Од денеска во многу московски претпријатија мора да бидат вакцинирани најмалку 60% од вработените, во спротивно им се закануваат парични казни. Оние кои се во можност, а не се вакцинираат, стравуваат за своите примања.
Максим Белјајев е зафатен човек. Сопственикот на ресторан во Москва нуди и кетеринг-услуги. Во моментот кога разговаравме со него беше на аеродром заради ангажман на црноморското приморје. Во неговата компанија немал проблем да ја исполни потребната квота на вакцинирани лица, вели 39-годишниот бизнисмен. „Сите сфатија дека тоа е нужен предуслов за да може да се работи и сите се вакцинираа. Ниту едно лице не се спротивстави. Сите си ја ценат работата и ние едноставно го спроведовме вакцинирањето без многу дебати”, раскажува Белјајев.
Од денеска за гастрономијата, услужните и трговските дејности, како и за транспортните претпријатија во Москва важи обврска минимум 60 проценти од вработените да бидат целосно имунизирани. Истото важи и за образовниот и здравствениот сектор, како и за јавната администрација.
Парични казни и забрана за дејност
Ако една компанија не ја исполнува таквата квота ѝ се закануваат високи казни, раскажува Белјајев. „До 50 илјади рубљи, односно 600 евра за самостојни, до 300 илјади рубљи за компании и до еден милион рубљи ако и понатаму не се исполни обврската”, додава тој. Од негова гледна точка, најстрашната казна е забраната за дејност во времетраење од три месеци.
„Навистина немавме којзнае колку работа за време на пандемијата, но сепак не би сакал така да ме казнат”, вели Белјајев. „Но, и за вработени кои не сакаат да се вакцинираат има високи казни: ако не може да докажат дека имаат медицинска причина за да одбијат да се вакцинираат, може да бидат пратени на неплатено отсуство.”
Голема недоверба во вакцината
Една причина е големата недоверба на населението, дури и откако независни научници потврдија дека вакцината е многу ефикасна против корона. „Не верувам во вакцината”, вели 27-годишната Марина. Таа сепак се вакцинирала бидејќи работи на универзитетот и имала само две опции: „Или да се вакцинирам, или да земам неплатен одмор. Немаше дебата или алтернатива”, нагласува Марина.