Во Индија почина човекот со 38 жени и 89 деца

Во индиската држава Мизорам почина 76-годишник за кој се верува дека бил глава на најмногубројното семејство во светот. Зијона Чана бил водач на религиозна секта која практикува полигамија, а починал во неделата оставајќи зад себе 38 жени, 89 деца и 36 внуци, пишува Би-би-си.

Веста ја потврди главниот министер на државата Мизорам, кој на „Твитер“ изрази сочувство до членовите на семејството. Наводно, Чана боледувал од дијабетес и висок крвен притисок.

Лекарите за новинската агенција ПТИ изјавиле дека неговата состојба се влошила додека бил во својот дом, во селото Бактаванг Тлангуам. Тој бил пренесен во болница во неделата вечерта, каде што била констатирана смрт по пристигнувањето.

Би-би-си пишува дека е тешко со сигурност да се каже дали Чана навистина бил глава на најголемото семејство во светот, со оглед на тоа што има и други луѓе што тврдат дека се носители на таа титула.

Во исто време, тешко е точно да се процени бројот на членови на семејството. Најмалку еден извештај наведува дека тој има 39 жени, 94 деца, 33 внуци и едно правнуче, што е вкупно 181 член.

Но, без оглед дали станува збор за светски рекорд или не, Чана и неговото семејство станаа своевидна локална сензација што привлече туристи во селото во североисточна Индија.

Огромното семејство живее во куќа на четири ката наречена куќа на новата генерација, која има дури 100 соби.

You might also like
Menu