Слон влегол во кујна во Тајланд преку дупка на ѕидот барајќи храна

Минатата недела семејство од Тајланд било во неверување кога во нивната кујна буквално упаднал див азиски слон среде ноќ.

„Спиевме и се разбудивме од гласна врева во кујната. Брзо се симнавме на долниот кат и видовме слон кој ја подава главата во кујната преку дупката во ѕидот“, вели Рачадаван која живее во куќата, за CNN.

Жената открива дека огромната дупка од ѕидот е всушност од пред еден месец, кога повторно имале сличен инцидент. Односно, дупката била направена од друг слон. Бидејќи не стигнале да ја поправат, азискиот слон, барајќи храна, решил да ја искористи за да провери што имаат во кујната.

На видеото кое веќе е вирално се гледа како слонот бара низ шкафчињата, а во еден миг и става нешто во устата.

„Имам видено многу слонови како лутаат низ градот барајќи храна. Но досега не ми ја уништиле куќата“.

CNN пренесува дека според Фејсбук објава на Одделот за заштита на национални паркови и див свет од Тајланд, слонот влегол во кујната бидејќи намирисал храна.

Наводно, бидејќи слоновите се хербивори, на нивниот организам му требаат минерали од солта во храната, па овој слон можно е да го следел мирисот на сол од кујната.

На објавата стои и дека сите локални жители се предупредени за ова, за да бидат претпазливи.

Се претпоставува и дека слонот можеби влегол во оваа куќа бидејќи се наоѓа веднаш до национален парк во којшто живеат слонови. Имено, во оваа област често се случувале вакви работи токму од оваа причина.

Иако видеото на прв поглед е смешно, всушност ситуацијата е тажна, бидејќи експертите сметаат дека слонот почнал да бара храна на друго место бидејќи неговото природно живеалиште е загрозено.

Според истражување од 2018-та за слоновите од западниот дел на Тајланд, голем дел од нивното живеалиште е загрозено поради агрикултурата и индустрискиот развој.

Слична е ситуацијата и со слоновите во Кина, каде што повеќе од една година, стадо слонови лутаат низ државата, најверојатно во потрага по ново живеалиште.

You might also like
Menu