На Јапонка ќе ѝ биде заменет златниот медал, оти градоначалникот ѝ го гризна првиот

На јапонска златна медалистка ќе ѝ биде заменет медалот помалку од една седмица по завршувањето на Летните олимпски игри во Токио. Тоа, поради доста невообичаена причина.

Организаторите на Токио 2020 година вчера објавија дека Миу Гото, членка на јапонскиот шампион во софтбол, ќе добие нов златен медал откако Такаши Кавамура, градоначалник на нејзиниот роден град Нагоја, го гризна нејзиниот медал на настан за да прослави. Тој притоа не го оштети медалот, но сепак предизвика скандал во Јапонија поради непочитување на протоколите на Ковид-19, но и непочитување на наградата на Гото.

Гризењето на одличјето одамна е вообичаена практика, како симболичен „брз тест за автентичноста на златото”, но тоа обично го чинат спортистите освојувачи. Јапонците на интернет веднаш го осудија градоначелникот. Дури и јапонскиот автомобилски гигант „Тојота”, кој е спонзор клубиот на Гото – „Тојота Ред териерс”, го осудува Кавамура.

„Жално е што не можеше да почувствува восхит и почит кон спортистот. Исклучително жално е што тој не размисли за превенција од зараза”, објави „Тојота”.

Кавамура се извини еден ден подоцна, а понуди и да плати за замената на медалот.

– Ја заборавив мојата позиција како градоначалник на Нагоја и постапив на крајно несоодветен начин Целосно сум свесен дека треба да размислам за тоа, изјави градоначалникот.

Но, според наводите, Меѓународниот олимпски комитет најверојатно ќе ги сноси трошоците за новиот медал.

You might also like
Menu