Европа бара побрзо воведување на иновативни проекти во неколку земји, кои ќе помогнат во борбата на регионот против климатските промени и ќе ја забрзаат дигиталната трансформација.
Регулаторното тело на Европската унија разгледува алатки за зајакнување на прекуграничните иницијативи во областите како што се водород, одржлив транспорт, 5G коридори и блокчејн, според нацртот на индустриската стратегија, што го објави Bloomberg News. Бројните држави членки веќе ги најавија плановите за здружување на силите во рамките на пакетот на економско опоравување на ЕУ, наведува Европската комисија во објавениот документ.
„Комисијата ги проценува опциите за ефикасен механизам за забрзување на имплементацијата на таквите проекти во повеќе држави, овозможувајќи ја посебно можната комбинација на финансирање на земјите-членки и ЕУ“, се вели во документот. „Спроведувањето на правилата за конкуренција, посебно правилата за државна помош, ќе обезбеди дека јавните средства за опоравување не ги заменуваат, туку ги активираат дополнителни приватни инвестиции“.
ЕУ од зеленото и дигиталното создаде два столба на својот план за закрепнување, со цел да го зајакне своето лидерство во глобалната борба против климатските промени, да ги поттикне иновациите и да ја намали зависноста од увоз на критичните материјали.