат максимално присутни. Конјукцијата помеѓу Јупитер и Плутон особено позитивно ќе влијае врз родените околу 14. 5; 16. 9; 14. 3 и 16. 11.

Во наталната карта поврзаноста на Јупитер со Плутон активира реализација на талентите, интерес за мистичното и хипнотичка моќ за влијание врз масите. Иницира лидерски способности и создава голема харизма. Се работи за исклучително упорни личности кои никогаш не се откажуваат. Самодовербата, ароганцијата и упорноста се карактеристичен белег на овој аспект. Можни се коренити промени на професионален план и интерес за необични занимања. Во љубовта преовладува потребата за доминација и за врски набиени со силна страст, посесивност и контрола. Конјукцијата на Јупитер со Плутон е присутна во наталните карти на родените од 1. 7 до 31. 8. 1943 (се наоѓа во знакот на Лав); од 28. 9. 1955 до 18. 7. 1956 (орбитира помеѓу Лав и Девица); од 14.9 до 13.11. 1968 (во Девица); од  4. 10 до 30. 11, 1981 (во Вага); од 4. 11 до 31. 12. 1994 (во Скорпија); од 14. 11. 2007 до 7. 1.2008 (до 18.12 е во Стрелец, а потоа во Јарец).

Овие лица најсуштински ќе го почувствуваат влијанието на оваа констелација и треба да започнат со процесот за воведување радикални (позитивни) промени во своето живеење.

Од познатите личности овој аспект го сретнуваме во наталните карти на Мик Џегер, Махатма Ганди, Бил Гејтс, Вупи Голдберг, Мел Гибсон, тенисерот Бјорн Борг, комичарот Арсенио Хал, францускиот револуционер и политичарМаксимилијан Робеспјер и композиторот Леонард Бернштајн. Исклучителен пример на позитивно користење на аспектот помеѓу Јупитер и Плутон наоѓаме кај Алберт Ајнштајн. Кај него Јупитер се наоѓа во Водолија во деветтата куќа (владее со наука, филозофија, религија и највисоки знаења) и формира квадрат со Плутон во Бик во 11 поле. Своето големо знаење и моќ, Ајнштајн ги насочил кон научната и хуманистичка ангажираност.

КОМБИНАЦИЈАТА НА ЈУПИТЕР СО ПЛУТОН ДОНЕСУВА ОГРОМНА СИЛА, ПОСЕБНО АКО ЕДИНКАТА СЕ ОСЛОБОДИЛА ОД ОГРАНИЧУВАЧКИТЕ (ДЕСТРУКТИВНИ) ОБРАСЦИ НА ОДНЕСУВАЊЕ. ПЛУТОН БАРА ПРОМЕНА И ТРАНСФОРМАЦИЈА НА ТЕМНАТА СТРАНА (СЕНКАТА) НА ЛИЧНОСТА И НЕЈЗИНО ОСВЕТЛУВАЊЕ. ЈУПИТЕР БАРА ФОКУСОТ ДА БИДЕ НАСОЧЕН КОН СФЕРИТЕ ОД НЕГОВОТО ВЛИЈАНИЕ – ВЕРА, СПОСОБНОСТ ЗА ГРАДЕЊЕ ИСПОЛНЕТ ЖИВОТ, ДУХОВЕН РАЗВОЈ, ЕКСПАНЗИЈА НА СВЕСТА И СТЕКНУВАЊЕ ЗНАЕЊЕ. ПОЕНТАТА Е ДА СЕ ОТФРЛАТ СТАРИТЕ И НАДМИНАТИ КОНЦЕПТИ НА РАЗМИСЛУВАЊЕ И ОДНЕСУВАЊЕ И ДА СЕ ПОСТАВИ ТЕМЕЛОТ НА НОВИОТ СИСТЕМ НА ВРЕДНОСТИ. НА ГЛОБАЛЕН ПЛАН, ЗЛОУПОТРЕБАТА НА ОВОЈ АСПЕКТ ОДНОСНО НЕИЗБАЛАНСИРАНАТА ЕНЕРГИЈА МОЖЕ ДА СОЗДАДЕ РЕФОРМАТОРИ КОИ НЕ ЈА ЗНААТ КОНЕЧНАТА ЦЕЛ НА СВОИТЕ РЕФОРМИ, НО И ДОГМАТИ, КРЕАТОРИ НА КОЛЕКТИВНИ ЗАВЕРИ (ОБЈЕКТИВНИ ИЛИ НЕРЕАЛНИ), МАНИПУЛАТОРИ КОИ ВЕШТО ЈА КОРИСТАТ СВОЈАТА МОЌ ЗА УБЕДУВАЊЕ НА МАСИТЕ.

Како ќе се поставиме кон самите себе и кон тешкотиите на животот, такви ќе бидат и последиците. Во тој контекст, неопходно е да ги иницираме следните активности што ќе ни помогнат да се заштитиме од негативните вибрации: Потребно е да ги визуализираме нештата кои сакаме да ги привлечеме; да поставиме јасни цели и фокусот да го поставиме кон мирот и здравјето; почесто да искажуваме благодарност; да ги организираме своите активности и да не ја расфрламе енергијата; да ги контролираме ниските страсти; да се ослободиме од непотребните нешта (предмети) и целосно да го исчистиме својот интимен простор. Тоа ќе ни помогне да привлечеме нова енергија во својот живот и да постигнеме експанзија (Јупитер) и трансформација (Плутон).

Астролошките асоцијации укажуваат дека нема место за паника, бидејќи и во духовните книги е запишано дека се наоѓаме во исклучително значаен период исполнет со многу искушенија и премрежија. Наше е да бидеме воини на светлината, да внимаваме на здравјето и етиката и да веруваме дека силата на доброто секогаш е посилна од силата на злото.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)

извор : vecer.press

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *