Oставка од британскиот министер за здравство откако со страсни бакнежи ги прекрши ковид-мерките

Британскиот министер за здравство, Мет Хенкок, поднесе оставка откако се најде во центарот на скандал поради кршење на мерките за одржување на физичко растојание, откако се појавија фотографии на кои се гледа дека разменува прегратки и страсни бакнежи со својата главна советничка.

Од Даунинг стрит ја испратиле оставката на Хенкок до премиерот Борис Џонсон.

Мет Хенкок претходно призна дека ја прекршил мерката за физичко растојание, кратко откако во медиумите се појавија фотографии и снимки на кои тој се бакнува со својата колешка, Џина Коладанџело.

Ханкок рече дека ги изневерил луѓето и дека многу му е жал заради фотографиите со неговата соработничка, што тој самиот ја назначил на позицијата во министерството.

„Прифаќам дека ги прекршив упатствата за социјална дистанца во овие околности. Разочарав многумина и многу ми е жал”, рече Хенкок, цитиран од медиумите.

Хенкок е во брак 15 години и има три деца, а Коладанџело минатата година добила позиција советник, во услови на пандемска криза.

Опозициската Лабуристичка партија претходно побара од премиерот Борис Џонсон да го разреши Ханкок, оценувајќи дека неговото останување на функцијата е неодржливо.

You might also like
Menu