Се продава станот на славниот Бата Живојиновиќ за 240 илјади евра

Суровата вистина дека никој ништо со себе не носи на оној свет после своето физичко заминување е и во случајот на славниот актер Велимир Бата Живојиновиќ (починат е од гангрена и срцева слабост) кој на овие географски простори го памтиме од многу голем број на играни популарни филмови: Битка на Неретва, Сутјеска, Валтер го брани Сараево, Козара, Крвава бајка, Буре барут, Балкан експрес, Ивкова слава, Собирачи на пердуви…, но и во нашите: Татко (Колнати сме, Ирина), Црвениот коњ, Викенд на мртовци….

Деновиве станот на Бата Живојиновиќ со големина од 102 метри квадратни кој се наоѓа во Белград во Пожаревачка улица, помеѓу населбите Врачар и Звездара, се продава за голема сума од 240 илјади евра, а го продаваат неговите законски наследници.

Станот на Бата (и сопругата Лула, која е исто така почината) навистина беше гламурозен простор за живеење. Има два влеза, голем дневен салон, три спални соби, кујна со засебна трпезарија, тоалет со туш-кабина, а под станот е голем подрум со прозорци, простор кој исто така може допрва да се адаптира за живеење.

Паркетот е од најквалитетно дабово дрво, керамиката е шпанска, додека ѕидовите се декорирани по италијански шмек, а тапетите се со Сваровски кристали. Во салонот уште стојат сите награди кои Бата ги има добиено за голем број одиграни филмови и ТВ-серии. За некои нови детали околу продажбата на станот, неговиот син Миљко Живојиновиќ не беше расположен за муабет.

Сепак, за купување на овој стан постои огромен интерес, дури и се прави некој неофицијален список на купувачи, велат пријателите и роднините на Бата, па сумата од 240 илјади евра за заинтересираните не е проблем. Актерот имаше уште еден стан во Белград, но со далеку помала квадратура. Тој не е на продажба. Во него сега-засега живее роднина на Бата, која го одржува станот и ги чува спомените и сликите од овој славен и омилен актер на многу генерации од просторите од Вардар па до Триглав.

You might also like
Menu