НАСА бара волонтери за симулација живот на Марс

За три години, човечка нога може повторно да стапне на Месечината, а една година или една деценија подоцна, човекот би можел да го освои – Марс. Илон Маск верува дека тоа би можело да биде веќе оваа деценија и неговиот „SpaceX“ веќе тестира ракета што треба да однесе човечки екипаж на Црвената планета.

Меѓутоа, додека тоа не се случи, НАСА сака да биде подготвена, па американската вселенска агенција веќе започнува со подготовки и тестови за живот на таа планета. Имено, тие неодамна објавија конкурс за мисија во голем 3D печатен модул во кој ќе се симулира живот на Марс.

Четири лица ќе живеат во специјална структура една година, а НАСА ќе спроведе три такви мисии во кои се симулираат условите со кои би можеле да се соочат астронаутите на Марс. Нивната цел е да тестираат и развијат методи и технологии кои треба да ги спречат и решат потенцијалните проблеми за време на летот кон Марс и Месечината, соопшти НАСА.

Агенцијата во моментов прифаќа апликации за првата мисија наречена „Crew Health and Performance Exploration Analog“ за која подготвија специјален модул во Хјустон наречен – Mars Dune Alpha. Модулот се состои од четири приватни простории за членови на мисијата, работни области, медицински станици и простор за одгледување храна.

Модулот ќе ги симулира предизвиците со кои ќе се соочат астронаутите на Марс – како што се ограничени ресурси, проблеми со опремата, каснење на комуникацијата, а и исхраната ќе биде прилагодена на такви услови.

Условите за аплицирање за оваа мисија се лицата да се на возраст меѓу 30 и 55 години, да имаат диплома од областа СТЕМ, а медицинскиот преглед е задолжителен, ист каков што мора да поминат и астронаутите. Апликациите се прифаќаат до 17 септември, а мисијата треба да започне на почетокот на следната година.

Учеството во мисијата на НАСА ќе биде наградено со пари, но сумата се уште не е позната.

Слични Вести
Menu