УВ- ЗРАЧЕЊЕТО ПРЕТСТАВУВА РИЗИК ЗА СЕРИОЗНИ КОЖНИ БОЛЕСТИ !

Симптоми на изгореници од сонце се:

1 розова кожа или црвенило на кожата
2 кожа што е топла на допир
3 чешање
4 отоци
5 мали меурчиња исполнети со течност
6 главоболка, треска, гадење и замор ако се сериозни изгореници

Секој дел од телото што е изложен на сонце, вклучително и ушите, кожата и усните, може да изгори. Дури и ако кожата е покриена, може да се оштети. Ова се случува во случаи кога гардеробата е тенка, што овозможува ултравиолетовите зраци да навлезат низ неа. Очите, кои се чувствителни на УВ-зраци исто така можат да изгорат, што е многу болно и непријатно.

Симптомите на изгореници од сонце обично се појавуваат неколку часа по изложувањето на сонцето, но има случаи кога им треба ден или два за да се појават.

По неколку дена од изгорениците, телото почнува да ја обновува кожата, па оштетениот дел почнува да се лупи. После тоа, кожата може привремено да има нерамна боја. Ако изгорениците се сериозни, закрепнувањето трае неколку дена.

Интензивно изложување на сонце, што предизвикува изгореници, го зголемува ризикот од други оштетувања на кожата и одредени болести. Овие вклучуваат сува или збрчкана кожа, темни дамки и рак на кожа, како што е меланом.

Изгорениците може да се избегнат со соодветна заштита на кожата со производи што содржат заштитен фактор. Ова е особено важно ако долго време ќе останеме на отворено, директно изложени на сончевите зраци. Сериозни изгореници може да се појават дури и во облачни денови, бидејќи УВ-зраците продираат низ облаците и паѓаат на нашата кожа, дури и кога тоа не го забележуваме.

Во летните денови, употребата на крема за сончање е задолжителна, особено кога станува збор за деца. Исто така, препорачливо е да носите заштитни капи и очила за сонце. Сепак, најдобриот начин да се заштитите од сериозни изгореници е да избегнете да бидете на отворено помеѓу 11 и 17 часот.

You might also like
Menu