Најголемиот жив лавиринт во светот – тешко дека ќе излезете без помош од него

лавиринт во светот исткаен од бамбус, за голем број посетители претставува жива уметност на отворено. Сместен е во Fontanellato, мало гратче во близина на Парма, Италија и се протега на околу осум хектари. Креиран е од Franco Maria Ricci (1937 – 2020), издавач, библиограф и колекционер на уметнички дела, во далечната 1980 година. Овој лавиринт во целост е направен од 20 видови бамбуси (вкупно околу 200 илјади), високи меѓу 30 сантиметри и 15 метри. Патеката низ него е со должина од над три километри. Бамбусите растат заедно за да создадат високи ѕидови кои ја прават нивната ѕвездеста форма.

2

Периметарот е во облик на осумкрака ѕвезда, бидејќи така се правени градовите тврдини. Проектот за лавиринтот претрпел долг процес на разработка со архитектот Davide Dutto. Внатре во лавиринтот има и капела во форма на пирамида, спомен за древната врска помеѓу лавиринтите и верата.

Ricci за лавиринот говори: „Првпат сонував за изградба на лавиринт многу одамна. Тогаш во неколку наврати, во мојата селска куќа во близина на Парма, го угостив мојот пријател и ценет соработник во мојата издавачка куќа, аргентинскиот книжевник Jorge Luis Borges.

FRANCO MARIA RICCI - LABYRENTHE (FONTANELLATO - PARME)

Добро познат факт е дека лавиринтот беше една од неговите омилени теми. А, патеките по кои трагаше со колебливи чекори слепиот писател, додека шеташе околу мене, ме натера да размислувам за неизвесноста на оние што се движат среде раскрсници на патот и наидуваат на загатки. Мислам дека тоа го замислуваше и него, и разговараше во своите мисли за необичните патувања на луѓето. Тоа беше зачеток на проектот, конечно отворен за јавноста во јуни 2015 година.

Приказната вели дека кога Минос го изградил својот лавиринт (Палатата во Кносос на Крит, која била затвор), неговите намери биле сурови и мрачни. Јас замислував мек еквивалент. Таков кој воедно ќе биде и градина во која луѓето одвреме-навреме ќе може да шетаат и да се изгубат, без притоа да трчаат и без каков било ризик“.

Labrinto della Mason е направен во традиционален римски стил, но содржи некои од заштитните знакови на Ricci, како што се неочекувани ќорсокаци и раскрсници кои само навидум водат до излезот, односно ги збунуваат посетителите. Некои уличиња во лавиринтот всушност се слепи улици, па така оние кои одат по нив, не знаат на што ќе наидат – било да е тоа ѕид или раскрсница која води во повеќе насоки. Во внатрешноста на лавиринтот има вкупно три илјади квадратни метри тунели, што значи дека постојат многу рути по кои може да се оди, но секако, тоа не значи дека секоја од нив е онаа вистинската која води кон излезот.

Ricci имал голема страст кон бамбусот кој го сметал за мошне елегантно растение, кое многу малку се одгледувало во Европа, особено во Италија и му изгледало одлична суровина.

5

Бамбусот кој се користи, бидејќи расте многу високо го прави Labrinto della Mason повеќе да изгледа како катедрала, отколку како вистински лавиринт. Покрај тоа бамбусот е одличен за околината бидејќи не содржи штетници и болести, а прави чуда кога станува збор за апсорпција на јаглерод диоксид од атмосферата. Исто така, лавиринтот претставува и оддавање почит на бамбусите кои создаваат зен атмосфера и во исто време градат силна и флексибилна структура.

Бамбусот е зимзелено, елегантно, врбесто и енергично растение, кое расте брзо. Неговата сила е неговата висока стапка на фотосинтеза. Фондацијата Franco Maria Ricci ќе помогне во обновувањето на пејзажот во долината на реката По, кој е уништен од грди магацини, нудејќи им можност на деловните субјекти да користат бамбус за да ги сокријат грозните згради користејќи зелени екрани.

10

Во лавиринтот е отворен и музеј (целокупна колекција на уметнички дела која за педесет години ја собрал Ricci), библиотека (со негова збирка книги и секоја книга која ја објавил во тек на 50 години), подрачја за привремени изложби, архива и туристички содржини кои на меѓународните посетители и на локалното население, особено на младите им нудат пријатно добредојде, место за уживање, како и да се информираат и инспирираат. Сето тоа е инспирирано од цивилизацијата, стилот и удобноста. Поседува и бистро, кафуле и локална вкусна кујна, и сите се ставени во вештите раце на наградуваниот готвач Spigaroli.

21

Franco Maria Ricci е познат колекционер на уметности, но објавил и своја книга насловена „Лавиринти: Уметноста на лавиринтот“. Во предговорот на оваа книга, кој го напишал Умберто Еко, вели: „…Ако сликата на лавиринтот има вековна историја, тоа значи дека луѓето десетици илјади години биле фасцинирани од нешто мистично и предизвикувачко. Постојат многу животни ситуации во кои е лесно да се влезе, но тешко е да се излезе; само на прв поглед ни се чини дека е тешко да се размислува за ситуации во кои е тешко да се влезе, но лесно да се излезе“.

25

А кога станува збор за влегување и излегување од овој најголем жив лавиринт од бамбус во светот – ретко некој кој влегува во него ќе успее брзо да излезе надвор. Бидејќи, навигацијата со бамбус е сосема поинаква од навигацијата во лавиринтите од жива ограда. Имено, висината на бамбусот ја ограничува сончевата светлина, што дополнително ги дезориентира посетителите, спречувајќи ги да се сетат дали веќе преминале една локација. Така, посетителите се принудени внимателно да размислат за патеките по кои се движеле претходно.

Извор: Порта3

You might also like
Menu