TикТок е прогласена за најпреземана апликација на светот во 2020 година

ТикТок е прогласена за најсимнувана апликација во светот, преземајќи го првото место од Фејсбук Месинџер, објави компанијата за дигитална аналитика „App Annie“.

Кинеската платформа за размена на видеозаписи е единствената апликација што не е во сопственост на Фејсбук, меѓу првите пет најпреземани во светот.

Сопственикот на Тик Ток, БајтДенс (ByteDance), мултинационална компанија за интернет технологија со седиште во Пекинг, и во сопствената земја го држи првото место и тоа со видео апликација на кинески јазик – Доујин (Douyin), кинески пандан на ТикТок , пренесува Би-Би-Си.

Популарноста на ТикТок продолжи да расте особено откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп се обиде да ја забрани во САД.

Апликациите на Закерберг помеѓу водечките

Од почетокот на истражувањето во 2018 година, водечките места ги држеа апликации во сопственост на Фејсбук, кои сè уште доминираат на листата.

Апликациите на Закерберг се рангирани помеѓу водечките пет, а покрај Фејсбук Месинџер тука се и Ватсап и Инстаграм.

Минатата година, тогашниот американски претседател Доналд Трамп нареди забрана за нови преземања на ТикТок во САД. Администрацијата на Трамп тврдеше дека апликацијата претставува опасност за националната безбедност бидејќи преку неа ѝ се достапни сите кориснички податоци на кинеската влада.

Компанијата повеќе пати ги демантираше ваквите обвиненија, наведува Би-Би-Си.

Слични Вести
Menu