Kоронавирусот предизвикува нов облик на дијабетес

Д-р Франческо Рубино од Кралскиот колеџ во Лондон и неговите колеги забележале зголемување на бројот на дијабетес тип 1 и тип 2 кај лицата заразени со коронавирус. Затоа, тие направиле регистар во кој лекарите ширум светот можат да пријавуваат такви случаи.

Експертите кои го анализирале регистарот, во кој се наведени повеќе од 350 извештаи за можна појава на дијабетес предизвикан од инфекцијата со ковид-19, велат дека е тешко да се негираат овие бројки.

“Во текот на изминатите неколку месеци, видовме повеќе случаи на пациенти кои или развиле дијабетес додека имале симптоми на инфекција со ковид-19 или наскоро после тоа. Сега веруваме дека постои врска и дека коронавирусот може да предизвика нарушувања во метаболизмот на шеќерот”, рече Рубино.

„Веруваме дека овие случаи треба дополнително да се испитаат, бидејќи оваа врска може да биде голем проблем, особено со оглед на обемот на пандемијата“, додаде тој.

Пол Зимет, специјалист за дијабетес од Универзитетот Монах во Австралија, вели дека „што се однесува до него, тој не се сомнева дека ковид-19 предизвикува нова форма на дијабетес“.

Научниците претпоставуваат дека вирусот на ковид-19 може да го наруши метаболизмот на шеќерот затоа што комуницира со рецепторот АЦЕ-2 за да се инфилтрира во клетките на голем број органи, вклучувајќи го и панкреасот. Друго можно објаснување е дека силната реакција на нашиот имунолошки систем ги оштетува органите кои се клучни за одржување на нормалното ниво на гликоза, пишува Гардијан.

“Сите овие се теории. Но, теории кои не се филозофски, туку се втемелени во биологијата и искуството со другите вируси”, вели Рубино.

Другите вирусни заболувања, особено ентеровирусните инфекции, исто така, се поврзани со развој на дијабетес тип 1, каде што самото тело ги напаѓа клетките на панкреасот спречувајќи производство на инсулин.

Д-р Сатиш Тирунавукакарасу од канадскиот универзитет Мекмастер прегледал осум студии од различни земји спроведени во текот на првите пет месеци од пандемијата. Тој открил 492 случаи на ново дијагностициран дијабетес кај 3711 хоспитализирани пациенти со ковид-19 (14,4%).

Овие бројки ги вклучуваат оние пациенти на кои им е дијагностициран дијабетес за прв пат во животот, како и оние кои претходно имале болест, но не знаеле за тоа. Имено, кај дијабетес тип 2, симптомите се појавуваат постепено и може да се занемарат во раните фази на болеста.

Лекарите велат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди причинско-последичната врска помеѓу инфекцијата со ковид-19 и појавата на дијабетес. Имено, зголемувањето на нивото на шеќер во крвта не мора да биде поврзано со дијабетес, а познато е дека некои стероиди кои се користат за лекување на симптоми на коронавирусна инфекција го зголемуваат нивото на шеќер во крвта.

Ова не е единствената студија што го поврзува ковид-19 со појавата на дијабетес. Кинеските научници, кои следеле 2.469 пациенти заразени со коронавирус шест месеци по отпуштањето од болница, забележале 58 (приближно 2,35%) случаи на дијабетес.

Друга студија, која сè уште не поминала независен преглед од експерти, следела 47.780 пациенти со ковид-19 пет месеци по отпуштањето од болниците во Англија и открила дека на 4,9% од пациентите им бил дијагностициран дијабетес.

Слични Вести
Menu