10 одлични „stop motion“ филмови кои вреди да ги изгледате

Stop motion е една од најмакотрпните техники за правење филмови, а крајниот резултат е волшебен и неспоредлив.

10-odlichni-stop-motion-filmovi-koi-vredi-da-gi-izgledate-01.jpg

За правењето на овие филмови се користат физички модели и кукли кои се поместуваат суптилно, па се фотографираат, така што се добива илузија на движење. Ова значи дека секоја сцена или рамка (frame) во филмот е посебна фотографија. Крајниот резултат е уникатен „рачно“ направен филм, со ефекти кои не би ги постигнале на друг начин.

Во продолжение погледнете дел од најдобрите филмови направени со оваа забавна техника:

The Nightmare Before Christmas

Ова е филм за кој фановите велат дека е одличен и за Ноќта на вештерките, но и за Божиќ.

Главниот лик е Џек Скелингтон, кој живее во градот Хелоувин (Ноќта на вештерките), и еден ден открива портал кој го носи до „Божиќниот“ град. Тогаш Џек одлучува да го присвои Божиќ и да го направи свој празник.

Приказната е дело на познатиот Тим Бартон, а филмот си доби и номинација за Оскар за најдобри визуелни ефекти.

Corpse Bride

Повторно филм на кој работел Бартон, но овојпат како режисер.

Главниот лик, Виктор Ван Дорт, оди во шумата за да се подготви за неговата венчавка. Тогаш, сосем случајно го става прстенот на невеста од подземјето, ја „оживува“, па сега мора да оди со неа за да си ја исполни обврската како сопруг.

Додека е во подземјето, на Виктор му станува јасно дека сепак ја сака жената со која треба да се венча, па бара начин да се врати во својот свет.

Coraline

Филмот е направен според истоимената книга од Нил Гајман и раскажува за девојчето Коралин.

Коралин и нејзините родители се вселуваат во нова куќа, а додека ја истражува, таа наоѓа мала врата. Вратата, пак, е еден вид портал до свет кој е како подобра верзија од нејзиниот – нејзините родители постојано се дома, мајка ѝ секогаш прави ручек, сите се среќни … Но, набрзо Коралин сфаќа дека во овој идиличен свет, нештата се далеку од совршени.

Frankenweenie

Тим Бартон е можеби најдобриот stop motion режисер, па на листава ќе најдете неколку филмови од него, вклучувајќи го и овој.

Филмот раскажува за момчето Виктор, чие куче, Спарки, умира. Виктор сака да го врати својот пријател во живот и користејќи електрична струја, успева во тоа.

Филмот е инспириран од познатата новела на Мери Шели – Франкенштајн, и има добиено номинација за Оскар, Златен глобус и Бафта.

ParaNorman

Градот во којшто живее главниот лик Норман одеднаш се соочува со зомбија. Набрзо, Норман сфаќа дека тој е единствениот што може да го спаси, бидејќи може да зборува со овие суштества од подземјето.

Ова е уште еден филм од листава што има номинација за Оскар.

Le Petit Prince

Овој француски филм е можеби најдобрата адаптација на истоимената книга.

Главниот лик во филмот е мало девојче кое е под постојан притисок од мајка ѝ, која веќе ѝ направила план за целиот нејзин живот. Откако таа и мајка ѝ ќе се вселат во нова куќа, девојчето се спријателува со новиот сосед – чуден пилот кој почнува да ѝ зборува за неговите патешествија и за Малиот принц.

Kubo and the Two Strings

Овој филм ја раскажува приказната на Кубо – младо момче кое тргнува на мисија да го спаси неговото семејство, но и да ја разоткрие мистеријата за неговиот татко самурај.

Кубо мора да се соочи со богови и чудовишта, а единствената помош што ја има е неговиот волшебен музички инструмент.

Isle of Dogs

Ова е филм на познатиот Вес Андерсон, во кој главните ликови се неколку кучиња.

Дејството е сместено во иднината, во дистописка Јапонија, каде што почнува да се шири некаков кучешки грип. Бидејќи вирусот може да се пренесе и на луѓе, градоначалникот одлучува да ги протера сите кучиња на еден остров.

Anomalisa

Главниот лик, Мајкл Стоун, знае како да ги мотивира другите, но неговиот живот станува сè подосаден и помонотон. Нештата се менуваат кога ја запознава Лиса – жена што, на некој начин, му ја враќа желбата за живот. Тогаш, Мајкл одлучува да остави сè зад себе и да се обиде да си ја најде среќата со Лиса.

Mary and Max

Оваа слатка приказна нема да ве остави рамнодушни.

Во филмот се раскажува за необичното пријателство „на далечина“ помеѓу две потполно различни личности – 8-годишно осамено девојче и 44-годишен маж со прекумерна телесна тежина.

Девојчето Мери живее во Австралија, кога еден ден здогледува телефонски именик за Њујорк. Љубопитноста ја тера да го разгледа именикот, и случајно ја одбира адресата на Макс, па одлучува да му напише писмо.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *