Илон Маск работи на нов хуманоиден робот

Нов прототип на човековиден робот ќе биде претставен следната година од компанијата на Илон Маск, „Тесла“. Уредот ќе биде висок 172 сантиметри и тежок околу 56 килограми, ќе биде опремен со вештачка интелигенција, како и сет сензори што се користат во електричните возила произведени од компанијата.

Роботот ќе се вика „Тесла Бот“.

– Ако размислите, „Тесла“ е веќе најголемиот производител на роботи во светот, бидејќи нашите автомобили изгледаат како полуинтелигентни роботи на тркала. Би било логично технологијата развиена од компанијата да биде преточена во човековиден облик, истакна Маск.

Прототипот на „Тесла Бот“ ќе биде изработен од лесни материјали. Наместо лице, роботот ќе биде опремен со монитор за корисни информации. Со 40 активатори, роботот ќе се движи со брзина од осум километри на час и ќе може да крева предмети со тежина до 20 килограми.

– Тој мора да биде пријателски настроен, рече шефот на компанијата на шега.

Маск нагласи дека првиот „Тесла Бот“ ќе биде дизајниран да „извршува и сложени и здодевни задачи“, па дури и да пазарува, по потреба.

You might also like
Menu