Од 157 килограми до фит тело: „Сакав нереална трансформација“

Илија Рајкочевиќ е 24-годишен фитнес тренер кој им помага на оние кои сакаат да ослабат и да го доведат своето тело до совршена форма. Но, пред шест години Илија бил тотална спротивност од она што е денес. Имал 157 килограми и водел нездрав начин на живот. Што го мотивирало да направи ваква трансформација и на кој начин успеал прочитајте во продолжение.

Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

ФОКУС: Имаш фасцинантна лична приказна. Од момче со прекумерна тежина направи неверојатна трансформација. Колку килограми имаше и кога одлучи дека е време нешто да промениш?

ИЛИЈА: Уште како мал имав проблеми со килограмите, максималната килажа ја достигнав во 2014 година(157кг). Знам дека секогаш се мачев, секој понеделник почнував со здрава исхрана и после одреден период ја прекршував, сето тоа во круг.
Случајно и спонтано се случи… Еден ден бев искочен и ми звони телефонот, се јавувам. Другар ми Божидар ми вика, ајде да почнеме во понеделник во теретана. Јас искрено не сакав, се срамев, но почнав. Во првата недела симнав пет килограми и бев пресреќен, имав преголема желба за да продолжам понатаму. После еден месец,  другарот мораше да прекине,  па јас си продолжив сам. Знам датумот беше 01.07.2014 кога почнав, истиот го имам и истетовирано на грб со пораката You know my name not my story.

ФОКУС: Која трансформација беше потешка: на телото или на умот и животните навики?

ИЛИЈА: Искрено, двете. За да може да направите вакво нешто мора сите навики во животот  да ги смените, а со тоа и вашиот изглед ќе се смени. Како ќе јадете така и ќе изгледате. Имав едно нешто во себе кое ме водеше кон целтa, а тоа е „Зошто?” Секогаш пред да направите неште, запрашајте се  „Зошто?” Си имав визија во процесот дека сакам повеќе од нормална трансформација, сакав да е нереална… Зошто? За да можам да им докажам на сите што не се мотивирани дека штом јас можам, можат и тие!

ФОКУС:На кој начин ги симна килограмите? Имаше ли помош од тренери и нутриционисти?

ИЛИЈА: Не, оваа трансформација ја направив сам. Беше летен распуст, работев физичка работа од 8 до 16 часот, па после тоа идев во теретана и намерно ги избегнував друштвата навечер, бидејќи ми го стопираа процесот на слабеењето. Тешко ми беше кога ќе видам некој со сендвич, со храна или пак пијат чаша вино, а јас само да ги гледам.
Во овие 7 години имам многу научено во врска со исхраната и се што е во гранката во  bodybuilding, бидејќи ескпериментирав на себе со помош на Google.
Сето мое знаење е од мое лично искуство и од Google. Доколку имате желба се ќе научите сами, ако сакате!

ФОКУС: Каков начин на живот водиш сега? (во однос на исхрана, вежбање, животни навики…)

ИЛИЈА: Истиот што го почнав уште пред 7 години.Гледам 90% од времето да го поминам на здрав начин на живот во врска со исхрана, вежбање и животни навики. Другите 10 отсто ги оставам за да го поминам времето со другите луѓе, бидејќи не секој води ваков животен стил.

ФОКУС: Сега работиш како персонален тренер. Имаат ли луѓето повеќе доверба во тебе кога ќе ја видат твојата трансформација?

ИЛИЈА: Секако, затоа и ме бараат. Доколку тие ме слушаат  тоа што е кажано, резултатот си го добиваат. Јас сум тука да, но доколку вие не се придржувате на тоа што треба, сите тренери ќе ви се криви. Доколку ви треба помош, може да ме најдете во теретаната Стронг во Центар или контактирајте ме на Инстаграм профилот:ilijarajkovcevik

ФОКУС: Според тебе, колку е важен психолошкиот момент во целиот процес на слабеење и менувње на животните навики?

ИЛИЈА: Премногу. Не е лесно, само има едно правило.Пробајте го: За да стекнете нова навика потребен ви е 21 ден, тоа е вистина. Знам на почетокот на 2014 година ми требаа околу три недели да ги сменам животните навики.

fokus.mk

You might also like
Menu