Со фитнес до згодно тело, а како објаснува една од најзгодните девојки во земјава

Кристина Неделковска (27), со право може да ја наречеме една од најзгодните девојки во земјава. Таа е фитнес тренер во фитнес клуб Атлета во Скопје веќе 4 години, а со вежбање посериозно започнала да се занимава во 2014-та година.

intervju-so-kristina-nedelkovska-27-fitnes-trener-i-edna-od-najzgodnite-makedonki-so-oblini-001.jpg

Во 2018-та станува Фитнес Велнес шампион на Македонија – категорија во фитнес натпреварувањата каде се бара женствена фигура со облини, волуменозни нозе и задник и тесен струк, карактеристични за бразилските жени кои се и основачи на самата категорија.

Вели дека во Македонија, мажите се повеќе посветени на вежбањето отколку жените, препорачува последниот оброк да биде 2 часа пред легнување, а со нас сподели и фотки од нејзината трансформација.

Како изгледа еден ден на Кристина? Колку време одвојуваш за вежбање?

Мојот ден започнува рано наутро со домашните обврски и спремањето појадок, како и останатите оброци за денот за мене и моето момче. Готвењето е моја втора пасија и затоа многу време поминувам во кујна.

Потоа одам на работа и поголемиот дел од денот го минувам со вежбачите во теретана, но и контактирајќи со моите онлајн клиенти чија проверка е моја секојдневна рутина.

Во попладневните часови одвојувам час и половина за мојот тренинг, 4 пати во неделата.

intervju-so-kristina-nedelkovska-27-fitnes-trener-i-edna-od-najzgodnite-makedonki-so-oblini-02.jpg

Колку години си посветена на активно вежбање? Може ли да споделиш со нас фотографија од твојата трансформација?

Од дете спортувам, прво кошарка, па тенис, потоа и фитнес. Секогаш сум била активна, некогаш помалку, поготово кога бев студент, тој период и имав некое кило повеќе, но ништо сериозно, секогаш наоѓав време да се вратам во форма.

Ова е една фотографија од моето тело во 2014-та и 6 години подоцна:

intervju-so-kristina-nedelkovska-27-fitnes-trener-i-edna-od-najzgodnite-makedonki-so-oblini-003.jpg

Како изгледааат твоите оброци? Што е важно да се има предвид кога се внимава на тежината и каков е твојот став за суплементи?

Мојата исхрана се состои од 3 главни оброци, и 2 ужини. Бидејќи сум задоволна од својата килажа и форма, се одржувам со тоа што исхраната ми е балансирана. Тоа значи дека повремено си дозволувам и нешто слатко или пица.

Кога зборуваме за слабеење или пак кога сакам да се спремам за на плажа, исхраната е поограничена и чиста. Важно е да се јадат протеини кои ги има во месото, јајцата, рибата и мешункастите зеленчуци, јаглехидрати од овес и ориз, и здрави масти како авокадо, јаткасти плодови и маслиново масло. Сето тоа го надополнувам со многу зеленчук и салати и по еден протеински шејк како суплемент, додаток во исхраната.

Препорачувам користење на суплементи, кога се има потреба од тоа, како на пример протеинскиот шејк кога треба да се задоволи потребниот протеински дневен внес.

intervju-so-kristina-nedelkovska-27-fitnes-trener-i-edna-od-najzgodnite-makedonki-so-oblini-04.jpg

Дозволени ли се „cheat days“ во твоето секојдневие и дали консумираш алкохол?

Да, консумирам алкохол. Јас сум љубител на виното, но пијам ретко, во добра пригода или друштво по 1 чаша или 2. „Cheat days“ нема во моето секојдневие, но „chеаt meal“, еден оброк, да.

Исто како и со виното, за задоволство на душата знам да порачам пица или бургер, но како што кажав тоа е ретко, еве попрецизно еднаш месечно.

Што вклучуваат твоите тренинзи? Може ли да ја расчистиме заблудата дека ако жените креваат тегови, нема да изгледаат како мускулест маж?

Моите тренинзи се навидум слични и се составени од основни вежби кои навистина функционираат и кај мене на тренинг нема експериментирање со фенси Јутјуб вежби.

Тренинзите се поделени по мускулни групи – 2 пати се тренираат нозете/задникот и 2 пати горниот дел.

Кардио тренинзите се за додатна потрошувачка на калории кои ги вклучувам по потреба. Кога целта е да се симнат килограми тие се задолжителни, во комбинација со тренингот со тегови

Заблудата околу тоа дека вежбањето со тегови може да направи премногу изразени мускули мораме да ја разјасниме еднаш и засекогаш бидејќи сме 2021 година и треба повеќе да се едуцираме околу човечката анатомија и организам.

Жена ако вежба со тегови може да направи мускули доволно за да изгледа затегнато, тонирано и секси, и нема да личи на маж бидејќи жените немаат хормони како мажите.

Три основни вежби кои ги вклучуваш во секој тренинг?

Чучнувања и исчекор во тренинг за нозе и веслање во претклон во тренингот за грб.

За колку време може да се забележи разлика во изгледот на телото доколку се вежба редовно и се внимава на исхраната?

Ова е најчесто поставуваното прашање кога некој доаѓа на вежбање. Штом ќе почнете да вежбате и да внимавате на исхраната вие ќе се чувствувате поинаку. Разлика можете да видите и после 1 месец.

Но, секогаш имајте на ум, овој дел зависи само и само од вас, односно колку вие се придржувате до инструкциите кои ви ги дава тренерот.

Гладување и изгладнување – како ова влијае на телото и килограмите?

Кога гладувате килажата опаѓа, но слабее и вашиот организам и метаболизмот се забавува. Ова е нездрава опција за намалување на килограмите и има многу несакани ефекти. На крајот доаѓа до повторно дебелеење и враќање на несаканите килограми.

Помали и почести оброци или три пообемни? Кога треба да биде последниот оброк во денот?

Подобро е кога оброците се помали и почести. Тие никогаш не треба да се обилни, да се прејадувате. Јадете умерено „до ситост“ и на временско растојание од 3 часа. Последниот оброк од денот нека биде 2 часа пред легнување.

Колку килограми има Кристина? Дали некогаш си се борела со вишок килограми во животот?

Моментално имам 76 килограми и сум задоволна со оваа форма. Висока сум 183cm и оваа килажа ми прилега. Сум била и 80 кога се спремав за натпревар, со поголем процент на мускул во телото, но таа форма не може да се одржува на долги стази.

Вишок килограми сум имала, како што кажав и погоре во студентските денови, стигнав и до 87, но со тренинг и исхрана за една година ги намалив и му дадов на телото правилна форма.

Какво е твоето мислење за фитнес сцената во нашата земја? Колку навистина Македонците внимаваат на своето тело?

Фитнес сцената во Македонија е на едно ниво под секој просек. Македонците во глобала не водат грижа за своето тело. Можам одговорно да кажам и дека мажите, за разлика од жените повеќе вежбаат и внимаваат на исхраната, што мене како жена ме разочарува.

intervju-so-kristina-nedelkovska-27-fitnes-trener-i-edna-od-najzgodnite-makedonki-so-oblini-06.jpg

Мораме да ја разбудиме свеста дека треба да се грижиме за сопственото тело, физичкиот изглед и здравјето. Од ова зависи квалитетот на нашиот живот.

Ме охрабрува фактот што сè повеќе и повеќе млади деца, тинејџери доаѓаат во нашиот клуб, што им овозможува правилен раст и развој на истите и едукација за правилна и здрава исхрана што води кон генерација на здрава младина.

Совет за сите оние кои сакаат да започнат со вежбање…

Ако сакате промена во својот начин на живот и сакате да почнете со вежбање, направете го тоа постепено, менувајќи ги своите дневни навики една по една.

Секој ден е нов предизвик и да погрешите, утре имате нова шанса. Исто вака ги мотивирам и моите клиенти, со многу разговор, совети и со тоа што секојдневно и јас се трудам да бидам добар пример за нив.

Извор: crnobelo.com

Слични Вести
Menu