Не фрлајте ги лушпите од јајцата, корисни се за многу нешта

Овие денови јајцата во домот ќе бидат дел од секоја трпеза, а многумина семејства по лупењето на лушпите од јајцата истите ги фрлаат, но можат да ги искористат на повеќе начини.

 „Омекнете“ го кафето

Лушпите за оваа намена треба да бидат чисти, да не се фарбани со вештачка боја и да немаат онаква мембрана од јајцето. Бидејќи главно се состојат од калциум, значи се базни, тие можат да апсорбираат дел од киселоста во кафето, давајќи му поубав вкус.

 Миење тешко достапни површини

Сите имате вазна со тесен отвор која постојано ве нервира бидејќи не може убаво да се измие до дното. Ставете искршени лушпи во вазната со малку топла вода и детерѓент. Промешајте, и абразивните лушпи би требало да ги отстранат водените дамки а потоа лесно да излезат од вазната.

 Одгледување мали растенија

Ако сте успеале да задржите половина лушпа без јајцето внатре ова е совршен контејнер за семиња. Поставете ги така за да не мрдаат (на пример во онаков картон за јајца), наполнете ги со земја и посадете ги семињата. Кога ќе дојде време за садење, растенијата не мора да се вадат туку целата лушпа може да оди директно во земја, затоа што е биоразградлива (само направете дупче на дното за корењата да немаат проблем да се пробијат)

 Отстранување на градинарски „натрапници“

Правта од исушени лушпи може да убие непосакувани инсекти, доколку се фрли врз нивните гнезда, или околу листовите и подножјето на растенијата кои се зафатени од нив.

Бркање мачки од цвеќињата

Нема поголема нервоза од тоа секој ден да се расправаш со непознат сторител во форма на мачор/мачка кој ти моча во жардињерите. Искршени лушпи на тоа место може да ги премислат, затоа што острите врвови им ги дразнат шепите. Вреди да се проба.

 Замена за маски за лице со микро-гранули

Ваквите козметички препарати од јули 2017 ќе бидат забранети во САД, заради тоа што гранулите се опасни по околината, особено за рибите кои ги голтаат. Наместо нив, ете ги лушпите, оние небоените. Исушени и претворени во прав може да се помешаат со белка од јајце, и мешавината да се искористи како маска за лице.

 Отстранување дамки

Доколку имате светли шољи за кафе, црн или зелен чај, на кои обично остануваат дамки кои не се вадат со миење, ставете искршени лушпи во нив со малку вода преку ноќ. Порозните лушпи ја апсорбираат дамката и ги чистат шољите без да оставаат мирис на хемикалија.

 Правење евтин извор на калциум

Наместо да трошите пари на шумливи таблети или друг тип суплементи кои содржат калциум, лушпите можат да ја завршат работата, бидејќи само една од нив содржи околу 2 грама калциум, што е двојно повеќе од препорачаниот дневен внес за возрасни. Мелена лушпа може да се доде во било кое јадење, и ваше и она на вашето милениче.

You might also like
Menu