Давос – природа и архитектура за целосна почит

Давос е мирно алпско село кое се наоѓа во кантонот Гројбунден во Швајцарија. Гројбунден е најголемиот кантон во Швајцарија, кој се простира на целиот југоисток од земјата и се граничи на север со Австрија и на исток и југ со Италија. Пејзажот во кантонот е со тесни и длабоки долини, високи карпести врвови и многу густи борови шуми  кои го прават овој дел од Швајцарија најдив, најосамен и најмалку населен. И движењето или патувањето низ него било тешко. Но, Швајцарците во него многу инвестирале и граделе за да може да се доживеат сите убави глетки во и од Алпите и да се искористат сите можности што ги нуди овој дел од Швајцарија.

intercontinental-davos-dorf

Зимските центри во кантонот Гројбунден Давос, Клостер и Сент Мориц денес се едни од најпознатите и најпосетени места на Алпите и нудат првокласно скијање, планинарење и алпинизам по сите светски стандарди. Убавата Енгадин долина во Гројбунден, во која се наоѓаат овие центри, се протега на 100 километри долж јужната тераса на Алпите и изобилува со сончеви денови скоро 300 дена во годината.

Давос се наоѓа  на надморска височина од 1.560 метри и е познат од многу одамна по својата добра микроклима со свеж чист воздух, многу сончеви денови и снег кој долго се задржува. Сместен е во долина, покрај езеро и река, меѓу два планински венци со високи карпести врвови. Заради овие климатски погодности уште во 19 век бил познат како здравствено одморалиште за лекување на болни од туберкулоза и луѓе со заболени дишни патишта.

Davos5

Во 1900 година откако е поврзан со железницата, а пред развојот на зимските спортови, во Давос имало по 700 илјади ноќевања годишно. Тоа било лекувалиште, воздушна бања. Во него престојувале и многу познати личности како Томас Ман, Антон Канон Дојл,  германскиот сликар – експресионист Кирхен и други. И денес модерната наука ги потврдила бенефитите од престојот во Давос за респираторните органи и дерматолошките позитивни ефекти. Иако денес многу од клиниките и санаториуми во Давос се затворени, неколку се останати и сè уште ги користат за закрепнување на луѓе со заболени респираторни органи.

Развојот на зимските спортови му дава нов живот и нов поттик и развој на ова алпско село.

DAVOS, SWITZERLAND city night aerial panorama in winter. Winter ski sports resort and home of the WORLD ECONOMIC FORUM

Денес Давос е најпознатиот зимски центар во Швајцарија и пошироко, со прекрасни и долги патеки за скијање, посебни патеки за санкање и боб, патеки за алпско трчање и неколку лизгалишта за хокеј и лизгање на мраз.

Давос располага со 110 патеки за скијање со должина од 331 километар. Половина од нив се средно тешки (црвени), една третина се за почетници (сини), а останатите се за експерти (црни). Располага со 57 транспортни средства, жичници и ски-лифтови, кои пренесуваат 64.420 луѓе на секој час на терените за скијање. Најдолгата патека за скијање е со должина од 12 километри.

Терените за скијање со транспортните средства се поврзани и со терените на познатиот блиски зимски центар Клостер.

Давос е познат и по Светскиот економски форум (WEF), кој се одржува секоја година во последната недела од месец јануари, од 1971 година до денес. Претседатели и премиери на држави, претставници на мегасветски институции се среќаваат секоја година, дискутираат и ја одредуваат агендата за економските и финансиски текови во годината што доаѓа.

WEFHotel

Во лето Давос го посетуваат многу планинари и алпинисти. Тој е и еден од најопремените светски центри за спортски припреми на голема височина, користен од атлетичари и спортски тимови за подобрување на кондицијата и издржливоста.

Давос од средината на април до средината на јуни и од средината на ноември до средината на декември е затворен за посетители. Затворени се хотелите и сместувачките капацитети,  скоро сите продавници, пешачките и скијачките патеки. Давос се спрема за сезоната која доаѓа, летна или зимска. Малото живописно село – денес гратче доби нов живот и многу нови можности за неговите жители. Давос има постојани жители 10.937 (податок кој е од 2017 година).

Има два дела Село-Давос и Плац-Давос. Во првиот дел е старото село и тоа е претежно дел за домување. Во вториот дел, Плац-Давос, се наоѓаат повеќе јавни објекти меѓу кои спортски центар со сала за хокеј, конгресен центар, Музејот на Кирхнер, повеќето хотели и друго. Двата дела се поврзани со една широка улица преполна со продавници, ресторани и слично.

Давос има повеќе од 250 хотели од сите категории. Многу светски хотелски брендови имаат изградено хотели токму во Давос.

Davos_-_InterContinental

Еден, скоро изграден хотел го привлекува вниманието со својата архитектура. Тоа е хотелот Интерконтинентал-Давос, хотел со највисока категорија. Хотелот е дело на  архитектите од проектантското биро ОИКОС од Минхен, кои се познати во Давос по повеќе реализирани објекти како продавници, индивидуални куќи, хотелот Гарден Хилтон Ин, реконструкција на старата народна куќа во алпското село близу Давос која е домаќин и на WEF.

Инспирација за формата на објектот и дизајнот на фасадата, архитектите добиле од  формата на боровата шишарка, која ја има во изобилие во шумите околу Давос. Денес  хотелот често го викаат „златна шишарка“ и претставува нов препознатлив белег на ова туристичко место.

Хотелот е лоциран на ледина, мирна локација, покрај езерото и опкружен е со борова шума, оддалечен на четири минути од железничката станица во селото Давос.

IntercontinentalDavos3

Хотелот содржи, освен соби за сместување, 10 сали за состаноци и конференции меѓу кои и сала за балови, огромен спа-центар, три ресторани и повеќе барови и различни простори за дневен одмор и забава на гостите.

Највпечатливи на објектот се неговата фасада, формата, мирната локација и вклопувањето на комплексот во целото опкружување.

Архитектите се инспирирале од конусната форма на шишарката и преклопувањето на нејзините листови – преклопни скали кои ги претвориле во повторувачка геометриска шема на фасадата која го обвиткува објектот и му дава посебност.

На фасадата, проектирањето и изведбата работеле повеќе стручни тимови заедно со архитектите од ОИКОС меѓу кои дигиталната компанија за моделирање, „Designtoproduction“ , тим од градежни инженери од компанијата „Wilheim and Partners“ и експерти за дизајн на фасади од компанијата „Seele“.

Целата фасада е изведена од 691 уникатни ласерски сечени панели, кои на фасадата имаат лим во боја на шампањ. Панелите се прицврстени на други 62 илјади метални парчиња на кои е прицврстена и оформена завршната фасадна обвивка на објектот (златната шишарка).

Hotel Davos 1

Фасадната обвивка на објектот почнува неколку ката над приземјето и ослонета е на столбови во форма на буквата „V“ кои се видливи во приземните катови и во холот на хотелот.

Архитектите, за да можат да се вклопат во планираниот буџет, направиле една измена од првобитната замисла, го замениле лимот на фасадните панели од алуминиумски елоксиран во челичен, кој е поевтин, но има осoбина помалку да ја менува големината и формата кога има поголеми температурни разлики. И покрај техничката комплексност на фасадата и комплицираната шема, таа е завршена за две години.

Многумина имале недоверба на почеток на реализацијата на овој објект дали ќе може да се изгради и да се вклопи во планираниот буџет, со оглед на високите стандарди кои се бараат за ваков хотел, а исто и временските рокови биле одредени, но архитектите од проектантското биро ОИКОС од Минхен заедно со повеќе други стручни тимови, успеале успешно да го реализираат планираното и да се вклопат во планираниот буџет и временски рокови.

Хотелот е пуштен во употреба зимската сезона 2016-2017 година.

Малото живописно алпско село Давос прераснува во еден од најпознатите зимски и летни центри  на Алпите  во Швајцарија, но познат е и пошироко и привлекува преку целата година многу посетители од земјата, од Европа и од целиот свет.

За да се изгради овој познат туристички центар и од непознато алпско село да стане туристички центар, познат низ светот, биле потребни повеќе од 100 години.

Извор: Порта3.мк

You might also like
Menu