Научно докажано: пишувањето на рака ве прави попаметни отколку пишување на тастатура

Пишувањето со рака станува уметност што умира. Малку бизниси можат да работат и да функционираат во денешно време без компјутери. Повеќето студенти на факултет пишуваат на компјутер.

Основните и средните училишта низ целиот свет сега ги сметаат часовите по пишување на тастатура и на компјутер за неопходни за нивните наставни програми. Но, што губиме со тоа што рачното пишување го губи своето значење во општеството? Според науката, моќта на мозокот.

Истражувачи од Универзитетот „Принстон“ и од Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес, спровеле низа истражувања за да ги демонстрираат разликите помеѓу студентите што ги запишувале нивните белешки во тетратки и студентите што ги пишувале белешките на компјутер. Учесниците фаќале белешки на предавањата користејќи еден од овие два метода и биле тестирани за материјалот што го учеле 30 минути по завршувањето на предавањето, и повторно една недела подоцна.

Резултатите од истражувањето биле објавени во „Псајколоџикал сајнс“ и имале што да покажат. Авторите на истражувањето забележале дека додека претходните истражувања главно се фокусирале на тоа колку компјутерот пречи во концентрацијата при работата, во овој случај компјутерите биле користени исклучиво за пишување белешки. Резултатот покажал дека пишувањето со рака е покорисно.
rakopis
Фото: Freepik

Тоа не значи дека пишувањето на тастатура нема свои придобивки; постојат причини (покрај сеприсутноста на технологијата во денешно време) зошто пишувањето на компјутер толку се раширило. Оние што пишуваат на тастатура имаат поголем капацитет за фаќање белешки и можат да забележат повеќе зборови во однос на пишувањето со рака, па понекогаш можеле и да го напишат целото предавање, од збор до збор. Но, тоа не значи дека би запомниле повеќе.

Тоа го покажал тестот направен 30 минути по предавањето кај студентите што пишувале на компјутер и кај оние што пишувале рачно. И додека и двете групи имале еднакви резултати кога станува збор за основните факти од предавањето, оние што пишувале со рака биле подобри во поапстрактните прашања. Студентите што пишувале рачно требало брзо да ја процесираат лекцијата и да ја напишат на начин што ќе им овозможи подобро да ја разберат, давајќи им предност во долгото помнење на новите концепти.

Што се однесува до тестот направен една недела подоцна, резултатите биле доста слични. Студентите што пишувале рачно и понатаму ги помнеле концептите на предавањето иако поминала една недела. Овие учесници биле поотворени кон разбирање на новите идеи.

Тоа значи дека пишувањето со рака е една од малите работи што можат да ве направат попаметни и да ја подобрат функцијата на мозокот.

Компјутерите не си заминуваат, но тоа не значи дека тетратките треба да застарат.

Извор: Reader’s Digest

You might also like
Menu