Родители се среќаваат со киднапираниот син кој упорно го барале 24 години

Љубовта на родителите е посилна од сè и никогаш не згаснува.

Животната приказна на Гуо Гангтанг и неговата сопруга е доказ за тоа. Нивниот син бил киднапиран од двојка која тргувала со луѓе додека си играл пред семејниот дом.

Доброто е што оваа приказна има среќен крај и покрај тоа што требало да поминат 24 години за родителите повторно да го прегрнат нивното момче. Емотивниот момент бил снимен, а видеото расплака милиони лица низ светот.

„Душо, душо, душо. Те најдовме сине мој, сине мој“ – вика мајката на момчето додека плаче неутешно.

Гуо Синџен имал само 2 години кога во 1997 година бил одделен од родителите и продаден. Полицијата отворила истрага за пронаоѓање на момчето, но случајот останал нерешен.

Затоа, господин Гангтанг одлучил да ги земе нештата во свои раце. Цели 24 години, упорниот татко возел низ земјата со мотоцикл и фотографија од синот, трагајќи по него. Тој се откажал од својата работа, ја истрошил целата заштеда, поминал половина милион километри, бил повредуван во сообраќајни незгоди и променил 10 мотоцикли, но во ниту еден момент не дозволил во него да згасне надежта дека ќе го пронајде неговото момче.

Инспиративниот татко бил поттик за снимањето на филмот „Lost and Love“ со што привлекол огромно внимание во својата татковина и помогнал во обединувањето на многу семејства со нивните изгубени деца. Околу 24 години по киднапирањето на неговиот син, со помош на ДНК тест, полицијата успеала да го лоцира момчето, а парот одговорен за неговото киднапирање бил уапсен.

You might also like
Menu