Копањето биткоини троши електрична енергија колку цели држави

Криптовалутата биткоин троши повеќе електрична енергија годишно отколку цела Аргентина и други држави, покажува анализа на Универзитетот „Кембриџ“. 

Копањето на криптовалутата црпи многу електрична енергија и бара моќни компјутери. Истражувачи од „Кембриџ“ пресметале дека консумира околу 121,36 терават-час енергија годишно, пренесува Би-би-си.

Според вредноста на криптовалутата, се чини дека ова нема да се промени наскоро. Биткоинот достигна рекордна вредност од 48.000 долари неделава откако компанијата „Тесла“ изјави дека купила биткоини вредни 1,5 милијарда долари и планира да ја прима валутата од страна на купувачите на нејзините автомобили. Вредноста на биткоинот веројатно ќе поттикне повеќе луѓе да копаат биткоини, а со тоа ќе се троши уште повеќе електрична енергија.

Со зголемувањето на вредноста на биткоинот расте и користењето на електрична енергија, изјавил Микел Раухс, истражувач од центарот за алтернативни финансии на „Кембриџ“.


Фото: Pixabay
Тој бил дел од тим што направил алатка за пресметување на потрошувачката на електрична енергија при копање биткоини. Според алатката, биткоинот троши повеќе енергија од Аргентина, Холандија и Обединетите Арапски Емирати. Енергијата што се троши со копање биткоини би била доволна за загревање на сите електрични бокали во Велика Британија во следните 27 години.

За да копаат биткоини, компјутерите се поврзани на мрежа и нивната цел е да ги проверуваат трансакциите направени од луѓето што испраќаат и примаат биткоини. Процесот вклучува решавање задачи со кои се обезбедуваат трансакциите. Како награда, „копачите“ понекогаш добиваат биткоини, па затоа луѓето често поврзуваат повеќе компјутери на мрежа за да го зголемат профитот.

Извор: bbc.com

You might also like
Menu