Хрватите прогласени за најдебели мажи во Европска унија

Според податоците од последното големо истражување за здравјето на граѓаните на ЕУ, Хрватска е најлошо рангирана земја кога станува збор за прекумерната телесна маса, пишува загрепскиот весник „ Јутарњи лист”.

Во него се наведува дека убедливи шампиони во претерана телесна маса се мажите во Хрватска, бидејќи дури 73 отсто од нив имаат вишок килограми. Најмал процент на мажи со прекумерна тежина има во Франција – 53 отсто.

Италија има најнизок процент на жени со прекумерна тежина во ЕУ – 37 отсто, а во Хрватска тој процент е 58.

Според проценките од публикацијата на ОЕЦД – „Тешкиот товар на дебелината”, прекумерната тежина во Хрватска се поврзува со очекуваното намалување на времетраењето на животниот век за 3 и пол години. Според проекциите, до 2050 година, прекумерната телесна маса ќе биде одговорна за 75 отсто од случаите на дијабетес, 10 отсто од кардиоваскуларните болести, 7 отсто од случаите на деменција и 5 отсто од случаите на рак.

Во хрватската статистика за прекумерна тежина, особено преголема телесна маса имаат 27,3 отсто од лицата на возраст од 18 до 24 години, 45,1 отсто од лицата на возраст од 25 до 34 години, 59,8 отсто од оние на возраст од 35 до 44 години и дури 66,6 отсто од лицата на возраст меѓу 45 и 54 години.

Воочена е и зачестеност на прекумерната телесна маса и кај децата, од дури 35 отсто во старосна група од 8 години, што ја сместува Хрватска во најпогодените европски држави, се наведува во весникот.

You might also like
Menu