Тука ќе пронајдете прекрасна природа, чисто море, убави градови и повеќе простор за себе.
Леванцо, Италија

Малиот остров сместен веднаш до западниот брег на Сицилија се простира на само 6 квадратни километри. Идиличното село се наоѓа покрај крајбрежјето, во подножјето на ридовите кои му обезбедуваат заштита, а освен мирните улички и бело-сините градби долж брегот, тука можете да ја најдете и познатата пештера Грота дел Џеновезе, насликана од нашите претци уште во неолитот.
Хидра, Грција

Само неговото име звучи освежувачки, а е добиено поради големиот број природни извори на вода уште од античко време. Но, тука не е крајот на освежувањето. На живописниот остров недалеку од Атина нема автомобили ниту мотори. Сè може да се посети пеш: плажите, живописните манастири, таверните, шумските патишта кои водат кон ридовите, музеите…
Антиб, Франција

Иако Антиб е всушност туристички ресорт, тој не е претерано „туристичен“ ниту преплавен од луѓе. Својата автентичност ја чува во стариот романтичен град, во античките места, во средновековните бедеми, во една од најголемите збирки на дела на Пикасо, во раскошните градски градини и во домашното сирење и вино.
Сими, Грција

Сими е грчки град како од уметничка слика. Шарените вили изградени во класицистички стил совршено се вклопуваат во зелените и карпести ридови над пристаништето, создавајќи ја една од најсимпатичните сцени која Медитеранот може да ја понуди. А да не зборуваме за убавите патеки помеѓу карпите кои водат до скриените заливи…
Поркерол, Франција

Во малата оаза покрај француската ривиера владее Мајка природа. Пушењето цигари и автомобилите не се дозволени – наместо тоа, на располагање имате многу велосипеди и велосипедски патеки кои водат низ прекрасни медитерански шуми и магични песочни плажи.
Ментон, Франција
Го нарекуваат градот на лимоните, а е едно од местата со најмногу сончеви денови годишно во Франција. Во 19-тиот век, градот бил „откриен“ од руски и англиски богаташи кои доаѓале тука на терапија, па оттаму потекнуваат бројните раскошни вили и градини кои го красат овој град.