Летната сезона е пред почеток, а четирите европски земји во кои доаѓаат најголем број туристи годишно ги отвораат своите граници, со одредени ограничувања за туристите.
Грција
Грција ги отвори своите граници на 14-ти мај. Сите патници кои доаѓаат во оваа земја мора да имаат или потврда за вакцинација или негативен ПЦР тест не постар од 72 часа. Тестот е задолжителен за сите патници, вклучително и за деца постари од пет години. Исто така, задолжително е да се пополни формуларот ПЛФ пред да пристигнете во Грција.

Секој патник кој ќе пристигне во Грција, без оглед на сертификатот што го поседува, може да биде подложен на случаен здравствен преглед. Прегледот е задолжителен, а грчките власти можат да забранат влез во земјата на патници кои ќе одбијат да го сторат тоа.
На почетокот на мај, во Грција беа отворени барови, кафулиња и ресторани, под услов посетителите да седат во градините и на отворено.
Што се однесува до купувањето, продавниците се отворени, но со обврска да се ограничи бројот на клиенти. Музеите и археолошките места, вклучително и Акропол во Атина, исто така, повторно се отворија за туристи.
Шпанија
Пред три дена, Шпанија усвои уредба со која им се дозволува на британските граѓани да влезат во земјата без потреба од изолација или тестирање. Што се однесува до туристите од други земји, од 7 јуни, сите вакцинирани патници кои примиле една од вакцините одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), можат да летуваат во Шпанија.

Оние што ќе ја посетат оваа земја нема да мора да се грижат за полицискиот час, бидејќи тој неодамна е укинат. Што се однесува до плажите, препораката на шпанските власти е туристите прво да проверат дали има ограничувања во однос на бројот на туристи кои престојуваат на неа или во некои случаи, дали е потребна резервација за на плажа.
Италија
За да влезат во Италија, на сите патници ќе им треба негативен ПЦР или тест за антиген не постар од 48 часа. Што се однесува до ограничувањата, секој што ќе летува во Италија ќе мора да носи маска во затворен простор, а до 7 јуни излегувањето надвор е дозволено само во периодот од пет наутро до 23 часот. По 7 јуни ќе биде дозволено излегување до полноќ, а таа одредба ќе биде целосно укината на 21 јуни.
Пабовите, баровите и рестораните ќе бидат отворени, но за ограничен број посетители. Максимум четири лица можат да седат на една маса заедно. На плажите мора да се почитува растојание од еден метар. Затворените базени и велнес центри ќе бидат отворени од 1 јули.
Музеите и другите културни институции се отворени, но од понеделник до петок влезот е ограничен на максимален број луѓе (што варира во зависност од капацитетот на музејот), а резервациите се потребни за викенд посети.
Португалија
Секој што планира летен одмор во Португалија, исто така ќе треба да направи негативен ПЦР тест не постар од 72 часа.

Туристите во оваа земја ќе бидат обврзани да носат маски. Рестораните се отворени до 22.30 часот, со максимум шест лица на една маса во рестораните и десет во градините и на отворено. Оние кои планираат шопинг во Португалија, треба да знаат дека со одлука на тамошната влада, продавниците се отворени до 21 часот во работните денови и до 19 часот за време на викендите.
Извор: Нова.рс