Како да ја подобрите комуникацијата со вашето дете?

Комуникацијата е многу важна, без разлика дали станува збор за комуникација со пријатели, колеги, семејство или вашите деца.

kako-da-ja-podobrite-komunikacijata-so-vasheto-dete-01.jpg

Кога станува збор за децата, обично ваша задача е да се погрижите дека комуникацијата ќе се одвива добро, па вие треба да ги поставите правилата.

Односот со детето се гради уште од негова најрана возраст, па навистина е важно како ќе се поставите и како ќе разговарате со него.

Затоа, погледнете неколку совети што ќе ви помогнат да ја подобрите комуникацијата со вашето малечко:

Слушајте

Кога вашето дете ви кажува нешто, обидете се вистински да го слушате. Добро обрнете внимание на она што ви го кажува, а не слушајте само колку да му речете „Да“ или „Не“.

Важно е детето да сфати дека навистина обрнувате внимание на неговите зборови и вистински го разбирате.

Постојат неколку трикови што ќе ви помогна во ова:

  • Кога детето ви зборува, престанете со она што сте го работеле и свртете го вниманието кон него.
  • Додека ви зборува, гледајте го во очи.
  • Одвреме-навреме кимнувајте со главата како знак дека го слушате и разбирате.
  • Немојте да го прекинувате – дозволете му да заврши, па потоа кажете што имате.
  • Добро би било да клекнете или да седнете додека разговарате со детето, така што ќе бидете на иста висина.

Користете зборови соодветни за неговата возраст

Не можете да очекувате 3-годишно дете да има ист вокабулар како вашиот. Затоа, кога разговарате со детето, секогаш употребувајте зборови што се соодветни за неговата возраст. Во спротивно, тоа нема да ве разбере и брзо ќе го изгуби интересот за она што го зборувате.

kako-da-ja-podobrite-komunikacijata-so-vasheto-dete-03.jpg

Внимавајте на вашите реакции

Без разлика колку не ви се допаѓаат зборовите или однесувањето на вашето дете, обидете се да останете смирени. Ако направило грешка, смирено објаснете му зошто тоа е погрешно. Ако му викате, само ќе го направите гневно или нервозно, па нема да постигнете никаков ефект.

Најдете го вистинското време за разговор

Ако сакате да разговарате со детето за што било, важно е да го одберете и вистинскиот момент.

Кога станува збор за посериозна тема, почнете разговор кога детето е смирено и расположено. Истовремено, обрнете внимание и на тоа како се чувствувате вие – најдобро е и вие да бидете смирени пред да почнете со разговорот.

kako-da-ja-podobrite-komunikacijata-so-vasheto-dete-05.jpg

Заборавате на викањето

Како што вам не ви се допаѓа кога некој ви вика, истото важи и за вашето дете. Комуникацијата со викање и користење погрдни зборови нема да ви биде од никаква корист.

Кога разговарате со вашето дете важно е да бидете разумни и трпеливи.

Немојте постојано да му наредувате

Треба да го научите детето на дисциплина, но тоа не треба да се чувствува како да е во воен камп. Ако, на пример, треба да си ги собере играчките, наместо да му викате и наредувате, подобро замолете го да го направи тоа.

Во сите слични ситуации, наместо да му давате наредби на детето, подобро објаснете му зошто тоа треба да си ги собира играчките, зошто треба да ја напише домашната и слично.

kako-da-ja-podobrite-komunikacijata-so-vasheto-dete-07.jpg

Обрнете внимание на невербалната комуникација

Покрај зборовите што ги користите, исто важна е и невербалната комуникација. Ако, на пример, не му викате на детето, но гневот на вашето лице е повеќе од очигледен, зборовите сепак ќе предизвикаат страв кај него.

Зборувајте за она што е правилно и она што е погрешно

Наместо да го критикувате детето секојпат кога ќе направи грешка, одвојте време за разговор и кажете му што е правилно, а што погрешно.

Нормално, укажете му (смирено) кога ќе направи грешка, но не заборавајте и да му кажете и кога направило нешто добро. Едноставно, обидете се да се фокусирате и на позитивните нешта.

kako-da-ja-podobrite-komunikacijata-so-vasheto-dete-09.jpg

Заборавете на споредбите и навредите

Немојте да му викате на детето дека е лошо, неумно, глупаво или што било слично. Овие зборови можат да остават сериозни последици и да ја разнишаат неговата самодоверба.

Истовремено, немојте да го споредувате детето со другите. Немојте да му викате затоа што тоа имало лоши оценки, а неговиот другар бил одличен.

Фокусирајте се на недостатоците на детето и помогнете му да ги надмине, но никогаш не користете споредби или лоши зборови како мотивација.

Прифатете ги и признајте ги неговите чувства

Не заборавајте дека чувствата на детето се исто реални колку и вашите. Кога детето ќе ви каже дека е тажно, исплашено или што било, никако немојте да го игнорирате.

Ако не му дадете простор да ги искажува своите чувства пред вас, тоа ќе почне да се затвора, а ова дефинитивно ќе му предизвикува проблеми подоцна во животот.

Добро би било и секојпат кога дете ќе ви рече „Се чувствувам …“, да му предложите да разговарате за неговите чувства, но и да му покажете сочувство.

kako-da-ja-podobrite-komunikacijata-so-vasheto-dete-11.jpg

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *