Били Ајлиш: „Социјалните медиуми можат да бидат двигател на промени“

Били Ајлиш е една од најголемите светски поп ѕвезди – гласот на една генерација што порасна на Интернет. Во интервју за dpa, таа објаснува како социјалните медиуми и технологијата можат да се користат за добри цели.

bili-ajlish-socijalnite-mediumi-mozhat-da-bidat-dvigatel-na-promeni-01.jpg

Без оглед дали зборуваме за TikTok, Snapchat или Whatsapp, она што е нормален дел од секојдневието на повеќето тинејџери може да им изгледа чудно на постарите.

Стереотипи наоколу колку што сакате, како на пример, дека младите се незаинтересирани и бунтовни и дека го трошат сето свое време на бесмислени содржини на своите уреди.

Но, музичарката Били Ајлиш ја брани својата генерација и нивните виртуелни навики. Оваа поп ѕвезда има освоено пет Греми награди, а нејзиниот деби албум „ When We All Fall Asleep, Where Do We Go?“ се искачи на број еден на листите во САД и Британија, како и во многу други земји.

Во Zoom интервјуто со dpa, оваа 18-годишна ѕвезда, која има над 70 милиони следбеници на социјалните медиуми, ја објаснува моќта на интернетот да поттикне промени во време на ковид-19 и „Black Lives Matter“.

Во новата кампања на Телеком, зборуваш за „дигитален оптимизам“ и потенцираш дека младите луѓе не се само зависници од социјалните медиуми. Дали ова се предрасудите со кои обично се соочува твојата генерација?

Ајлиш: Да, има еден куп предрасуди. Дека сме опседнати со социјалните медиуми и се грижиме само за лајкови и следења.

Но, јас би рекла дека сме прилично паметни, и во мене лично се раѓа голема надеж гледајќи го Интернетот на свој начин, како и туѓите искуства кога станува збор за учење и информирање преку Интернет.

Ова се поклопува со сегашното јавно мислење. Според анкетата на истражувачкиот институт Кантар, младите Европејци позитивно гледаат на дигитализацијата, особено кога станува збор за учењето и информирањето. Дали и твоето искуство е такво?

Ајлиш: Можат да се научат и да се дознаат толку многу работи, и мислам дека тоа е навистина многу важно. Знаеш, има толку многу работи за неправдите што се случуваат во светот и климатските промени за кои немав поим пред да влезам во светот на интернетот.

Ако не постоеше тој начин на брзо информирање и учење за работите, едноставно немаше да знам за тоа, а јас сум благодарна што знам. Поради тоа, мислам дека е важно да не се занемаруваат и потценуваат социјалните медиуми, затоа што тие можат да бидат навистина корисни.

Ако можеш соодветно да ги провериш фактите и ако знаеш дека твоите извори се веродостојни, социјалните медиуми можат да бидат навистина моќни.

Неодамна бевме сведоци на неколку движења на социјалните медиуми: Black Lives Matter, Fridays for Future и др. Тие беа иницирани од помладите луѓе преку Интернет, привлекувајќи го вниманието на светот кон социјалните неправди. Дали мислиш дека ова е една од силните страни на социјалните медиуми?

Ајлиш: Сигурно, мислам ако само малку мрднеш со прст можеш да дознаеш толку многу работи за светот и да почувствуваш дека можеби можеш да направиш разлика и да им дадеш поддршка на луѓето што ги сакаш и да се бориш за други луѓе, да се бориш за себеси.

Знаеш што, прекрасно беше да се види како сето тоа станува реалност и многу ми се допадна кога видов дека луѓето даваат поддршка дури и кога работите не ги засегаат лично.

bili-ajlish-socijalnite-mediumi-mozhat-da-bidat-dvigatel-na-promeni-02.jpg

Мислиш ли дека ќе имавме ваков вид социјален ангажман и масовна мобилизација без дигиталната технологија?

Ајлиш: Не дека луѓето немаше да се обидуваат да направат промена ако не постоеше Интернетот, но мислам дека тој овозможува побрзо и полесно да се информираш за работите, да потпишеш петиции, да дознаеш за собири на кои можеш да одиш со други луѓе кои го поддржуваат тоа што ти го поддржуваш.

Мислам дека отвора еден нов свет, ако ме разбираш.

Дали има некои примери за кул или импресивни проекти што си ги сретнала во минатото кои ја покажуваат креативната моќ на користењето на дигиталните технологии?

Ајлиш: Мислам дека има еден тон такви примери. Неодамна зборував за еден проект што мајка ми го направи на почетокот на карантинот наречен „Поддржи и нахрани“ (Support and Feed).

Станува збор за обезбедување храна од растително потекло за оние на кои им е навистина потребна, што е многу добро за животната средина и е навистина неопходно.

Знаете, на луѓето им треба храна. И не само тоа туку на многу ресторани и локали во последно време не им беше лесно поради намалувањето на бројот на гости и сето она што се случува. Ми беше навистина убаво кога ја гледав мајка ми како навистина се труди да ги испорача нарачките и сето тоа. Супер беше.

Се прашувам: Каков би бил животот на Били Ајлиш без Интернет, без смартфон? Како би се чувствувала?

Ајлиш: Јас навистина не би можела да кажам – никогаш не сум го искусила тоа. Знаеш, јас пораснав со Интернетот, колку и да посакувам да немаше видеа од мене кога бев досадна и имав 12 години. Но, тоа е дел од животот.

И знаеш, тоа е единствениот начин на кој можам да комуницирам со моите фанови кога не сум на турнеја. Интернетот ми помага да комуницирам и да бидам со нив и се чувствувам како да сме едно.

А тие се низ целиот свет, и она што е најневеројатно, можам да се чувствувам поврзано со луѓе што се оддалечени илјадници километри од мене.

Дали ова компензира за многуте посетители на концертите што ги гледаат твоите настапи само преку своите екрани?

Ајлиш: Знаеш, за време на моите настапи, има неколку песни во моите сетови кога обично барам сите да се обидат да го спуштат телефонот и само да ме гледаат и да бидат во моментот.

Бидејќи колку и сите ние да сакаме видеа – и јас сакам да снимам видеа, барем понекогаш треба да се сетиме дека треба да има баланс. Но, тоа не значи да се отфрли едното или другото. Треба да се има баланс и да знаеш што е добро за тебе.

Како светска sвезда, ти си особено изложена на притисокот на социјалните медиуми. Сепак, сајбер малтретирањата и вознемирувањата се многу актуелни проблеми со кои се соочуваат тинејџерите. Зарем ова не е причина да се биде претпазлив и да се има повнимателен пристап кон дигиталните технологии?

Ајлиш: Да, мислам, тешко е да се зборува за тоа, нели? Мислам, интернетот е одличен, но има и негативни страни како, на пример, малтретирањето кое не можам да го поднесам, но мислам дека е подеднакво важно да бидеш свесен и во овој случај да си најдеш свој баланс што ќе ти помогне и ќе направи од една страна да не се чувствуваш како да не можеш да одиш на Интернет, а од друга страна ќе направи да се чувствуваш дека не мораш постојано да бидеш закачен на Интернет.

Треба да видиш што е добро за тебе. Сега Интернетот е дел од сè – треба да знаеш како да се справиш со сето тоа. Не треба да им дозволиш на ужасните луѓе да те направат да се чувствуваш како да не си битен и никогаш не треба да се чувствуваш така.

Значи, јас навистина мислам дека треба да има некаков „курс“, што ќе нѐ научи како да се справиме со Интернетот, малтретирањето и како да не станеме опседнати со него – или да не му дозволиме да ни го уништи животот. Тоа е навистина моќно.

bili-ajlish-socijalnite-mediumi-mozhat-da-bidat-dvigatel-na-promeni-02.jpg-03.jpg

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *