Овој грчки остров крие скапоцен камен

На грчкиот остров Кефалонија, покрај пештерата Мелисани, се наоѓа и истоименото езеро, кое се смета за едно од најневеројатните езера во Светот.

Лежи под пештера со единствена убавина, чии пештерски ходници се долги неверојатни 3,5 километри, а самата пештера е широка 40 метри и висока 36 метри.

Кристално чистите води на езерото Мелисани имаат максимална длабочина од 39 метри. Декорациите на пештерите се стари меѓу 16 и 20 000 години.

Ова езеро е оддалечено само 2 километри од плажата Сами и околу 10 километри од градот Аргостоли, така што неговата локација е лесно достапна. Дефинитивно е место кое треба да го посетат сите што одат во Кефалонија.

Ова чудо на природата е откриено во 1951 година и е специфично по тоа што има измешано слатка и морска вода. Солената вода доаѓа од блиското море, додека слатката вода се влева во езерото од природен извор, кој се наоѓа на околу 20 метри под земјата.

Посетителите можат да изнајмат брод и да ги истражат езерото и пештерата. Патувањето започнува во отворениот дел од пештерата, кој е осветлен од сонцето, а потоа стигнувате до водата што има неонски тиркизен сјај. Водите во оваа пештера се најубави ако ги посетите помеѓу 11:30 и 13:30 часот по локално време, кога сончевата светлина продира низ кратерот на откриениот дел од пештерата.

Додека го истражувате езерото Мелисани со брод, ќе го видите неговиот прв дел со спектакуларен подводен одраз, а потоа и мал остров лоциран во внатрешноста на пештерата. Кога ќе влезете во вториот дел, ќе влезете во свет полн со сталактити, сталагмити и други необични пештерски формации.

Пештерата Мелисани се споменува и во грчката митологија. Според митовите, ова природно чудо го добило името по една од нимфите, наречена Мелисанта, која извршила самоубиство затоа што богот Пан не ѝ ја вратил љубовта.

You might also like
Menu