Потекло и историја на ракувањето. Дали ќе ја преживее пандемијата?

Во актуелните околности допирот со туѓа рака е рамно на хорор – според една проценка, само еден квадратен сантиметар кожа на раката содржи 10 на седма бактерии (со други зборови – мнооогу). Дури и вирусот на обичниот грип опстанува на немиени раце цели три часа.

Но иако дискусијата за минатото и иднината на ракувањето има специјална важност во ера на удирање со лакти и тупаници, книгата на Ал-Шамахи не е само користење на моментот за да се зборува на оваа тема, туку е подетално проучување на еден човечки (и не само човечки) гест.

Авторката започнува со деконструкција на митот за потеклото на ракувањето во средниот век, чија наводна цел била да покаже дека оние што се ракуваат не носат скриен нож или друго студено оружје. Таа наведува месопотамиски рељеф од деветиот век пред наша ера кој се чува во Ирачкиот музеј во Багдад на кој е претставено нешто што личи на ритуал на ракување. И не само тоа – референци на ракувања има и кај Хомер, а теоријата за скриеното оружје не е постара од статија во Харперс базар од 1870.

Исто така се помешани доказите дали ракувањето е универзална карактеристика на културите. Локално се среќаваат и варијанти, како маорското допирање со носеви, а има и австралиско племе, Валбири, кое се поздравува (барем мажите) со тресење на пенисот. Шимпанзата се ракуваат, но луѓето од ориентот не. Да се одбие понудена рака се смета за голема навреда, но навреда може да биде и претерана интимност, па и напад на интегритетот на личноста. Доналд Трамп во текот на своето претседателствување стана познат и по тоа што иако не сакаше да се ракува (поради фобија од бактерии) сепак издржа епско поздравување со Емануел Макрон од 29 секунди при нивната прва средба. На третата дури и се бакнаа.

Кога пандемијата еднаш ќе заврши (дали?) ќе мора да се најдеме на половина пат помеѓу емоционалната корист од контактот кожа на кожа и придружниот ризик од зараза. А овој договор да го заклучиме со тоа што – ќе си подадеме рака

Извор:off .net

You might also like
Menu