„Попрво би плачела во Ролс Ројс, отколку да сум среќна на точак“- Која е Патриција, црната вдовица на Гучи?

Модната индустрија со нетрпение го очекува долгометражниот игран филм „House of Gucci“. Филмот треба да ја раскаже мистериозната приказна за нарачаното убиство на наследникот на Гучи империјата, Маурицио Гучи, од страна на неговата поранешна сопруга Партиција Реџијани. 

Адам Драјвер и Лејди Гага ги толкуваат главните улога во филмот, а од улиците ширум Италија постојано ја честат јавноста со по некоја фотографија од сетот.

Приказната за Маурицио и Патриција е живописна, драматична, возбудлива и на крајот трагична. Во 1995 година го нарача неговото убиство, откако тој ја остави за помлада љубовница, но додека траеле, парот Гучи бил двојка за паметење. Црната вдовица, како што ја нарекува јавноста, доби 29 години затвор, а ова се некои од највозбудливите моменти во животот на Партиција Реџијани.

Од нивната свадба во 1973, Маурицио и Патриција биле дефиниција за раскош – замок на Сент Мориц, пентхаус во Менхетен, јахта, вила во Акапулко, фарма во Конетикат и неколку приватни острови ширум светот. 

Двојката имала автомобили на чии регистерски таблици пишувало “Мауција” – комбинација од Маурицио и Патриција, а Патриција трошела повеќе од 8 илјади долари месечно на орхидеи. 

Била љубител на тематските забави во боја, кои редовно ги организирала за својот луксузен круг на пријатели, вклучувајќи ги и Кенедиеви.

Откако била осудена, нејзиниот адвокат издејствувал посебна привилегија, па во затворот го добила друштвото на нејзиниот миленик, афричкиот твор Бамби. Бамби завршил неславно во затворот, откако некој седнал на него. Но, Патриција е забележана веднаш по излегувањето од затвор во 2016 година во друштво на папагал на своето рамо во една италијанска луксузна населба. 

Славата на Реџијани се врати во таблоидите по излегувањето во 2016. Во една прилика, беше пречекана од телевизиска екипа како излегува од својот дом, па ја прашаа зошто најмила човек да го убие Маурицио? Зошто самата не го сторила тоа? А таа одговори:,,Не гледам добро, а не сакав да промашам”. 

Патриција изјави дека била бесна на Маурицио и дека прашувала насекаде дали некој сака да го убие за одредена сума пари. Дури и во супермаркет. На крајот, за 250 000 долари, се согласил сопственикот на една пицерија, Бенедето Черауло. 

По излегувањето од затвор, се појавувала како консултант во „Бозарт“, дизајнерска куќа за луксузен накит, па успејала да им ја избрише сета дигитална архива. Во нејзина одбрана, кога влегла во затвор луѓето штотуку упочнале да користат факс. Од „Бозарт“ во иднина ѝ дале компјутер без интернет пристап. 

Вели дека истовремено го мразела и ѝ се допаѓало времето минато во затвор. Ја одбила можноста за условна казна, бидејќи во тој случај би морала да најде работа. ,,Никогаш во животот не сум работела, па немам намера да работам ни сега,” изјави на суд. Оваа нејзина изјава ја потврди само онаа претходната, фамозната: ,,Попрво би плачела во Ролс Ројс, отколку да сум среќна на точак”.

Многумина од пријателите на Маурицио и Патриција се сомневаат во наративот на медиумите дека Патриција го нарачала неговото убиство од љубомора. Тие сметаат дека таа била гневна што Маурицио го продаде брендот Гучи. ,,Јас сè уште се чувствувам како Гучи, јас сум Гучи” изјави Патриција, која на судењето, носеше исклучиво Гучи, од глава до петици.

fashionel.mk

You might also like
Menu