„Застава 101“, ширум Југославија позната и како „стојадин“, „стокец“ и „стоеден“, во своето време беше еден од ретките автомобили од истокот кои рамноправно можеа да се носат со конкуренцијата од западот.
Нормално, една од тајните на неговиот успех беше италијанската платформа, како и фактот дека беше еден од првите компактни односно хечбек модели на пазарот. Практичните 5 врати беа реткост во 70-те години на минатиот век, а притоа ова возило, како домашен производ во Југославија имаше и многу популарна цена.
Благодарение на словенечкиот „Авто Магазин“ од 1972 година, денес можеме да знаеме колку чинеше еден „стојадин“ во тоа време. Цената во девизи тогаш изнесувала 2.084 американски долари.

Пресметано во денешна вредност, кога ќе се пресмета и инфлацијата за изминатите речиси 50 години, Фејсбук страницата „Oficijalna stranica Zastava 101 foruma“ дошла до податокот дека во денешно време една „Застава 101“ би чинела 11.441 евра.