Чување куче во стан: Што треба да знаете ако се одлучите на овој чекор?

Кучињата се одлични миленици, но можат да бидат проблематични ако живеете во стан.

chuvanje-kuche-vo-stan-shto-treba-da-znaete-ako-se-odluchite-na-ovoj-chekor-01.jpg

За разлика од мачките, кучињата можат да бидат многу поголеми и бараат многу повеќе внимание и нега.

Ако сакате да чувате куче во вашиот стан, прво мора да размислите дали тоа е изводливо, но и добро да се подготвите.

Сепак, многу е поразлично кога кучето живее во двор и е независно, за разлика од оние кои живеат во станови, затворени во 4 ѕида. 

Погледнете што сè треба да знаете пред да земете куче во вашиот стан:

Ако живеете во изнајмен, консултирајте се со сопственикот

За жал, не сите сакаат миленици, па ако планирате да чувате куче и живеете под кирија, добро би било да се консултирате со сопственикот на станот. На некој начин, ќе треба да побарате дозвола од него за да чувате куче во станот.

chuvanje-kuche-vo-stan-shto-treba-da-znaete-ako-se-odluchite-na-ovoj-chekor-02.jpg

Добро размислете која раса е најпогодна за вас

Moра да имате предвид дека сите раси на кучиња се различни – некои бараат поголема нега од другите, некои се погласни, некои имаат повеќе енергија…

Едно од поважните нешта за кои треба да размислите е дали сакате куче на кое му треба повеќе внимание, или куче кое е понезависно. Ако често сте надвор од дома, добро би било да земете куче на кое не му е проблем да седи само некој дел од денот.

Истовремено, ако имате деца, важно е да одберете раса која е погодна за ова. Детската игра понекогаш е груба, па во овој случај сигурно ќе ви треба потрпеливо куче. Нормално, ќе морате и да им објасните на вашите деца како да се однесуваат со кучето и што смеат, а што не смеат да прават.

Кога станува збор за чување куче во стан, најдобро е да одберете раса со помал раст, но и раса која не прави многу врева. Сепак, околу вас има соседи и сигурно не сакате куче кое ќе лае на полноќ.

chuvanje-kuche-vo-stan-shto-treba-da-znaete-ako-se-odluchite-na-ovoj-chekor-03.jpg

Направете го домот безбеден за кучето

Осигурете се дека секоја просторија од домот ќе биде безбедна за кучето. Не заборавајте дека кучињата џвакаат сè што ќе најдат, па добро би било да ги скриете сите кабли низ домот. Истовремено, ако имате растенија, тргнете ги од дофатот на кучето и проверете кои од нив можат да бидат штетни за него.

chuvanje-kuche-vo-stan-shto-treba-da-znaete-ako-se-odluchite-na-ovoj-chekor-04.jpg

Поставете правила

Уште пред да го земете кучето размислете дали ќе му дозволувате да се качува на креветите. Ако не сакате да го прави тоа, немојте никако да го удирате кучето кога се качува на креветот. Наместо тоа, кога ќе се качи, ставете малку храна на подот. На овој начин кучето ќе сфати дека на подот го чека награда. Секако, за ова постојат различни начини за тренирање, зависно од расата, но важно е вие да ги поставите правилата на почеток.

Истовремено, важно е да му обезбедите место за спиење на подот. Ако станува збор за возрасно куче, мора да бидете потрпеливи додека тоа да ги промени неговите навики.

chuvanje-kuche-vo-stan-shto-treba-da-znaete-ako-se-odluchite-na-ovoj-chekor-05.jpg

Научете го да останува само

Кога ќе одите на работа или секојпат кога ќе го оставате кучето само дома, тоа сигурно ќе почне да тагува по вас. Ова тагување може да го покаже и со лаење и завивање – нешто што сигурно ќе им пречи на соседите.

Затоа, осигурете се дека вашето куче ќе има што да прави додека е само. Оставајте му играчки, скријте храна низ домот за тоа да ја најде и слично.

chuvanje-kuche-vo-stan-shto-treba-da-znaete-ako-se-odluchite-na-ovoj-chekor-06.jpg

Создадете рутина

Најважното нешто е да го научите кучето да врши нужда надвор. За да успеете во тоа, најдобро е да го изнесувате после секој оброк. Препорачливо е и секојпат кога го изнесувате за тоа, да одите на исто место. Ако кучето е помало од 6 месеци, имајте на ум дека ќе треба да го изнесувате почесто.

После оброк не го терајте кучето да си игра – полниот стомак може да му предизвика проблеми.

chuvanje-kuche-vo-stan-shto-treba-da-znaete-ako-se-odluchite-na-ovoj-chekor-07.jpg

Социјализација

Важно е кучето да знае како да се однесува со други луѓе и кучиња, односно да не покажува агресија кон нив. Најпрво, запознајте го со членовите на семејството и блиските пријатели. Потоа почесто шетајте го на места каде што има луѓе и други кучиња и секогаш кога ќе се однесува добро, дајте му мала награда.

Бидејќи социјализацијата е процес што може да потрае, особено ако станува збор за постаро куче, и во овој случај мора да бидете трпеливи.

chuvanje-kuche-vo-stan-shto-treba-da-znaete-ako-se-odluchite-na-ovoj-chekor-08.jpg

Ветеринар и план за вакцинација

Ова важи за сите кучиња, независно дали ќе ги чувате во стан, куќа или двор. Добро би било веднаш да најдете ветеринар кој ќе се грижи за вашето куче. Тој ќе ви каже колку често треба да правите рутински проверки, а и ќе ви помогне да направите план за вакцинација.

Добро би било да се консултирате со ветеринарот и за која храна е најдобра за вашето куче.

chuvanje-kuche-vo-stan-shto-treba-da-znaete-ako-se-odluchite-na-ovoj-chekor-09.jpg

Минувајте квалитетно време со кучето

Ако сакате кучето да биде среќно, во текот на денот морате да одвоите време само за него. Покрај редовните излегувања за вршење нужда, најдете време и за прошетка или за каква било игра, без разлика дали сте надвор или дома. Кучињата се социјални суштества и мора да им посветите многу внимание. Ова исто така важи за сите кучиња независно каде ги чувате, но сепак е поважно за кучињата кои кога се сами, се затворени во стан, а немаат цел двор на располагање.

chuvanje-kuche-vo-stan-shto-treba-da-znaete-ako-se-odluchite-na-ovoj-chekor-10.jpg

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *