Каква мајка беше принцезата Дијана?!

Принцезата Дијана ќе остане запаметена како еден од најобожаваните членови на кралското семејство. Таа во голема мера ги рушеше стереотипите за тоа што значи да бидеш претставник на кралското семејство – како преку хуманитарната работа, така и преку грижата за нејзините синови без притисок од правила.

Се вели дека нејзина цел била синовите Вилијам и Хари да имаат што е можно понормален живот, а има повеќе фотографии објавени во јавноста што го покажуваат токму тоа.

Направени се повеќе фотографии на коишто се гледа како таа си игра со нејзините деца, но и фотографии каде таа не ги почитува кралските протоколи и ги носи нејзините деца заедно со неа на кралските турнеи.

„Таа како родител беше голем бељаџија. Нејзиното мото беше: ‘Можеш да правиш бељи колку сакаш, само внимавај да не те фатат’“ – рече Хари за неа во 2017-тата година.

Дијана беше во целост посветена на нејзините деца и секогаш наоѓаше време за нив. Уште од нивното раѓање таа одеше спротивно на она што се очекуваше од неа, како мајка на престолонаследници: сама ги одбра нивните имиња и ги доеше додека беа бебиња.

Тоа што Дијана одлучила да го земе Вилијам со нив на кралска турнеја само по себе била шокантна одлука. Претходно немало таква пракса. Вообичаено додека претставниците на кралското семејство оделе на турнеи, децата останувале дома заедно со дадилки и негувателки. Таков бил случајот со принцот Чарлс.

Пред да се омажи за принцот Чарлс и да стане принцеза, Дијана работела како негувателка во градинка и имала огромно искуство во грижата за деца. На оваа фотографија се гледа како таа му помага на 3-годишниот Вилијам да реши сложувалка во неговата соба во Кензингтонската палатата.

Нејзиниот живот бил исполнет со кралски должности, настани и обврски. Сепак, таа се трудела својот распоред да го координира со распоредите на нејзините синови. Во нејзиниот календар, обврските на нејзините синови биле забележани со зелено мастило.

Според традицијата, престолонаследниците вообичаено биле образувани дома, од страна на гувернанти. Принцезата Дијана повторно ги промени стандардите откако одлучи принцот Вилијам да оди во градинката Mrs. Mynors’ во Нотинг Хил во 1985-тата година.

Принцот Вилијам е првиот член на кралското семејство што во целост бил образуван во јавни училишта.

На оваа фотографија се гледа дека принцезата често сакала времето со нејзините синови да го поминува во игра. На патувањето на Островот Некер во 1990-тата година, таа си играше заедно со синовите и нивните другарчиња и покажа дека тоа што е принцеза воопшто не може да ја спречи да се забавува.

Тоа беше една од нејзините најпознати фотографии на кои се гледа како се однесува сосема неформално и веднаш се фрла да ги гушне синовите. На фотографијата од 1991 година се гледа како таа ги пречекува синовите на кралската јахта Britannia со која требало да одат на првата кралска турнеја како семејство.

Принцот Хари во документарниот филм Diana, Our Mother: Her Life and Legacy говореше и за прегратките на неговата мајка:

„Таа само ќе нè прегрнеше и ќе нè стиснеше што е можно посилно и со оглед на тоа што бев многу мал, немаше каде да бегам, морав да бидам таму сè додека таа сакаше да ме држи. Дури и сега кога говорам за тоа можам да ги почувствувам прегратките што ни ги даваше“.

Слични Вести
Menu