ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Етика

Пишува Зоран Крстевски за vecer.press (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)

Доминацијата на материјалното, сè поголемата ориентираност на човекот кон ниските страсти и егоизмот, прифаќањето на негативните вредности и отуѓувањето, максимално се експонираат во современиот начин на живеење и предизвикаа многу од луѓето да си го постават прашањето: Дали вреди да сум добар и дали со морално постапување ќе ги остварам целите во животот?

Материјалистичкиот начин на размислување и дејствување, опседнатоста со моќта, себељубието и страстите станаа стил на живеење и идеи водилки, кои многумина ги насочија кон лажните потреби и задоволствата на телото. Спонтано се наметна сфаќањето оти материјалното богатство, статусот во општеството и успехот во кариерата не одат рака под рака со верноста на должноста, со моралноста, со алтруизмот и одговорноста, туку со приспособливоста, снаодливоста и подготвеноста да се гази сè пред себе  само да се остварат целите во животот.

Добрите личности вчудовидено гледаат како злото доминира, како добродетелта ја исмеваат, како невредните ги возвишуваат, а вредните ги исфрлаат, како кон невистината трчаат, а вистината ја прогонуваат.

Таквите сфаќања и околности, нужно го иницираа прашањето: дали поединецот кој постапува според начелата на етиката, духовноста, емпатијата и добрината, е наивно и заблудено суштество кое е во расчекор со фактичката состојба присутна во човештвото?

Доминацијата на лажните вредности, незаинтересираноста за вложување во етиката и духовноста предизвикаа човекот ориентиран кон општото добро, да живее во контроверзност со својата околина и да се чувствува како Дон Кихот во борбата со ветерниците. Тој со личниот пример сака да посведочи со исправноста на своите сфаќања, но е свесен дека излезот од отуѓеноста нема да се постигне, ако не се поправат општествените односи и луѓето не се мотивираат кон добрината, разумноста и позитивноста.

Тезата на критичарите на етиката е дека има сè помалку морал кај луѓето, некои даваат примери каде најчесто морално се греши – во негрижливоста и експлоатацијата на природата, во односите меѓу луѓето, во лошото извршување на должноста и на струката.

Но, констатацијата, чуму и што со етиката, кога во денешницата ретко кој се залага за духовните и морални вредности, бидејќи технолошката деструкција и потрошувачкото општество човекот го прават роб на материјалните потреби и го тераат во другиот да гледа непријателско суштество, неминовно ќе падне во вода.

За добриот и морален човек нема дилеми околу потребата за извршување на должноста, за манифестирање на доблесноста и хуманоста.

Затоа, неопходно е да се елиминираат непродуктивните размислувања кои се контра етиката, бидејќи како што вели големата мисионерка Мајка Тереза: „етиката е единствениот начин за каков било опстанок денес. Сите луѓе мора да станат морални. Животот мора да стане етичен”.

ТЕОРИЈАТА ДЕКА„СИТЕ СЕ ИСТИ”, ОДНОСНО ДЕКА ВО СЕКОЈ ЧОВЕК СЕ КРИЕ КОРУМПИРАНО, ЗАВИДЛИВО, АЛЧНО И СУРОВО СУШТЕСТВО Е МАКСИМАЛНО НЕПРИФАТЛИВА ЗА МОРАЛИСТИТЕ, ЕТИЧАРИТЕ И ДУХОВНИЦИТЕ КОИ ПРИДОНЕСУВААТ ЗА ОПШТОТО ДОБРО И СПОДЕЛУВААТ ПОЗИТИВНАТА ВИЗИЈА.

Човекот напредува кога е воден од разумот и кога е стимулиран од знаењето, затоа  е значајно да ги утврди своите приоритети и да биде верен на желбата што повеќе да се осознава самиот себеси, како и светот што го опкружува. Но, уште поважно е каде и на кој начин сознаеното го применува, бидејќи без развивање на добродетелта, неговите цели губат од квалитет и не придонесуваат за градење на среќата и хармонијата на животот.

Поединецот кој осознал дека суштината на животот се состои во воспоставувањето на мудроста, нужно ќе се отвори за начелата на етиката и ќе го води својот живот според моралноста, доблесноста и праведноста. Тоа значи дека мудриот е мудар, затоа што е етичен, исто како што етичниот со својата определба кон доброто и позитивното, неминовно станува мудар. Таквиот поединец ќе сфати дека правилното постапување и оттргнувањето од злото е показател за мудар избор, за хармонија, за среќа и за мир во душата.

Етичката мудрост ги повикува луѓето да ги препознаат вистинските вредности, да прозрачат со љубов и разбирање и да им кажат стоп на сите оние лица кои укажуваат дека не постои морален човек, дека етиката е теоретска дисциплина, која не може практично да се примени и дека секој е егоист кој размислува исклучиво за сопствено добро.

На личностите кои ја негираат вредноста на моралот и духовноста ќе има одговориме оти суштинската ориентација на етиката не е само да ги констатира законитостите (како што тоа го прават одредени науки) кои владеат во природата, односно во човештвото, туку директно и практично да се инволвира во сите сегменти од животот. Впрочем, потребата за присуство на етиката во доменот на политиката, во медицината, но и во деловните контакти е максимално голема, бидејќи тешко можат да се замислат консеквенците, доколку на врвните политички функции се наоѓаат личности, кои се оперирани од алтруизмот и чувството за другите, а подложни на егоизмот, алчноста и духовната беда.

На добрите луѓе кои се соочуваат со разните измамници и насилници, етичката мудрост ќе им го покаже излезот од негативните влијанија и искушенија на животот.Таа ги мотивира да се дистанцираат од политичарот кој мами и го гледа исклучиво сопствениот интерес, од индустријалецот или работодавецот кој безочно експлоатира, од свештеникот кој не ги следи, туку ги злоупотребува верските норми, од наставникот кој невоспитува правилно, од докторот, судијата, административецот кои не се верни на својата должност, туку се корумпирани и неспособни.

Тоа укажува дека со неправењето добро и со неизвршувањето на моралната должност, човекотот свесно ги изневерува другите, ја деградира и човечката (хумана) природа на сопствената личност, придонесувајќи за уназадувањето на заедницата.

За моралистот е неприфатливо да се каже дека во животот не постои можност за избор и дека кога не постои подобра опција мора да се прифати и помалото зло. Според, етички ориентираните личности, опстојувањето на теоријата дека светот и човекот не можат да се променат на подобро, е максимално опасна и показател дека дисхармонијата и неморалот уште долго време ќе доминираат на Земјата.

Големиот арапски филозоф Авицена укажал дека човечкото суштество по природа не е ниту добро, ниту лошо, но има поголема наклонетост кон доброто. Подоцна човекот еволуира под влијание на околината и   на образовниот воспитен систем. Ако се навикне на злото, тој станува лош, а ако се навикне на добрината,  тој станува добар. Слично размислување за вредноста на воспитувањето и образованието искажал и Жан-ЖакРусо. Според него, „растенијата се облагородуваат со негување, а луѓето со воспитување“.

Овие согледби покажуваат оти со вежбање и навика може да се стане добар, зашто во природата на човекот е да биде благороден, емпатичен и хуман – вредности кои под натисокот на негативните цивилизациски придобивки и лошите општествени околности, почнуваат постепено да исчезнуваат.

ВРЕМЕ Е ДА СФАТИМЕ ДЕКА СО НЕГИРАЊЕ НА ЕТИКАТА, СО ОДДАВАЊЕ НА НЕГАТИВНАТА ЕНЕРГИЈА И СО УНИШТУВАЊЕ НА ОПШТОТО ДОБРО САМИТЕ СЕБЕСИ СЕ УНИШТУВАМЕ И ВОДИМЕ КОН ПАТЕКАТА НА СТРАДАЊЕТО И ИСЧЕЗНУВАЊЕТО. КЛУЧОТ Е ДА ПОЧНЕМЕ ДА ИНВЕСТИРАМЕ ВО ЛИЧНИОТ РАЗВОЈ, ДА БИДЕМЕ ЕТИЧНИ ВО ПОСТАПУВАЊЕТО И СО ПРАКТИКУВАЊЕ НА ДОЛЖНОСТА И ОДГОВОРНОСТА ДА СТАНЕМЕ КРЕАТОРИ НА ИНДИВИДУАЛНИОТ И КОЛЕКТИВЕН НАПРЕДОК.

Кога љубовта кон татковината ќе стане наша света должност, тогаш смислата и вредноста ќе го заземат местото на површноста и себичноста и ќе почнеме да се движиме кон нагорната патека на постоењето.

Заклучокот е дека со негување на националната самобитност, со позитивната определба и со ориентацијата кон евангелската вистина дека „доброто е секогаш посилно од злото, а љубовта е помоќна од омразата“ ќе пробудиме надеж дека темните облаци надвиснати врз општеството (човештвото) ќе бидат растерани од вибрациите на светлината, а корона вирусот победен од страна на медицината.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *