Коронавирусот промени се, вклучително и нашите сексуални врски. Најочигледниот знак за тоа во Берлин беше евидентен една петочна ноќ на средината на март: Вратарите исчезнаа од пред Инсомниа, најпознатиот берлински клуб за свингери, фетишисти и хедоности, заедно со вообичаената редица на сексуални слободњаци по улиците.
Наместо сето тоа, имаше само порака на вратата со која се соопштуваше дека берлинската влада наредила сите клубови да затворат. На интернет-страницата на клубот, менаџерот на Инсомниа и неговиот тим постирале оптимистичка порака: „Останете здрави, заштитете се, и се надеваме дека ќе можеме повторно да се забавуваме за пет недели“.

Лошо време да се биде самец
Иако берлинските клубови веќе беа затворени, рестораните и кафулињата до средината на март и натаму беа отворени. Како што ни рече една девојка додека седеше со пријателите пред еден бар уживајќи во пролетното сонце: „Баш мораше коронавирусов да се појави на пролет. Не е добро за нас самците“.

Наскоро потоа, сите школи за танцување, барови и ресторани во Берлин беа затворени: сите места каде самците вообичаено се запознаваа, се вљубуваа или влегуваа во сексуални авантури.
– Коронавирус: Изолација во поврзаниот свет
Писателот и терапевт Волфганг Кригер нуди кус одговор: „Самците генерално се препуштени сами на себе, со или без коронавирус. Мажена 60-годишна жена има далеку повеќе секс од 30 годишен самец. Квалитетот на сексот на самците е исто така полош“.
За да си ги подобрат шансите, милиони мажи и жени бараат партнер на сајтовите за запознавање. Но дали стравот од вирусот се вгнезди и кај нив? Германската агенција за запознавање, Паршип, тврди во своите реклами дека кај нив едно лице се вљубува во просек на секои 11 минути.
Портпаролката на Паршип, Јана Богац вели дека се уште не забележала пад во бројот на членството, па дури тврди дека кризата за нив носи и бенефити: „Секој е повикан да ги намали социјалните контакти на минимум, што пак, ги ограничува шансите за состаноци“. Но, според Богац, луѓето можат да контактираат онлајн и да создаваат нови, затоа што во моментов тоа не е можно офлајн.
Сепак, прашање е дали луѓето ќе се задоволат со повеќемесечно пишување пораки, или би ризикувале инфекција за да си приуштат кусо задоволство.
Но, како и секогаш, она што за едни е отров, за други е еликсир. Бидејќи самците мора да се снаоѓаат како знаат и умеат, побарувачката за порнографија и секс-играчки доживува бум. Продавниците за сексуални помагала веќе се префрлија онлајн, а оние со поголем претприемачки дух веќе нудат и такси услуги, што пак им овозможува и на таксистите да преживеат.