Ова е земјата која прва прогласи крај на пандемијата – маските се минато

23 нови случаи. Таква беше состојбата на 23 август 2020 година на Фарските Острови. Неколку месеци подоцна, во текот на декември, бројките „експлодираа“ – до 19 случаи на ден. И толку. Од 26 февруари годинава сите 18 Фарски Острови официјално немаат корона. Ја искоренија.

Како успеаја во тоа?

Околу 50.000 луѓе живеат на Фарските Острови кои официјално се дел од Данска, но уживаат голема автономија. Главно се занимаваат со риболов, туризам и одгледување овци. „Фарски Острови“ во превод значи „Овчи Острови“.

Островската група се наоѓа во Северен Атлантик, проближно на половина пат помеѓу Шкотска и Исланд. Релативната изолација е првата важна состојка на фарскиот рецепт, па благодарение на изолацијата тие успеаја добро да се справат со пандемијата. Ова е особено значајно кога ќе се спореди ситуацијата со некои други, многу поголеми островски држави, на пример, со Нов Зеланд, каде што во меѓувреме прогласија дека го победија вирусот.

До Фарските Острови може да се стигне само преку траект од главниот град Торсхавн или преку аеродромот во градот Вагар. Преку него пристигнуваат повеќето луѓе што сакаат да ги посетат Фарските Острови. Ова дава можност за добра контрола на влезот на луѓето на островите.

Препораки, а не принуда

Бардур Стејг Нилсен е премиер на Фарските Острови. Во статија објавена од британски „Гардијан“ тој неодамна го објасни успехот во борбата против пандемијата.

– Јасно е дека направивме многу работи како што направија и другите земји. Тестирање, следење на контактите, заклучување, кампањи за информирање на граѓаните и реорганизација на здравствениот систем. Но, од друга страна, нашата стратегија беше единствена. За разлика од другите влади, во рана фаза одлучивме дека не сакаме да влијаеме врз однесувањето на нашето население со забрани, туку со препораки – вели Нилсен.
2
Фото: Freepik

Летото 2020 година Фарските Острови беа на врвот на листата со земји според бројот на спроведени тестови. Биле тестирани 2 отсто од вкупното население. За толку висок процент на ретко населени острови, сепак биле потребни „само“ 1.000 тестови.

Според Нилсен – „Кој дава доверба, тој добива доверба“ е тајната на успехот. Тој додава дека покрај стратегијата за тестирање и градење доверба кај граѓаните, потребна е и малку среќа за успех. А среќата во случајот на Фарските Острови е тоа што географските и социјалните околности нудат исклучително поволни услови за борба против пандемијата. Фактот дека островите го намалиле бројот на нови случаи на нула, Нилсен го опишува како мешавина од компетентност и среќа. Досега се пријавени вкупно 658 позитивни тестирани луѓе и еден смртен случај поврзан со коронавирусот.

Сосема нормален живот

За жителите на архипелагот, ситуацијата овозможува низа придобивки за кои континенталните Европејци можат да сонуваат веќе една година. Обврската за користење заштитни маски беше укината на 5 март.

Еден ден подоцна почна фудбалската сезона со гледачи на трибините. Ова е важна работа за луѓето од Фарските Острови кои се луди по фудбалот. Многу Европејци слушнале за Фарските Острови благодарение на фудбалската репрезентација на архипелагот што учествува во квалификациите за Светското и Европското првенство и редовно го зазема последното место во квалификациската група. Најголемиот успех на Фарските Острови во фудбалот е легендарната победа од 1:0 на гостувањето во Грција – поранешен европски шампион.
2
Фото: Freepik

– Овде живееме сосема нормален живот. Среќен сум, многу сум среќен поради тоа. Кога ќе ја погледнам ситуацијата во остатокот од светот, прилично е драматично – вели Германецот Кевин Шиндлер, помошник-тренер на фудбалскиот клуб Хавнар Болтфелаг.

Така, на Фарските Острови дербито се игра пред 200 гледачи, но во вистинска навивачка атмосфера, а истовремено на континентот натпреварите од Лигата на шампионите се играат пред празни трибини.

Одмор од коронавирусот?

За жителите на европските метрополи, идејата за одмор на Фарските Острови звучи примамливо. Но, за планирање вакво патување, потребно е доста време.

Во моментов никој не смее да влезе на островите без негативен ПЦР-тест. Кој пристигнува на Фарските Острови со авион или единствениот траект до Торсхавн, мора да биде тестиран 72 часа пред да пристигне во архипелагот. Тестот мора да биде негативен. И тогаш, по пристигнувањето, мора да се изврши повторно тестирање, и шест дена потоа уште еднаш. И, помеѓу тие два теста, мора да бидете изолирани. Според информациите што доаѓаат од владата, овие правила ќе останат во сила најмалку до 30 јуни.

Извор: Deutsche Welle

You might also like
Menu